1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пред Скопје - уставните измени, пред Тирана - Белери

13 декември 2023

Денешниот самит ЕУ-Западен Балкан е можност да се потврди евроинтеграциската перспективата на земјите од регионот. Во фокусот - унапредување на постепената интеграција.

https://p.dw.com/p/4a656
карта на Европа сложувалка
Лидерите на ЕУ и Западен Балкан ќе се сретнат денеска (12.12) во БриселФотографија: Feyrer/Panthermedia/imago images

Лидерите на ЕУ и Западен Балкан ќе се сретнат денеска (13.12) во Брисел, една година по самитот што во тој формат се одржа во Тирана, во декември 2022 година. Денешниот самит е можност да се потврди перспективата за членство во ЕУ на Западен Балкан, како и потребата за одржливи и неповратни реформски достигнувања, поткрепени со вредностите и принципите на ЕУ. Како што е најавено, главни теми на разговор ќе бидат продлабочувањето на политичката посветеност кон Западен Балкан, доближување на партнерите од Западен Балкан до ЕУ и унапредувањето на постепената интеграција, градење на економска основа за иднината и ублажување на влијанието на руската агресивна војна против Украина, како и зајакнување на безбедноста.

По самитот, кој е дел од имплементацијата на стратешката агенда на Европскиот совет за 2019-2024 година, се очекува лидерите да издадат декларација.

Како што наведуваат домаќините на самитот, ЕУ има за цел да го приближи Западен Балкан до ЕУ, подготвувајќи го теренот за пристапување и донесувајќи конкретни придобивки за нивните граѓани уште за време на процесот на проширување. За таа цел, ЕУ има намера да истражи дополнителни мерки насочени кон понатамошно унапредување на постепената интеграција и ја нагласува важноста од целосно искористување на потенцијалот на постоечките правни инструменти.

Незавршени обврски

Самитот ЕУ-Западен Балкан се одржува еден пред клучниот самит на врвот на ЕУ (14 и 15 декември) на кој европските лидери ќе разговараат и за политиката на проширување, вклучувајќи го процесот на стабилизација и асоцијација и следните чекори во таа насока. За РСМ, камен на сопнување на тој пат остануваат неспроведените уставни измени.

На вчерашниот состанок на Советот за општи работи на ЕУ, на кој се подготвува средбата на врвот, според нацрт-заклучоците кои биле разгледувани, Советот е подготвен да го отвори првиот преговарачки кластер што е можно поскоро во согласност со Преговарачката рамка, но штом Северна Македонија ја спроведе својата заложба за завршување на уставните измени. Во нацрт заклучоците е нагласена важноста од забрзување на ЕУ-реформите, нужноста од независност на судството, борбата против корупцијата, но и загриженост поради одредени измени на Кривичниот законик. Советот ја повикува Северна Македонија да продолжи со напорите за понатамошно зајакнување на основните права, правата на лицата кои припаѓаат на малцинствата или на заедниците, слободата на медиумите и слободата на изразување, а добрососедските односи и регионалната соработка се потенцираат како суштински елементи на процесот на проширување.

Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен и македонскиот премиер Димитар Ковачевски во Скопје, 30.10.2023
ЕУ е подготвена да го отвори првиот преговарачки кластер што е можно поскоро во согласност со Преговарачката рамка, но штом Северна Македонија ја спроведе својата заложба за завршување на уставните измени (фото: претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен и македонскиот премиер Димитар Ковачевски во Скопје, 30.10.2023)Фотографија: Boris Grdanoski/AP/picture alliance

Неспроведните уставни измени биле во фокус и на вчерашните разговори во Париз меѓу потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, со француски сенатори и со Лоик Ерве, заменик-претседател на Сенатот на Француската Република и претседавач на Групата за пријателство Франција-Бугарија. Таа оценила дека прашањето за идно проширување на ЕУ станува уште поделикатно во пресрет на изборите за Европскиот парламент следната година. Како што соопшти претседателската прес-служба, Јотова ѝ се заблагодарила на Франција за францускиот компромис за Република Северна Македонија, но изразила загриженост дека по неговото постигнување нема никаков развој во РСМ.

„Бугарија не поставува нови услови, туку инсистира да се исполни договореното. Нема никакво придвижување и за обврската за промена на Уставот, во кој Бугарите ќе бидат запишани како државотворен народ. Бугарската позиција е категорична по прашањето за реалната заштита на правата на македонските Бугари“, изјавила Јотова.

Химара ќе реши

Дали за разлика од Скопје, Тирана ќе има непречен пат за отворање на преговарачките кластери? Грчката новинска агенција АНА-МПА повикувајќи се на дипломатски извори од Брисел, вчера објави дека „Грција нема да се согласи да се премине кон следната фаза од преговорите за присоединување на Албанија во ЕУ, доколку нема напредок по прашањето за избраниот градоначалник на општината Химара, Фреди Белери“.

Како што е познато, Белери (52) е припадник на грчкото малцинство Албанија, кој во мај годинава беше избран за градоначалник на приморското туристичко гратче Химара, каде доминантно живеат албански Грци. Тој беше уапсен под обвинение за купување гласови, што тој го негираше. И покрај изборната волја на гласачите, не му беше дозволено да положи заклетва.

знамиња грција Албанија
Грција и Албанија треба да ги надминат несогласувањата околу случајот со градоначалникот на ХимараФотографија: Pond5 Images/imago images

Според изворите на грчката новинска агенција, ставот на Грција за овој случај бил јасен и објаснет на албанската страна. Имено, Грција се согласила со испраќање писмо од ЕУ до Тирана, што е прв чекор во отворањето на пристапните преговори, со услов Албанија да направи „јасно придвижување во насока кон востановување на политичката волја на електоратот на Химара“, пред следната фаза од процесот.

Според изворите, не се работело за прашање кое ја засега независноста на судската власт, туку чисто политичко-административна одлука, со објаснување дека грчката страна не бара судско решение ниту се се меша во него, туку бара на избраниот градоначалник да му се дозволи да положи заклетва и да ги оствари неговите политички права.