1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пуч во Нигер: Поддршка во земјата, осуда во странство

ДР /агенции
31 јули 2023

По пучот во Нигер, во главниот град маса луѓе на викендот дадоа поддршка на војската, предупредувајќи го Западот и соседните држави да не се мешаат. Пучот би можел да влијае на борбата на ЕУ против илегалната миграција.

https://p.dw.com/p/4UZi8
Нигер пуч
Демонстрации во Ниамеј за поддршка на воените пучисти во НигерФотографија: AFP/Getty Images

За време на демонстрациите кои во неделата (30. јули) ги организираа водачите на воениот пуч во Нигер, поддржувачите на хунтата ја нападнаа француската амбасада во Ниамеј, ги запалија портите и го палеа француското знаме и извикуваа слогани против Франција, чија колонија Нигер беше до 1960 година. Демонстрантите вееја руски знамиња и го извикуваа името на Путин.

Демонстрациите беа предупредување за Франција и Западноафриканската заедница на држави Ековас, кои остро го критикуваа минатонеделниот пуч, јавува репортерот на ДПА, како и новинската агенција Асошијетед Прес (АП). 

„Исто така би сакал да им порачам на ЕУ и на Ековас - ве молам да не се мешате во нашите работи”, вели еден од демонстрантите кој се претстави како Омар Бару Муса. „Време е нештата да ги земеме во свои раце, да работиме за себе, да зборуваме за нашата слобода, да останеме заедно и да имаме вистинска независност”, рече тој. 

Нигер пуч
Руски знамиња на демонстрациите за поддршка на воените пучисти во НигерФотографија: Balima Boureima/AA/picture alliance

Франција со остри реакции 

Пучот во Нигер наиде на осуда од меѓународните партнери, пред сѐ Франција, ЕУ, САД, ООН и други. 

Француската влада соопшти дека секаков напад врз француски државјани, дипломати, интереси или компании во Нигер ќе предизвика силна и моментална реакција. 

„Претседателот нема да толерира никаков напад врз Франција и нејзините интереси”, истакнаа од кабинетот на Макрон, кој пак разговарал со симнатиот од власт Базум и со поранешниот претседател Махамад Исуф. Двајцата го осудиле пучот.

Франција објави дека го сопира испраќањето на комплетната развојна помош за Нигер и повика Базум да се врати на власт. 

Ековас се закани со употреба на сила 

Западноафриканската заедница Ековас, која ја сочинуваат 15 држави, одржа итен состанок и остро го осуди државниот удар, како и странската помош за него. На хунтата ù е даден рок од една недела да го врати Базум на власт или во спротивно може да се соочи со употреба на сила. 

Ековас Нигер пуч
Западноафриканската заедница Ековас, која ја сочинуваат 15 држави, остро го осуди државниот удар во НигерФотографија: Kola Sulaimon/AFP/Getty Images

Ековас и Западноафриканската економска и монетарна унија соопштија дека ќе бидат затворени границите со Нигер, забранети комерцијалните летови, сопрени трансакциите и замрзнат националниот имот. На воените функционери, учесници во пучот ќе им биде забрането да патуваат, а имотот ќе им биде замрзнат. 

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во пресрет на состанокот на Ековас разговараше со нигерискиот претседател, кој претседава со Ековас и му ја понуди поддршката на САД за воспоставување на уставниот поредок во Нигер. 

Нестабилна, а важна зона 

Зоната Сахел се протега од Сенегал на запад до Џибути на исток. Многу исламистички милитанти од кои некои се заколнати на ИСИС, а други на Ал Каеда, редовно изведуваат напади. 

Нигер се сметаше за последен стабилен партнер на Западот во борбата против џихадистите во регионот каде има борба за влијание меѓу Русија и Западот. САД, Франција, Италија и Германија таму имаат сили за воени обуки и мисии против исламистите. 

Реакцијата на Ековас овој пат се разликува по тоа што во други државни удари не се заканиле со употреба на сила. Ековас безуспешно се обиде да ја обнови демократијата во западна и централна Африка каде од 2020 година имаше девет обиди за државен удар, а четири нации се актуелно под режим на воена хунта. 

Евгениј Пригожин, шефот на руската платеничка војска  Вагнер, го поздрави државниот удар како добра вест и понуди помош од неговите борци за да воведат ред во земјата. 

Прашањето за миграцијата

Стручњаците за конфликти велат дека од сите земји во регионот Нигер најмногу може да изгуби ако му го сврти грбот на Западот. Но, и интересите на Западот би биле загрозени, меѓу кои и стратегијата на ЕУ за намалување на илегалната миграција преку Средоземно Море, изјави за новинската агенција ДПА, шефот на Фондацијата Конрад Аденауер за регионот Сахел, Улф Лесинг. 

„Без Нигер, стратегијата пропаѓа”, рече Лесинг. Претходниот договор нема да има ефект ако новата воена хунта не продолжи со соработката.

Генерал Абдурахман Чиани пуч Нигер
Генералот Абдурахман Чиани ја презеде власта по пучот во НигерФотографија: Balima Boureima/picture alliance/AA

Нигер е една од најважните транзитни земји за африканските мигранти кои одат во ЕУ. 

Симнатиот од власт претседател Мохамед Базум беше клучен сојузник на ЕУ од 2021 година, кога ја презеде власта. 

ЕУ соработува со Нигер од 2015 година, пред сѐ на блокирање на критичните миграциски рути од Агадеза до Либија, а од тогаш бројот на мигранти во Либија е намален, вели Лесинг. 

Високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, најави дека ЕУ веднаш ќе ја прекине и буџетската поддршка на Нигер и дека ќе ги суспендира сите мерки на соработка во безбедноста на неодредено време. 

Според мислењето на Лесинг, прашање е дали казнените мерки на ЕУ ќе имаат ефект. „Навистина, позицијата на Европејците е слаба. Ако новите власти повторно ја отворат миграциската рута, ЕУ ќе мора да разговара со пучистите”, вели Лесинг за ДПА. 

Нигер е една од најсиромашните земји на светот, која годишно прима околу две милијарди долари развојна помош, но е и еден од најголемите производители на ураниум, а производството е во канадски и француски раце.