Серија воени пучеви: ЕУ има голем проблем во Африка
1 септември 2023Министрите за надворешни работи и одбрана на Европската унија, кои по летната пауза се состанаа во шпанскиот град Толедо, преокупирани се и со низата државни удари во западна Африка. Првенствено во пространиот Нигер, но и со последното доаѓање на власт на воена хунта во Габон.
Тоа го покажува и слабеењето на влијанието и политичките неуспеси на Европската унија во африканскиот регион Сахели пошироко.
„Јасно е дека пучот во Нигер отвора нова ера на нестабилност во регионот кој и онака веќе беше кревок“, изјави во Толедо претставникот на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел.
Иако истакна дека воените удари никогаш не се решение, Борел сепак направи разлика меѓу Нигер иГабон. Во Габон исто семејство владееше пет децении и постоеја сомневања во правилноста на одржаните последни избори, додаде Борел.
Од друга страна, пучот во Нигер е вистински проблем за ЕУ, која во оваа африканска земја гледаше клучен сојузник во борбата против ширењето на регионални исламистички групи, кои се силни во соседните Нигерија и Мали.
Во Нигер војската во јули го собори претседателот Мохамед Базум, а многу граѓани на улиците на главниот град Нијамеј го поздрави пучот, а некои од нив носеа руски знамиња.
Ќе има ли војна?
На дводневниот собир европските министри договорија воспоставување законски рамки за санкции против водачите на пучот во Нигер, слични на санкциите кои ги воведе ЕКОВАС, економскиот блок држави на западна Африка.
Всушност, на состанокот во Толедо присуствуваа и претставници на таа африканска организација, како и шефот на дипломатјата на Нигерија. ЕКОВАС досега не постигна сосгласност околу воена интервенција во Нигер, иако некои држави ја споменуваат таа опција.
Борел не сакаше да се истрчува, изјави дека ЕУ, во поглед на евентуална интервенција, прво ќе сочека да види што предлага ЕКОВАС. „Африкански решенија за африкански проблеми. Ние сме во фаза на слушање и исчекување“, изјави шпанскиот дипломат.
Појасен беше италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани: „Ние се залагаме за дипломатски решенија, а не за воена акција против Нигер.“
Загриженост поради Вагнер
Со Нигер Европската унија го загуби последниот битен партнер во зоната Сахел, во последните три години пучеви се изведени и во Буркина Фасо, Гвинеја и Мали.
ЕУ е загрижена поради очигледното јакнење на анти-француска атмосфера во набројаните држави кои порано беа француски колонии.
Друга причина за загриженост во Брисел е што руската платеничка паравојска Вагнер го зајакнува присуството во Мали, Буркина Фасо и Централноафриканската Република.
„Зад пучот во Нигер не стојат Русите,но ќе ја искористат ситуацијата и нестабилноста за нова колонизација. Кина ќе го направи истото, но и Русите во овој момент се многу опасни поради Вагнер“, изјави Тајани.
Никој на состанокот во Толедо немаше волшебен одговор на овие проблеми. Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок рече дека е важно демократиите да ги поддржуваат загрозените демократии.
Нејзиниот ирски колега Мајкл Мартин повика во Африка, освен од безбедносен аспект, да се зборува и за постојани „вложувања во луѓе, во хуманитарна и развојна димензија.“
Дали Французите си заминуваат?
Додека тоа се подолгорочни прашања, поитно е она дали француските единици ќе останат во Нигер.Неодамна целосно се повлекоа од Мали по заострувањето на односите меѓу двете земји. И воената хунта во Нигер ги повикува да се повлечат.
Мартин Ронкереј, експерт од Европскиот центар за управување со развојна политика, смета дека на Французите не им е паметно да одржуваат воено присуство по секоја цена.
„Многумина сега велат дека Французите треба целосно да се повлечат и практично да заборават на сите свои интереси во Африка. Тоа посебно важи за Нигер“, вели тој за ДВ.
Аналитичарот додава дека не би требало да има залажување дека анти-француските чувства се само реторика на воените хунти, а не исостојба на јавното мислење. „Сметам дека е логично таму да се шират хоризонтите, наместо потпирање само на Франција.“