1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Секое трето дете во Македонија живее во сиромаштија

ДТЗ
17 октомври 2024

Над 120.000 деца во земјата, или 32,8 отсто од сите деца, живеат во сиромаштија. УНИЦЕФ повикува да се зголеми опфатот на деца кои ќе добиваат парична помош за да се намали за половина детската сиромаштија.

https://p.dw.com/p/4lthR
сиромаштија
На улиците во речиси сите градови низ земјата секојдневно се среќаваат деца без родителски надзор. Тие продаваат ситни производи, питачат или собираат стари работи од контејнеритеФотографија: DW/S. Toevski

Секое трето дете во Северна Македонија живее во сиромаштија. Според податоците на Државниот завод за статистика, над 120.000 деца во земјата, или 32,8 отсто од сите деца, живеат под националниот праг на сиромаштија. На Меѓународниот ден посветен на искоренување на сиромаштијата, УНИЦЕФ повикува да се зголеми опфатот со парична помош за деца и преку повеќесекторски одговор до 2030 година да се намали за половина детската сиромаштија.

Загриженост за ранливоста на децата 

Стапката на сиромаштија кај децата е за 50 отсто повисока отколку кај возрасната популација (22 отсто) и се зголеми од 28 отсто во 2015 година на 32,8 отсто во 2021 година, покажувајќи со тоа дека децата се изоставени од економскиот развој на земјата.

„Состојбата предизвикува голема загриженост имајќи предвид дека децата се поранливи на ефектите од сиромаштијата. Сиромаштијата во детството ги засега сите аспекти од животот и може да има доживотни последици врз физичкиот, когнитивниот и социјалниот развој на децата, и има висока цена врз човечкиот капитал и просперитетот. Земајќи го ова предвид, со усвојувањето на Целите за одржлив развој во 2015, земјата цврсто се заложи до 2030 година да го намали за најмалку половина процентот на деца што живеат под прагот на сиромаштија“, наведуваат од УНИЦЕФ.

Недоволното инвестирање во социјалната заштита придонесува да има недоволна опфатеност на децата во земјата, а  јавните расходи за социјална заштита заостануваат зад другите сектори и се далеку под просекот на Европската Унија. 

Парична помош под европскиот просек 

Помалку од 23 отсто од домаќинствата со деца во Северна Македонија добиваат парична помош наменета за деца или домаќинства со деца, додека просекот во ЕУ изнесува 88,4 отсто. „Една од клучните можности за справување со детската сиромаштија е проширување на опфатот и подобрување на висината на паричната помош за децата што живеат во сиромаштија“, посочуваат од УНИЦЕФ.

питачење
Според податоците на регистрирани улични деца, над 160 деца талкаат и питачатпо улиците во Северна Македонија. Претпоставките се дека дека нивната бројка е многу поголема. Фотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Ова може да вклучи проширување на образовниот додаток за да ги опфати и децата во предучилишно образование кое е клучно за градење вештини што им се потребни на децата за да успеат подоцна во животот, подобро информирање и поддршка за да им се овозможи на семејствата пристап до паричната помош која им следува и усогласување на паричната помош насочена кон децата со реалните трошоци на живот.

Според Организацијата на ОН за заштита на правата на децата „земјата би можела да размисли и за воведување универзална парична помош за деца, која на глобално ниво покажа дека државите може да си ја дозволат дури и во време на кризи, и е ефикасна политика за намалување како на вкупната сиромаштија, така и на детската сиромаштија“. 

Помош за секое дете 

Универзалниот пристап – парична помош за секое дете, драстично ги намалува административните трошоци, ризикот да се исклучат некои деца на кои им е потребна помош и ризиците од стигма и дискриминација.Универзалната парична помош за деца придонесува да се изгради и одржи социјалната кохезија, намалувајќи ја нееднаквоста. Покрај подобрување на паричната помош за семејствата со деца, справувањето со детската сиромаштија, исто така, налага повеќесекторски одговор со цел децата да имаат пристап до основните социјални услуги, како што се образование, здравство, исхрана и заштита, без стигма и дискриминација.

Тоа опфаќа воведување универзално здравствено осигурување за секое дете, што ќе значи да не се условува здравственото осигурување на детето со статусот на осигурување на родителите, проширување на пристапот до предучилишно образование, како и вклучување на децата со попреченост и децата вон образовниот систем.

„Владата во својата програма за работа се обврза да ја намали сиромаштијата и да ја зголеми помошта за најранливите групи, вклучително и децата и лицата со попреченост. Со проширување на социјалната заштита на децата, Владата ќе придонесе за остварување на својот приоритет за забрзување и одржување на економскиот раст, повисок животен стандард и квалитетен живот за граѓаните“, посочуваат од УНИЦЕФ.

Според податоците на регистрирани улични деца, над 160 деца талкаат и питачатпо улиците во Северна Македонија. Претпоставките се дека дека нивната бројка е многу поголема.  Истражувањето на Здружението „Градиме иднина“ во 2022 година, пак, покажа дека четири илјади деца во земјата се под ведро небо, 18.700 не се во училишните клупи, а 1.500 деца од ромската популација не се евидентирани со матични броеви.

Комитетот на ОН за правата на децата во септември 2022 година побара поголема заштита на децата од сите форми на сексуална и трудова злоупотреба, од дискриминација и насилство во училиштата во Северна Македонија. Комитетот побара да се стави крај на малолетничките бракови, питањето и трудовата експлоатација на децата и препорача секое дете да може да добие извод од матична книга бесплатно, но и да добијат документи децата без државјанство.  

Живуркање со 200 денари дневно