Лекцијата од првиот круг на претседателските избори во Турција и победата на парламентарните избори од страна на Реџеп Таип Ердоган е дека настрана изненадувања и некаков неверојатен пресврт, на 28 мај актуелниот претседател повторно ќе биде победник. Резултат кој беше далеку од лесно предвидлив, имајќи предвид дека ривалот Кемал Киличдароглу водеше во речиси сите анкети.
Турција се потврдува како длабоко поделена држава, каде Истанбул, Анкара, западниот брег со Измир и курдскиот Исток, мнозински гласаа за опозицијата. Центарот на земјата, конзервативното срце на Анадолија, масовно е за Ердоган. Факт кој најмногу испливува од овие избори е подемот на националистите, главно поради сојузот на Киличдароглу со Курдите и меките позиции на Ердоган во однос на бегалците. Партијата за националистичко движење (МХП), сојузник на АКП на Ердоган, ги зголеми гласовите – 10,12%, додека Синан Оган со својата антибегалска реторика освои дури 5,2% од гласовите во првиот круг и ќе биде одлучувачки фактор во вториот круг.
Предноста од 4,5% и конвергенцијата во негова полза од голем дел од гласовите на Оган, иако тој веќе не е во добри односи со Девлет Бехчели, лидерот на МХП, би требало да му донесат нов мандат на Ердоган. 20 години политичка доминација на Ердоган очигледно не се доволни за мнозинството гласачи во Турција. Напротив, се потврдува очигледната демографска вистина дека „религиозната десница“ и натаму е повеќе од половина од турското општество.
Зошто нема политички земјотрес?
Кои се причините за овој континуитет на позицијата на моќ во Турција? Континуитет кој не треба да се помеша со стабилност, затоа што турските држави или општество, никогаш не биле особено стабилни, но знаеле да одржат стратешки и (гео)политички континуитет. Зошто и покрај големата економска криза, огромната инфлација не влијаеше на изборот на гласачите? И зошто дури и лошиот одговор на властите после катастрофалниот земјотрес, не се преточи во политички земјотрес за Ердоган и неговата АКП?
Веројатно затоа што Кемал Киличдароглу се потврди како премногу блед противник,додека вистинскиот опозициски кандидат, градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, преку судски пат беше елиминиран од играта. Киличдароглу од тој аспект дојде како втор избор во недостаток на нешто подобро, водејќи една коалиција која е премногу хетерогена, еден сојуз кој повеќе беше анти-Ердоган отколку про-Киличдароглу. Потоа, Кемал на гласачите им делуваше како премногу проамерикански и проевропски кандидат. Отворената поддршка која ја доби од Бајден и средбата со американскиот амбасадор во Анкара се покажаа како изборен бумеранг, знаејќи дека 9 од 10 Турци имаат негативно мислење за Америка.
Што се однесува до Ердоган, делува дека мнозинството Турци и понатаму го гледаат како гаранција за националниот карактер и идентитет на државата, како и на нејзините религиозни основи. Го ценат неоимперијалниот карактер и амбиција на Турција под Ердоган, сметајќи дека земјата конечно е вратена во рангот на големите сила. Нешто што не е далеку од вистината, со Турција која е клучен играч во сите меѓународни кризи, од Украина до Либија, од подемот во Средоземјото до влијанието во Кавказот и Балканот.
Кој и да победи во големата турска културна војна, речиси сигурно против себе ќе ја има скоро половина од земјата. Градовите и брегот ќе останат анти-Ердоган и прозападни, но на сите тие хетерогени движења за модернизација и демократизација најверојатно ќе им требаат уште неколку години и подобар лидер, кој ќе биде способен успешно да ги застапува во напорите за соборување на авторитарните и исламистички тенденции. Се разбира, под услов на 28 мај да не се случи чудо и Ердоган да излезе како губитник. И секако, под услов Ердоган да го прифати поразот.
Нова фаза на нестабилност
Но, каков и да биде исходот од претседателските избори, тоа нема да ја промени стратешката и империјалистичка траекторија на Турција. Тоа што е поверојатно е дека по изборите ќе започне една нова фаза на политичка нестабилност во Турција.
