1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самит на ЕУ: Кавга околу ограничувањето на цената на гасот

Холгер Бекман
21 октомври 2022

Германскиот канцелар на ЕУ-самитот беше изложен на многу критики поради својот курс во енергетската криза. На крајот шефовите на држави или влади најдоа заеднички јазик. Но, има многу простор за различни интерпретации.

https://p.dw.com/p/4IV7p
Германскиот канцелар Олаф Шолц на почетокот на ЕУ-самитот во Брисел
Германскиот канцелар Олаф Шолц на почетокот на ЕУ-самитот во БриселФотографија: PIROSCHKA VAN DE WOUW/REUTERS

Преговорите меѓу 27-те членки на ЕУ на првиот ден од самитот траеја десет часа. Тоа е дефинитивно повеќе од вообичаено. Многумина сметаат дека маратонските разговори се одраз на нарушената атмосфера која е надвисната над оваа средба на шефовите на држави или влади на ЕУ и е речиси невозможно да се занемари - неусогласеност токму меѓу двете држави кои отсекогаш биле движечка сила на Европската унија, или барем се сметаа за тоа.

Но, сега, во енергетската криза, со сѐ уште отвореното прашање колку и за кого ќе има гас во наредниот период и по која цена, во оваа неочекувано силна криза, разликите помеѓу Берлин и Париз, помеѓу Олаф Шолц и Емануел Макрон, се покажаа на почетокот на самитот.

„Никој не сака да носи одлуки со кои работите теоретски се средуваат, а потоа нема гас - тоа треба да се уреди заеднички“, рече Олаф Шолц на почетокот на состанокот во Брисел. Тоа беше јасно отфрлање на она што го бараат другите земји на ЕУ: ограничување на цената на гасот за увоз на природен гас, вклучително и за увоз на гасот во течна варијанта - ЛНГ.

Шпанија би сакала таква граница, како и Италија, Белгија, балтичките земји, но и Франција. Германската позиција е непроменета. Берлин се плаши дека ако ЕУ навистина се одлучи за такво ограничување на цената, увозот на гас во Европа на крајот значително ќе падне - што би ја зголемило цената уште повеќе. Но, ограничувањето на цената ќе помогне, тврди францускиот претседател Емануел Макрон, и со завиени формулации, но сепак јасно и недвосмислено, ја стави Германија во тесно: „И покрај сè, денес има големо единство меѓу европските држави и ќе продолжам интензивно да работам со сите влади. Никому во Европа нема да му донесе ништо добро ако Германија се изолира“, рече Макрон.

Францускиот претседател Емануел Макрон со завиени формулации, но сепак јасно и недвосмислено, ја стави Германија во тесно
Францускиот претседател Емануел Макрон со завиени формулации, но сепак јасно и недвосмислено, ја стави Германија во тесноФотографија: PIROSCHKA VAN DE WOUW/REUTERS

Скептични се и Холандија и Скандинавците

Притоа, тој не спомна дека некои земји во ЕУ ја поддржуваат германската позиција, пред сѐ Холандија, но и Скандинавците. Затоа, мораше да се преговара до доцна во ноќта со цел да се покаже дека во ЕУ нема длабок јаз меѓу двајцата најважни протагонисти. Се водеа расправи за (не)ограничување на цената на гасот, за барем делумно заеднички набавки на гас од сите земји на ЕУ, како што предложи Комисијата, за ново регулирање на комплексните механизми на пазарот на гас. И навистина: околу два и пол часот по полноќ, пред новинарите во Брисел излезе еден добро расположен Емануел Макрон и изјави:

„Нашата најважна цел е намалување на цените на гасот. Се работи за механизми и ценовни коридори и заеднички трговски платформи за заштита на домаќинствата и компаниите. Тоа е нашата најважна цел.“

За почеток - начелен договор

Постигнато е приближување до таа цел, вели францускиот претседател. А германскиот канцелар, за свои услови исто така не помалку расположен, изјави:

„Се консолидиравме во Европа. И тоа е добар знак на солидарност. Знаеме дека руската инвазија има многу последици во светот и во Европа, а тоа секако е особено забележливо во високите цени на енергијата.“

„Никој не сака да носи одлуки со кои работите теоретски се средуваат, а потоа нема гас - тоа треба да се уреди заеднички“, уверен е германскиот канцелар Шолц
„Никој не сака да носи одлуки со кои работите теоретски се средуваат, а потоа нема гас - тоа треба да се уреди заеднички“, уверен е германскиот канцелар ШолцФотографија: YVES HERMAN/REUTERS

Се зборува за начелен договор. Сега треба да се разработат конкретни мерки за да се амортизираат високите цени на гасот и струјата, а министрите за енергетика треба да го сторат тоа во текот на наредната недела.

Шолц и Макрон се колнат во единство

Постигната е согласност за заедничка набавка на гас, а треба да се ограничат и ценовните флуктуации на пазарот на гас. Работата со ограничување на цената на гасот ќе остане тешка, барем така вели Олаф Шолц. Има уште многу сомнежи. А француско-германските разлики? Тие не постојат во таква форма, рече Макрон ноќеска. Нема секогаш исти позиции, тоа е нормално, нагласува тој. Но, блиската соработка со Германија продолжува, за што доказ е и планираната средба со Шолц следната недела.

Треба уште многу разговор

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, зборуваше за значителен напредок. Европа останува заедно во оваа криза. Имало интензивни, но конструктивни дискусии - со експресна волја да се најде заеднички пристап, вели Фон дер Лајен.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, зборува за значителен напредок
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, зборува за значителен напредокФотографија: Belga/IMAGO

Вака или онака, ќе треба уште многу да се разговара и да се преговара кога се во прашање деталите. Ова важи и за нови заеднички европски инвестиции, можеби финансирани со долг, како што бараат јужноевропските земји. Се вели дека сѐ уште има пари во различни програми на ЕУ по кои може да се посегне. Но, можеби е потребно повеќе. Ако по првата ноќ на самитот на ЕУ има некаков важен сигнал, тогаш тоа е дека нема раздор меѓу Германија и Франција. И, кај сите земји на ЕУ има волја да продолжат заедно во оваа криза. Но, голем мастер план за намалување на цените на енергијата - и натаму нема.