1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

САД: Русија користи ракети од Северна Кореја

ЕМФ | агенции
5 јануари 2024

Русија при своите последни воздушни напади на Украина користела и балистички ракети од Северна Кореја, соопштија САД.

https://p.dw.com/p/4at5H
Џон Кирби, директор за комуникации на Националниот совет за безбедност на САД
Џон Кирби, директор за комуникации на Националниот совет за безбедност на САДФотографија: Saul Loeb/AFP/Getty Images

Русија, според сознанија на САД, користи ракети од Северна Кореја за напади врз Украина. Директорот за комуникации на Националниот совет за безбедност на САД, Џон Кирби, изјави дека според американски информации Пјонгјанг на Москва ѝ доставил системи за исфрлање балистички ракети и муниција. Руските воени сили, како што се додава, во деновите околу Нова година испалиле повеќе вакви ракети врз Украина. „Тоа е значајна и загрижувачка ескалација на севернокорејската поддршка за Русија“, изјави Кирби во Белата куќа. САД, како што се нагласува, ги проценува предизвиканите штети од ракетите кои имаат дострел од околу 885 километри.

Според Вашингтон, има индиции и за разговори помеѓу Москва и Техеран околу испорака на ракети. Американската влада смета дека Русија е зависна од Северна Кореја и Иран за оружје за нејзината војна во Украина. Овие две земји се во голема мера меѓународно изолирани поради нивните нуклеарни програми и состојбата со човековите права.

Според Кирби, САД сакаат да ја изразат својата загриженост за употребата на оружје пред Советот за безбедност на ОН и размислуваат за дополнителни санкции против севернокорејски и ирански поединци и институции.