И страната на Ердоган, како и онаа на Киличдароглу, ќе се заложи да не дојде до дисконтинитет во надворешната политика и геополитичката постура на „Портата“. Идеолошките разлики помеѓу неокемалистите и исламистите на Ердоган имаат пред сѐ тактичка и политичка важност, но никако и стратешка. Тие не влијаат врз историската волја на Турците, по несреќите од периодот 1911-22, да го повратат статусот на голема сила кој беше изгубен во втората половина на 19 век. Турција политички и државно унитарно учествуваше во инвазијата на Кипар во 1974, тогаш предводена од партијата на Киличдароглу и тогашниот лидер Булент Еџевит. Помеѓу Ердоган, Киличдароглу и Бехчели постои стратешка солидарност кога станува збор за геополитичките амбиции на „наследниците на Отоманците“ и „војниците на Ататурк“.
Турската позиција на рамнотежа кон Украина и на еквидистанца кон САД и Русија се повеќе наследство на републиканците и неокемалистите отколку оригинална политика на Ердоган. Поддршката на Азербејџан и одржувањето на Турција како порта помеѓу Европа и Азија, се политики кои се поважни за опозицијата, отколку за гласачите на Ердоган. Судирот со Грција за Егејот и источното Средоземје е геополитички приоритет на неокемалистите, нешто на што Ердоган само се привикна и го присвои. На ист начин Ердоган ги прифати насоките на опозицијата за помирување со сирискиот режим во Дамаск. Едноставно, стратешките и геополитичките приоритети на Турција нема да доживеат никаква промена без оглед кој и да победи, и ќе продолжат во знакот на континуитетот.
Тоа не значи дека политичката стабилност во Турција ќе го следи истиот пат. Ако ја погледнеме историјата на Турција, било империјална и отоманска или национална и републиканска, таа секогаш била окарактеризирана од немири, граѓански војни, фази на помирување, борби за превласт, судири помеѓу апарати и кланови, државни удари и внатрешни преврати. И секогаш кога Турција ќе доживеела голема внатрешна нестабилност, веднаш знаела како потоа успешно да ја канализира на надворешен план. Дури и во поновата историја, сите турски воени интервенции, било во Сирија, Либија или поддршката за Азербејџан, се директна последица на неуспешниот државен удар од 15 јули 2016-та, можеби најтрауматичниот настан во нејзината републиканска историја.
Динамиката која ќе произлезе од овие избори сигурно нема да биде на ниво на претходниве настани, но изборниот резултат со сигурност ќе отвори една нова и турбулентна фаза во Турција. Затоа, победата на Ердоган ќе донесе континуитет, но не и стабилност. Длабоката држава и опозициските апарати веќе не веруваат во вечноста на Ердоган, па оттука, наместо само да се помират со евентуалниот пораз и нивното дефинитивно ликвидирање, ќе одберат да се судрат со ослабнатиот султан. Од слични причини се случи и државниот удар, затоа што Ердоган во 2016-та одлучи да ги елиминира преостанатите ѓуленистички ќелии во земјата.
Судирот меѓу двете Турции е неизбежен
Американците ќе продолжат да го вртат ножот во мекиот стомак на Ердоганова Турција и ќе бараат начини како да го дестабилизираат таканаречениот „сојузник“. Ако не преку државен удар како во 2016-та, тогаш барем како во 2018-та, преку финансиски маневри за рушење на лирата.
Ако победи Киличдароглу, тогаш судирите би биле уште понагласени. Би требало да владее со непријателски настроен Парламент и тешко замисливо е дека после евентуален пораз Ердоган би се повлекол да ги пишува своите мемоари. Тајните служби, кои и на овие избори, како и после земјотресот, преку психолошки операции му помагаа на султанот да го ориентира јавното мислење, тешко дека би го прифатиле соборувањето на Ердоган без да трепнат. Истото важи и за од страна на Ердоган реформираните воени сили.
Со други зборови, Кемал Киличдароглу не може да очекува дека ќе владее со државата на Ердоган, исто како што државата на Ердоган нема лесно да се предаде во рацете на нов претседател. Судирот меѓу двете Турции е неизбежен. Но, ништо од тоа, колку и да биде насилно или под маса извршено, нема да ја промени единственоста на Турција во нејзините стратешки и надворешнополитички определби.