1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стотици деца талкаат и питаат по улиците

ДТЗ
12 април 2024

Нема прецизен податок колку деца питаат по улиците на главниот град и во внатрешноста на Македонија. Само во дневните центри за згрижување на деца, чија цел е да се сузбие питањето, има 80 деца

https://p.dw.com/p/4egeh
питачење
Стотици деца питаат по улиците на главниот град и во внатерешноста на Северна МакедонијаФотографија: picture-alliance/dpa/P.Zinken

Стотици деца питаат по улиците на главниот град и во внатрешноста на Северна Македонија. Дневните центри за згрижување на деца, чија цел е да се сузбие питањето, се преполни, но уште поголема е бројката на деца кои и понатаму се злоупотребуваат од страна на постарите, за питање, миење возила или продавање дребуии по улиците. 

Три центри за згрижување

Не може да се утврди точната бројка за децата на улица, бидејќи надлежните институции располагаат со различни податоци. На ниво на државата има три дневни центри за згрижување на деца на улица –  во Кисела Вода и две во Шуто Оризари.

„По правилникот ограничена е бројката до 24 деца, што значи дека во просек максималниот број не е повеќе од 70-80 деца кои се згрижуваат, но оваа бројка не е реална“, вели Васка Бајрамовска-Мустафа, државен советник од канцеларијата на Народниот правобранител.

Според неа, бројката која што ја гледаме секојдневно низ улиците, особено во попладневните часови, покажува дека ситуацијата е многу посериозна. Поради тоа е неопходно да се води системско следење на бројот, бидејќи различни се податоците коишто ги имаат центрите за социјална работа, граѓанските организации и Заводот за социјални дејност, кој, исто така, врши надзор за оваа негативна појава.

Различни податоци

Според податоците на МВР од минатата година, над 160 деца талкаат и питаат по улиците во Северна Македонија. Само во 2022 година се евидентирани 90 нови случаи, додека надлежните институции работеле со уште 78 случаи кои се евидентирани од претходно. Од нив, 60 деца биле згрижени во дневен центар, а четири деца биле сместени во мал групен дом. Изречени се и опомени за 22 родители поради негрижа и запоставување на децата, кои се оставени на немилост на улиците, но експлоатацијата на најранливите и незаштитените и понатаму продолжува. 

Истражувањето на Здружението „Градиме иднина“ во 2022 година, пак, покажа дека четири илјади деца во земјата се под ведро небо, 18.700 не се во училишните клупи, а 1.500 деца од ромската популација не се евидентирани со матични броеви.

Комитетот на ОН за правата на децата во септември 2022 година побара поголема заштита на децата од сите форми на сексуална и трудова злоупотреба, од дискриминација и насилство во училиштата во Северна Македонија. Комитетот побара да се стави крај на малолетничките бракови, питањето и трудовата експлоатација на децата и препорача секое дете да може да добие извод од матична книга бесплатно, но и да добијат документи децата без државјанство.

деца на улица, питачење
Поради отсуството на родителска заштита и контрола, овие деца се изложени на ризикот да станат жртвиФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Оставени на милост и немилост

На улиците во речиси сите градови низ земјата секојдневно се среќаваат деца без родителски надзор. Проблемот се провлекува со години наназад. Тие продаваат ситни производи, питаат или собираат стари работи од контејнерите, а неретко ги чистат ветробранските стакла од автомобилите на фреквентни раскрсници, доведувајќи ги во опасност сопствениот, но и животите на останатите учесници во сообраќајот. 

Анализите на овие деца покажуваат дека тие имаат домови и семејства, но економската состојба на семејствата е на многу ниско ниво и отсуствува родителската грижа и заштита. Па, наместо да се на училиште – тие талкаат, питаат и работат.  Неретко поради условите на живот, отсуството на родителска заштита и контрола, како и лесната достапност за потенцијалните сторители на кривични дела, овие деца се изложени на ризикот да станат жртви на разни видови злоупотреба или занемарување, да бидат вовлечени во девијантни појави и однесувања, како вршење кражби, проституција и слично. 

Комплексен проблем

„Ова е аларм дека навистина многу посериозно треба да се зафатиме со решавање на проблемот деца на улица, деца во социјален ризик“, вели Бајрамовска.

Заштитата на децата на улица е многу сложен и комплексен процес во  постапување на повеќе сектори во системот на заштита на децата.

Подобрувањето на тешката социо-економска состојба во која што живеат семејствата, како една од главните причини поради која тие често излегуваат на улица, е предуслов за решавање на проблемот со деца на улица и питањето. Ова е една од препораките на настанот „Растењето на децата во здрава семејна средина, со квалитетна родителска грижа - клучен сегмент за ефикасно решавање на негативната појава - деца на улица и питањето“ што се одржа денеска по повод 12 Април - Меѓународниот ден на децата на улица.

„Податоците што ги обезбедивме преку центрите за социјална работа, преку Заводот за социјални дејности, од интервјуата со самите родители, децата згрижени во дневните центри за деца во социјален ризик, деца на улица, укажуваат на тоа дека сѐ уште причините за појавата на деца на улица не се сфаќаат сериозно. Најголемиот број деца кои што питачат се припадници на ромската заедница, потекнуваат од семејства што живеат во крајно лоши услови на живеење, во супстандардни услови за живеење, без вода, без електрична енергија, без никакви можности за нормален раст и развој. Родителите се со многу ниско, ако не и без никакво образование, без работа и единствено егзистираат или преку питачење или евентуално преку обезбедување на право на социјална заштита“, вели Бајрамовска. 

Ваквата состојба алармира на многу посериозен начин на посветување за решавање на проблемот со деца на улица имајќи предвид дека еден дел од овие деца се неевидентирани во матичната книга на родени, што ги прави уште повеќе социјално ранливи.

Најсоодветно решение, според надлежните, е да може да се работи со овие деца и со родителите подеднакво. 

„Тешката социо-економска состојба во која што живеат овие семејства е една од причините поради кои тие често излегуваат на улица. Затоа една од нашите препораки од истражувањето е да се обезбеди постојан приход на овие семејства затоа што егзистенција со социјална помош очигледно не ги дава потребните резултати. Да се обезбеди ако ништо друго вработување на овие лица, да се едуцираат, да се овозможи нивна преквалификација доколку е потребно“, вели Бајрамовска.