Самит на ЕУ: Силна солидарност со Зеленски
10 февруари 2023Едноставниот темен дуксер што украинскиот претседател Володимир Зеленски го носеше кога се појави во Брисел јасно покажа за што се работи при неговата посета. На дуксерот стоеше „United24". Тоа е укажување за веб-страницата што Зеленски лично ја користи за собирање донации и поддршка за одбраната на Украина. Посетата на Европскиот парламент и Европскиот совет, односно самитот на шефовите на влади, служи за добивање поголема европска помош и поддршка за загрозената земја.
„Враќање дома“
„Украина ќе биде членка на Европската унија, победничка Украина“, рече Володимир Зеленски на говорницата на Европскиот парламент. Тоа ќе биде и победа за ЕУ. Пред полната пленарна сала во Брисел, украинскиот претседател вети заедничка одбрана на европските вредности против рускиот диктатор, кој, како што рече, сака да ги уништи токму овие вредности. „Ова е нашата Европа. Ова е нашиот начин на живот. За Украина ова е како да се враќаме дома“, рече Зеленски пред пратениците, мислејќи на тековниот процес на пристапување во ЕУ.
Се разбира, претседателот на Украина им се заблагодари на пратениците и не само ним, туку на сите европски влади и на сите Европејци за историската поддршка на нападнатата држава. Пратениците повеќепати му аплаудираа стоејќи. „Овој аплауз не е за мене, туку за сите вас“, рече трогнатиот Володимир Зеленски, притоа мислејќи на сите Европејци. „Европа ќе постои сѐ додека стоиме заедно“, рече Зеленски, упатувајќи покана до сите пратеници да ја посетат Украина.
Многу симболи
Претседателот само накратко го повтори своето барање за борбени авиони и ракети со поголем дострел, што веќе го упати за време на посетата на Лондон. Тој јавно не постави никакви конкретни барања. Зеленски остана и прилично неконкретен во врска со желбата неговата земја брзо да се приклучи во ЕУ и остана само на симболични гестови. Заедно со претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, крена големо европско знаме. Во пленарната сала заедно се слушаа украинската и европската химна. Володимир Зеленски ја стави десната рака на срцето и енергично ја пееше својата химна. „Славата и волјата на Украина сè уште не се мртви, судбината ќе ни се насмевне“, гласи првиот стих.
Роберта Мецола потоа го пофали лидерството на гостинот како инспирација за неговиот народ и за светот во целина. Таа рече дека местото на Украина е во ЕУ. Таа го кажа она што Володимир Зеленски не го побара експлицитно. Според Мецола, на жртвите на Украина мора да им се оддаде почит со акции на Европејците, и тоа „преку најбрзиот можен процес на пристапување во ЕУ, со поголема воена помош. Следниот чекор за земјите-членки: Тие би морале да испорачаат ракети со подолг дострел и борбени авиони“.
Без цврсти ветувања
27-те шефови на влади на ЕУ го слушнаа барањето на претседателката на Европскиот парламент, но на нивниот самит во попладневните часови не беа дадени конкретни обврски. Запрашан од новинарите за исходот од неговите разговори, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека е благодарен за гаранциите дека ЕУ стои на страната на Украина додека не победи. Разговорите за борбени авиони ќе продолжат, работата продолжува, наведе Зеленски, кој не може јавно да зборува за сè, бидејќи, се разбира, Русија секогаш слуша. „Добив конкретни сигнали кои сега треба да ги преточиме во практични одлуки“, рече украинскиот претседател. „Не можам да си дозволам да си одам дома без конкретни ветувања.“
Пристапувањето во ЕУ зависи од напредокот
Малку поконкретна беше шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Таа вети дека десеттиот пакет санкции против Русија, кој се подготвува, ќе опфати мерки против пропагандистите на рускиот владетел Владимир Путин. Зеленски категорично побара носење на оваа казнена мерка против руската пропаганда.
Фон дер Лајен остави отворено дали ќе се исполни желбата на Украина да ги започне пристапните преговори со ЕУ оваа година. Тоа зависи од напредокот што Украина го прави во однос на реформите. Досегашните чекори во актуелната воена ситуација се „многу импресивни“. Постои надеж дека наесен ќе биде даден позитивен „извештај за напредокот“ на кандидатот за членство. Нема „ригиден временски план“. Канцеларот Олаф Шолц се залага за брз процес. Тоа, како што се вели, не смее да трае 20 години, како во случајот со земјите од Западен Балкан, на кои им беше ветено членство на самитот во Солун во 2003 година.
Самитот на ЕУ не го поддржа директно барањето на Украина и на ЕП за трибунал за воени злосторства за осомничените руски сторители. „Ве уверувам, Володимир, дека имаме политичка волја да бараме одговорност од сторителите“, рече претседателката на ЕК, Фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со украинскиот претседател. „Ќе најдеме начин.“ Прво, би требало да се формира специјален истражен центар во Меѓународниот кривичен суд во Хаг.
Не само единство
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, го опиша расположението за време на овој вонреден самит со земја која се бори против Русија како „многу емоционално“. 26 шефови на држави и влади ракоплескаа кога Володимир Зеленски се појави на самитот. Само еден не го стори тоа - унгарскиот премиер Виктор Орбан изгледаше скаменет. Орбан сè уште има релативно добри односи со рускиот владетел Путин. Унгарија продолжува да купува енергија од Русија и гради нова нуклеарна централа заедно со руска компанија.
Малку несогласување во ЕУ имаше и околу престојот на претседателот Зеленски во Париз. Деснорадикалната италијанска премиерка Џорџа Мелони се пожали дека средбата на Емануел Макрон и канцеларот Шолц со Зеленски во Елисејската палата во средата вечерта (8.02) била „непримерна“. „Мислам дека нашето единство е нашата сила“, рече Мелони. Колегата Макрон, според неа, организирал визуелно моќна средба во Париз пред вистинскиот самит во Брисел, главно од внатрешнополитички причини.
Зеленски ја започна својата европска турнеја во Велика Британија, а потоа отпатува за Брисел преку Париз. Непосредно пред Божик тој веќе ги посети САД и Полска.
Според дипломатите на ЕУ, маршрутите приближно го одразуваат уделот на испораките на оружје што го носат посетените сојузници. САД се убедливо најголем снабдувач со оружје на Украина, а потоа следат Велика Британија, Германија, Полска и Франција. Италија е дури на 8-то место.Канцеларот Шолц ги отфрли критиките за наводната германска колебливост во испораката на оружје. „Ние сме брзи“, рече Шолц, нагласувајќи дека Германија во ЕУ е најголемиот снабдувач на оружје за украинската армија.
Претседателот Зеленски во меѓувреме се врати во Киев. Во знак на европска солидарност тој испрати спасувачки екипи од Украина во земјотресниот регион во Турција. Чекор кој досега не го направија ниту сите земји-членки на ЕУ. „Ова е вистински европски дух“, го пофали гестот на гостинот од Украина претседателката на Европскиот парламент Мецола.