Грција ја блокира интеграцијата на Албанија во ЕУ?
13 декември 2023Алтин Мешини е успешен производител на органско сирење во Пермет, во јужна Албанија. Неговата продавница е вистинска туристичка атракција: се наоѓа во голем бункер, изграден во 1939 година од страна на фашистичка Италија на Мусолини и користен од италијански војници за гранатирање ровови на грчката армија за време на грчко-италијанската војна од 1940 до 1941 година.
Во тоа време Албанија беше окупирана од Италија. Откако грчката војска ги потисна Италијанците, околу Пермет избувнаа крвави борби. Според грчката амбасада во Тирана, за време на грчко-италијанската војна, во Албанија загинале околу 8.000 грчки војници, од кои 1.300 биле погребани на гробишта во Албанија.
За Алтин Мешини, зачувувањето на спомените од војната како ова е важен чекор кон разбирање колку се скапоцени животот и мирот. „Погледнете ја мојата млекарница“, вели тој за ДВ, „таа е направена за да одземa животи во апсурдна војна. Јас ja користам за да хранам животи во мир“.
Луѓето како Мешини можеби ги научија лекциите од минатото, но истото не може да се каже за односот меѓу Албанија и Грција. Билатералните односи меѓу двете земји се затегнати подолго време, а многу проблеми имаат корени во минатото.
Официјално сѐ уште во војна
Тука се вбројуваат несогласувањата околу разграничувањето на поморските области, воената состојба меѓу двете земји која официјално сè уште трае, како и прашањето за имотните права на припадниците на грчкото малцинство во Албанија.
Откако Италија ја нападна Грција од територијата на окупирана Албанија, Грција ѝ објави војна на Албанија во октомври 1940 година. Иако Албанија и Грција потпишаа договор за пријателство во 1996 година, двете членки на НАТО технички сè уште се во војна.
Според претставник на грчкото Министерство за надворешни работи, грчката влада се согласила да стави крај на воената состојба уште во 1987 година, но грчкиот парламент никогаш не ја ратификувал таа одлука. Воената состојба долго време е извор на тензии меѓу овие две земји.
Завршувањето на воената состојба е важно за Албанија, бидејќи може да ја отвори вратата за преговори за репарации за малцинството Чами. Тоа албанско малцинство долго живеело во денешниот северозападен грчки регион Епир. По Втората светска војна, Грција протерала и конфискувала имот на голем број муслимански Чами, бидејќи наводно соработувале со окупаторите. По завршувањето на диктатурата во 1990-тите, Албанија бараше репарации од Грција, а етничката група Чами во Албанија се залага за правото да се врати во Грција. Грција ги отфрла овие барања со пораката дека секој кој сака да бара враќање на имот треба да го стори тоа на суд.
Грчки кандидат за градоначалник уапсен во Албанија
Сепак, најголемата спорна точка меѓу двете земји во моментов е случајот со Фреди Белери, 52-годишен припадник на грчкото малцинство во Албанија, кој беше избран за градоначалник на албанската општина Химара на 14 мај 2023 година. Повеќето од луѓето кои живеат таму се албански Грци.
Белери не можеше да положи заклетва, бидејќи беше уапсен под обвинение за купување гласови. Тој тоа категорично го негира. Сите негови барања за ослободување или за преземање на функцијата досега беа одбиени од албанските судови.
Во заднина на овој случај веројатно е борбата за земјиште и недвижнини на живописното јадранско крајбрежје на Албанија и потенцијалот на Химара како туристичко место.
„Многу имоти на брегот им припаѓаат на етнички Грци, кои живеат во Химара и во околните села“, вели Скердијан Дули, адвокат од Химара. „Меѓутоа, од различни причини - првенствено поради корупција во јавните институции кои се занимаваат со недвижен имот - локалните сопственици не можат да инвестираат во својот недвижен имот.“ Засегнати се и локалните албански сопственици на имот.
Причината е специфичноста на албанското законодавство за крајбрежните области. Сите инвестиции таму мора да бидат одобрени од националното тело на чело со премиерот Еди Рама. Покрај тоа, овој Национален совет може да назначи инвеститори кои можат да инвестираат во имотот на локалните сопственици. Адвокатот Дули смета дека оваа необична регулатива е всушност начин да се „ограби имотот на локалните сопственици“. Според него, во Химара има околу 4.000 вакви „преклопени парцели“.
Фреди Белери, кој е опозиција на владејачката Социјалистичка партија (ПС) на премиерот Рама, вети дека ќе го промени тоа кога ќе стане градоначалник.
Грција остро реагираше на апсењето и притворањето на Белери, обвинувајќи ја Албанија за кршење на владеењето на правото и правата на грчкото малцинство. Атина тврди дека притворот на Белери е политички мотивиран и навести дека тоа може да го блокира почетокот на преговорите на Албанија за пристапување во Европската унија. За започнување на тие преговори потребно е за тоа да гласаат сите членки на ЕУ.
Длабока недоверба
Според новинарот и писател Ставрос Цимас, меѓусебната недоверба игра многу важна улога во односите меѓу Грција и Албанија. „Од годините на комунистичкиот диктатор Енвер Хоџа и времето кога таа земја беше изолирана, во Албанија преовладуваше чувството на опкруженост со непријателот. Во круговите на политичарите, историчарите и на новинарите постојано постои сомнеж дека Грција има намера да ја распарчи Албанија“, вели Цимас за ДВ, но додава дека „има недоверба и на грчката страна - иако грчката јавност всушност не е многу заинтересирана за тоа што се случува во Албанија“.
Се враќаме во органската млекарница во поранешниот бункер во Пермет. Таму Алтин Мескини гледа кон иднината. „Секоја година доаѓаат многу Италијанци и Грци. Ги привлекува“, вели тој, „необичната историја на бункерот.“
„Кога зборуваме за минатото, сите се согласуваме дека сакаме да живееме во мир и да имаме добрососедски односи. Сакаме минатото да остане во историјата и да не ја замагли нашата сегашност и нашата иднина“, заклучува тој.