1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

САД: Прво важно кадровско решение на Трамп

СН/агенции
8 ноември 2024

Како стратег на кампањата, Сузи Вајлс беше клучна во изборниот успех на Доналд Трамп. Сега таа е наградена со моќна позиција: Вајлс треба да биде нова шефица на кабинет во Белата куќа.

https://p.dw.com/p/4mmZd
Сузи Вајлс ќе биде шефица на кабинетот во Белата куќа под раководство на Доналд Трамп
Сузи Вајлс ќе биде шефица на кабинетот во Белата куќа под раководство на Доналд ТрампФотографија: Andrew Harnik/AP Photo/picture alliance

Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп најави дека неговата менаџерка на кампањата Сузан Самерл Вајлс ќе ја извршува функцијата шефица на кабинетот во Белата куќа.

Со тоа таа ќе стане прва жена во американската историја на чело на кабинетот во Белата куќа. „Сузи е силна, паметна, иновативна и исклучително почитувана. Таа ќе биде клучна во остварувањето на нашите цели да ја направиме Америка повторно голема. Чест е да се биде првата жена на оваа позиција и сигурен сум дека ќе ја направи нашата земја горда“, се вели во соопштението на Трамп.

Вајлс, долгогодишен републикански стратег од Флорида, се здоби со широко признание за нејзината улога во управувањето со кампањата на Трамп во Флорида во 2016 и во 2020 година. Пред тоа, таа беше менаџер на кампањата за гувернер на Флорида во 2010 година на Рик Скот и накратко раководеше со кампањата на поранешниот гувернер на Јута, Џон Хантсман, во 2012 година.

Доналд Трамп оствари убедлива победа на изборите: Сузи Вајлс е меѓу најзаслужните за тоа
Доналд Трамп оствари убедлива победа на изборите: Сузи Вајлс е меѓу најзаслужните за тоаФотографија: Ronda Churchill/AFP/Getty Images

Агенцијата Асошиејтед прес наведува дека Вајлс е во голема мерка одговорна за водењето на кампањата на Трамп, која ја смета за најдисциплинирана и најефикасна досега.

АП известува дека Вајлс настојувала да остане подалеку од очите на јавноста, дури и избегнувала да зборува за време на прославата на победата на Трамп. Како дел од изборната процедура, откако ќе се пребројат гласовите и ќе бидат потврдени резултатите во сите сојузни американски држави, ќе гласаат електорите ширум Америка во декември. Тогаш Конгресот ќе го потврди изборот на Трамп за претседател на почетокот на јануари.

Инаугурацијата на новиот претседател на САД е закажана за 20 јануари 2025 година во Вашингтон. Според последните податоци, Трамп на претседателските избори освоил 295 електронски гласови, додека неговата противкандидатка од Демократската партија Камала Харис освоила 226.