1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

САД: Првите чекори на Трамп откако стана претседател?

Тимоти Рукс
20 јануари 2025

За време на кампањата, Трамп се залагаше за повторно воспоставување царини, намалување на имиграцијата од Мексико и откажување од Парискиот договор за климата. Предвидувањата се потврдија во неговиот говор.

https://p.dw.com/p/4pGr1
Доналд Трамп
САД: Што ќе направи Трамп најпрво кога ќе стане претседател?Фотографија: Cheney Orr/REUTERS

Првите денови на Доналд Трамп на претседателската функција ќе бидат симболично важни и неговите постапки најверојатно ќе бидат микс на домашна и меѓународна политика. Уште во инаугуративниот говор тој најави серија мерки со кои сака да им покаже на гласачите дека мисли на бизнисот, додека ја демонстрира моќта на Америка во странство.

Искористување на претседателските извршни наредби

За да се забрзаат работите, Трамп ќе зависи од претседателските извршни наредби, кои се директиви издадени од претседателот. Овие наредби го заобиколуваат американскиот Конгрес и можат да опфатат низа прашања како националната безбедност, надворешната политика и регулаторните прашања. Се очекува еден куп од нив да биде готов за да се потпише на 20 јануари.

Во телевизиско интервју на „Meet the Press“ (Запознајте го печатот) на 8 декември, Трамп потврди дека ќе потпише „многу“ извршни наредби на првиот ден во врска со економијата, енергијата и што е најважно со границата со Мексико. 

Сепак, извршните наредби немаат сеопфатна моќ и можат да се користат само за насочување на активностите на извршната власт, вели Ден Малинсон, вонреден професор по јавна политика и администрација во Пен Стејт Харисбург во Пенсилванија.

Овие овластувања сè уште можат „да бидат широки, вклучително и неговото ветување за затворање на границата“, изјави тој за ДВ, „но, други наредби само го започнуваат бавниот процес на федерални правила, кој може да потрае со години“.

САД
За време на кампањата, Трамп се залагаше за повторно воспоставување царини, намалување на имиграцијата од Мексико и откажување од Парискиот договор за климата. Фотографија: Brendan Smialowski/AFP

Имиграција и масовни депортации

По доаѓањето на националната сцена, Трамп е фиксиран на границата со Мексико и луѓето што ја минуваат за да влезат во САД. Во неговиот прв мандат, тој сакаше да го доврши ѕидот меѓу двете земји и Мексико да плати за тоа.

Четири години подоцна, запирањето на нерегуларната миграција преку обезбедување на границите на земјата беше едно од главните прашања што му помогна на Трамп да биде реизбран. Тој најверојатно ќе ја оживее политиката „Остани во Мексико“, која им налага на барателите на азил да чекаат во Мексико додека се обработуваат нивните барања.

За оние коишто се веќе во земјата илегално, тој повика на најголемата масовна депортација во историјата на земјата, фокусирајќи се прво на криминалците пред да се сврти кон други имигранти без документи.

И покрај овој план - и сите извршни наредби за забрзување на депортациите - за да се случи ова ќе треба време и поддршка од локалните и државните агенции. Исто така ќе се соочи и со правни предизвици.

Покрај борбата против нерегуларната миграција, Трамп најверојатно повторно ќе ја забави легалната миграција, што подразбира и потешко и поскапо добивање на работни дозволи, зелени картони и визи. Ова може да влијае на квалификуваните работници и потенцијалните студенти на универзитетите.

Трамп, исто така, потврди дека прекинот на државјанството со право на раѓање е приоритет број 1, ако е можно, преку извршна акција. „Ќе ставиме крај на тоа, бидејќи е смешно“, рече тој. Ова може да биде тешко бидејќи принципот дека секој роден на американско тло е американски државјанин е вметнат во Уставот.

Закана од царини за увезена стока

Трговијата е уште една област што добива големо внимание од Трамп. Неодамна, тој предложи царини од 10% за се што влегува во САД. Мексико, Канада и Кина, најголемите трговски партнери на земјата, ќе бидат погодени со уште повисоки давачки. 

„Сè уште не е јасно до кој степен тоа ќе се случи или дали се користи заканата од царини за да се туркаат одредени земји на трговски преговори“, рече Малинсон. Сепак, врз основа на неговото искуство, тој мисли дека Трамп ќе воведе барем некои нови царини.

Додека претседателот има овластување да наметнува царини за одредени категории на увоз, воведувањето на царини за сите стоки би било покомплексно. Ваквиот потег би предизвикал хаос и би бил оспорен на суд.

Дополнително, царините би можеле да придонесат за домашните проблеми. „Гневот поради инфлацијата му помогна на Трамп да ја добие претседателската функција, но тој може брзо да ја изгуби јавната наклонетост ако неговата економска политика ги зголеми цените или ја загрози економијата“, рече Малинсон.

гас
Трамп ќе бара да го зголеми извозот на течен природен гас, особено во Европа за да ја надомести загубата на рускиот гасФотографија: Lex van Lieshout/ANP/AFP/Getty Images

Повторно напуштање на Парискиот климатски договор 

Животната средина е помалку важна за американските гласачи отколку економијата или миграцијата, но Трамп сепак ја има високо на својата агенда. 

За време на неговиот прв претседателски мандат, тој ги повлече САД од Парискиот договор , кој треба да ги намали емисиите на јаглерод за да се бори против климатските промени. Џо Бајден ја смени таа одлука и повторно се приклучи на договорот на неговиот прв ден на функцијата. 

Сега, Трамп не само што најави повторно повлекување од Договорот, туку вети дека ќе го прошири производството на сурова нафта. Со оглед на тоа што тој се фокусира на хидрауличното фрактурирање (фракинг) и на фосилните горива, не треба да изненадува ако тој повторно се повлече од климатскиот договор како еден од неговите први официјални акти.

Трамп покажа непочитување на производството на енергија од обновливи извори на ветер и електричните возила. Овој скептицизам може да доведе до други извршни наредби кои ќе ја загрозат заштитата на животната средина и ќе го забават темпото на проектите за обновлива енергија.

Помилување за осудените демонстранти во Капитол

Претседателското помилување, алатка која му дава на претседателот овластување да им простува на луѓето осудени за федерални злосторства или да ја прекине затворската казна, исто така може да стапи на сила првиот ден.

Трамп јасно стави до знаење дека може да ги помилува повеќето од стотиците луѓе осудени за упад во зградата на американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година.

„Најверојатно, ќе го направам тоа многу брзо“, потврди тој, велејќи дека тоа ќе биде приоритет на првиот ден, дури и ако се изјаснат за виновни за кривично дело како напад на полицајци, „затоа што немале избор“ освен да се изјаснат за виновни.

Дали Трамп ќе се обиде да се помилува себеси за какви било федерални злосторства е отворено прашање.

На крајот на краиштата, само тимот на Трамп знае што е на агендата за неговите први денови на функцијата. Но, тој ќе треба да дејствува брзо, бидејќи среднорочните избори за две години би можеле да стават крај на републиканското мнозинство во Сенатот или во Претставничкиот дом.

„Претседателите доаѓаат на функција со мандат и политички капитал што брзо се намалува“, заклучува Малинсон. „Тој не може да се кандидира повторно во 2028 година, така што сè што сака да постигне мора да се случи во еден мандат“.