1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кои се последиците од нафтеното ембарго против Русија?

Томас Шпинлер
29 ноември 2022

Дали ембаргото за руска нафта, кое стапува во сила наскоро, ќе даде посакувани ефекти, е нејасно. Меѓутоа, експертите сметаат дека е многу веројатно да дојде до повторно зголемување на цените.

https://p.dw.com/p/4KDBW
Нафтено поле во Татарстан, Русија
Нафтено поле во Татарстан, РусијаФотографија: Yegor Aleyev/TASS/dpa/picture alliance

На 5 декември стапува на сила ембаргото за нафта против Русија, донесено од Европската унија. Оттогаш во ЕУ нема веќе да тече руска нафта по морски пат. Освен тоа, ЕУ заедно со земјите од Г7 донесе и одлука за ограничување на цената на руската нафта што ќе важи од истиот ден. Во моментов се разговара за цена помеѓу 65 и 70 долари за барел. Во третата фаза, од 5 февруари 2023 година, нема веќе да се увезуваат нафтени производи од Русија.

Нова тензија на пазарот на нафта

Во изминатите недели цените на нафтата драстично паднаа поради глобалната економска загриженост. Ако во текот на летото цените се искачија на речиси 120 долари, цената на нафтата од сортата Брент во моментов е нешто над границата од 80 долари. Цената за барел (159 литри) сурова нафта ВТИ моментално е под 74 долари.

„На нафтениот пазар веројатно ќе дојде до значителна напрегнатост поради намаленото снабдување со нафта од ОПЕК + и претстојното нафтено ембарго на ЕУ против Русија“, предвидуваат аналитичарите на Комерцбанк. Бидејќи, според нивната проценка, ембаргото на ЕУ за нафта ќе доведе до забележлив недостиг на нафта во наредните месеци.

Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) проценува дека откако ембаргото ќе стапи на сила, ЕУ ќе мора да најде замена за околу еден милион барели сурова нафта дневно. На ова би требало да се додадат 1,1 милион тони нафтени продукти. „Овие количества наскоро ќе треба да се набават од друго место, а понудата на нафта надвор од Русија нема да се зголеми“, велат експертите на Комерцбанк. „Очекуваме цената на нафтата Брент да се зголеми на 95 долари за барел во наредните недели“, вели експертот за суровини Карстен Фрич.

На 5 декември стапува на сила ЕУ-ембаргото за руска нафта
На 5 декември стапува на сила ЕУ-ембаргото за руска нафтаФотографија: Yuri Kochetkov/dpa/picture alliance

Залихите на дизел наскоро ќе бидат на најниско ниво

Сепак, 5 февруари 2023 година, кога ќе стапи на сила ембаргото за нафтени деривати, ќе биде одлучувачки за пазарот на масло за греење и дизел горива. Според економистите на банката М.М. Варбург, во моментов со увоз од Русија се покриваат над 14 отсто од вкупните потреби на Германија.

Според Комерцбанк, сè уште не е можно да се предвиди дали ќе биде можно соодветно да се компензира загубата на руските испораки. Политичарите се надеваат дека ќе ги искористат зимските месеци за проширување на залихите на дизелот, за напролет, како резултат на трошењето на насобраните залихи на дизел, цените да не се зголемат премногу, оценуваат експертите од М.М. Варбург. Според нив, меѓутоа, веројатно станува збор за „желби“.

„Анализите сугерираат дека залихите на дизел веќе во март наредната година ќе бидат на најниско ниво на сите времиња“, велат економистите. Според функционалната логика на пазарите на суровини, тоа зборува за раст на цените наредната година. Со оглед на важноста на цените на енергенсите за развојот на инфлацијата, може да дојде и до нов поттик за раст на потрошувачките цени.

Откако ембаргото ќе стапи на сила, ЕУ ќе мора да најде замена за околу еден милион барели сурова нафта дневно
Откако ембаргото ќе стапи на сила, ЕУ ќе мора да најде замена за околу еден милион барели сурова нафта дневно Фотографија: Igor Russak/dpa/picture alliance

Ефектот на ценовната граница

Во меѓувреме, Русија се обидува да го заобиколи ембаргото и да отвори нови пазари за продажба на нафтата. Но, со ограничувањето на цената, на компаниите за бродски превоз, осигурување и реосигурување ширум светот треба да им се забрани да работат со руска сурова нафта доколку цената е над поставената граница.

Според сопствените изјави, Русија не сака да испорачува нафта на земјите кои учествуваат во ограничувањето на цената. „Пренасочувањето на руското снабдување до други клиенти ќе биде отежнато од ограничувањето на цената на руската нафта што стапува во сила истовремено со ембаргото за нафта“, велат експертите на Комерцбанк.

Прашање е дали очекуваните ограничувања во иднина ќе доведат до пад на побарувачката на руска нафта, велат експертите во М.М. Варбург. На крајот на краиштата, постојат атрактивни алтернативи за продажба на азискиот пазар. Во последниве месеци Индија и Кина, на пример, се појавија како купувачи на руска нафта: „Кина ја има втората по големина флота на бродови во светот и би можела самата да ги осигура своите бродови. Индија, исто така, би можела да ги осигура своите бродови преку кинески или руски реосигурувачи.“

Залихите на дизел веќе во март наредната година ќе бидат на најниско ниво на сите времиња, проценуваат експертите
Залихите на дизел веќе во март наредната година ќе бидат на најниско ниво на сите времиња, проценуваат експертитеФотографија: Andreas Gebert/dpa/picture alliance

Има ли Русија алтернативи?

Русија исто така бара начини да ги заобиколи санкциите и ценовната кочница. „Фајненшл тајмс“ го цитира Расел Харди, директор на компанијата за трговија со суровини „Витол“, кој вели дека Русија сè повеќе ќе се потпира на пумпање нафта од брод на брод на море, користејќи таканаречена темна флота танкери за да го прикрие руското потекло на нафтата.

И Турција би можела да биде од помош за Русија, бидејќи трговијата меѓу двете земји моментално цути. Според извештајот на Центарот за истражување на енергија и чист воздух (ЦРЕА), Русија го користела извозот на нафта во Турција за да го заобиколи ембаргото на земјите од ЕУ. „Турските рафинерии нудат порта за рускиот извоз на нафта, со тоа што рафинираат производи за пазарите кои не сакаат да увезуваат директно руска нафта или кои не можат сами натамошно да ја преработуваат“, се вели во извештајот. Така се создава нова рута за руската нафта до ЕУ - преку Турција.

Снабдување со нафта и гас: Кои земји би можеле да ја заменат Русија?