1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Руската нуклеарна доктрина: прашањето за црвената линија

Андреас Нол
26 октомври 2024

Украина со месеци врши притисок врз своите западни партнери да ги укинат ограничувањата за употреба на западно оружје на територијата во Русија. Сепак, големите земји на НАТО сè уште се двоумат

https://p.dw.com/p/4lGoi
Постојана комисија на Советот за безбедност за нуклеарно одвраќање во Русија
Владимир Путин на седница на руската „Постојана комисија на Советот за безбедност за нуклеарно одвраќање“Фотографија: Aleksei Nikolsky/Pool Sputnik Kremlin/AP/dpa/picture alliance

Володимир Зеленски отпатува во САД со „план за победа“, но во Вашингтон не ја доби очекуваната поефикасна воена поддршка од Западот. Според желбите на украинското раководство, оваа поддршка требаше да биде договорена на самитот на Украина и земјите од НАТО на 12 октомври во Рамштајн, американската воена база во Германија.

Украина со месеци врши притисок врз своите западни партнери да ги укинат ограничувањата за употреба на западно оружје на територијата во Русија. Сепак, големите земји на НАТО сè уште се двоумат, не сакаат да одобрат оружје со долг дострел за цели во позадината на Русија. Германскиот канцелар Олаф Шолц го оправдува одбивањето со „високиот ризик од ескалација“. Меѓутоа, некои партнери во НАТО имаат поинаков став. 

Украина АТАЦМС ракета
Украина сака со западни ракети (АТАЦМС ракета на фотографијата) да врши напади длабоко на руска територија Фотографија: DW

Путин најавува нова нуклеарна доктрина

Во овој контекст, експертите го анализираат и проширувањето на  руската нуклеарна доктрина.  Претседателот  Владимир Путин  во изминатите месеци постојано се закануваше со употреба на нуклеарно оружје и нагласуваше дека постојните правила треба да се прилагодат на „новите околности“.

На крајот на септември руската државна телевизија пренесе снимки од инаку тајна седница на „Постојаната комисија на Советот за безбедност за нуклеарно одвраќање“. На тој состанок Путин изјави дека Русија го проширила списокот на воени закани против кои нуклеарното оружје може да се користи како одвраќање. Москва сега може да одговори со нуклеарно оружје во случај на жесток воздушен напад, било да се тоа крстосувачки ракети, авиони, проектили или роеви беспилотни летала. Новите правила важат и за соседна Белорусија, која формира Државна унија со Русија.

Руско тактичко нуклеарно оружје
Руските единици во мај 2024 година одржаа воени вежби за користење на тактичко нуклеарно оружје Фотографија: Russian Defence Ministry/AFP

Западот цел на руските одмазднички напади?

Ажурираната доктрина содржи и директна порака до Западот: „Во ажурираната верзија на документот, се предлага агресијата врз Русија од страна на држава без нуклеарно оружје, но со учество или поддршка на некоја земја која е нуклеарна сила, да се смета за заеднички напад врз Руската Федерација“, рече Путин на седницата.

За западните нуклеарни сили, таа нова формулација може да го зголеми ризикот да станат цел на руски одмазднички напад. Со прилагодената доктрина, Москва формално го намалува прагот за  употреба на нуклеарно оружје и го проширува својот простор за маневрирање. Тоа значи дека Москва би можела да одговори со нуклеарен напад веќе и како одговор на помасовен напад со беспилотни летала врз Русија, како оние што се веќе неколкупати извршени.

Меѓутоа, останува нејасно каде е точно точката во која Русија би посегнала по нуклеарното оружје и дали Кремљ воопшто размислува за тоа. Своевремено Москва ги означи украинските ракетни напади на Крим како „црвена линија“, но тогаш сепак немаше  нуклеарна ескалација.

Сигнал до Западот

Политичарите и безбедносните експерти во моментов не гледаат „револуционерна промена“ во приспособената доктрина и, меѓу другото, истакнуваат дека во доктрината не се предвидени  превентивни нуклеарни напади.  Меѓутоа, руските пропагандисти и политичари во последниве месеци постојано бараа рушење на тоа табу.

Во моментов новите формулации во доктрината се „сигнал до Западот“, оценува литванскиот министер за одбрана Лауринас Кашчиунас. Путин стравува дека Украина може да добие од Западот можност за длабоки удари на руска територија.

Литванскиот министер за одбрана Лауринас Кашчиунас
Литванскиот министер за одбрана Лауринас Кашчиунас се залага за испорака на повеќе оружје на УкраинаФотографија: privat

„Путин всушност признава дека тоа сериозно би ја влошило ситуацијата за него. За нас тоа значи дека треба да ѝ дадеме на Украина оружје со долг дострел, да ги укинеме географските ограничувања (на нападите), да  ѝ ставиме на Украина на располагање користена опрема или да инвестираме во украинската воена индустрија за да може самата да произведува таква опрема“, изјави Кашчиунас за ДВ.

Кремљ, пак, во меѓувреме реагираше на критиките од Запад во врска со проширената нуклеарна доктрина. Приспособувањето на нуклеарното одвраќање беше неопходно, бидејќи инфраструктурата на НАТО се доближува уште повеќе до границите на Русија, а западните сили со своите испораки на оружје на Украина сакаат да постигнат победа над Москва, изјави портпаролот на Путин, Дмитри Песков.

Долга претходница на новата ориентација

Новата ориентација на руската нуклеарна политика започна во 2000-тите, кога односите меѓу Русија и НАТО се влошија. Москва одговори со модернизирање на стратешкото и тактичкото нуклеарно оружје и прилагодување на стратегијата за негова употреба.

Во 2020 година, претседателот Путин сеопфатно ја ажурираше нуклеарната доктрина. Стратегијата стана значително пофлексибилна и поагресивна. Русија го задржува правото да користи нуклеарно оружје доколку земјата или нејзините сојузници се загрозени од конвенционални или нуклеарни напади. Улогата на стратешкото нуклеарно оружје, кое може да уништи цели држави, останува централен елемент на политиката на одвраќање.

Истовремено, се нагласува важноста на тактичкото нуклеарно оружје, кое може да се користи на бојното поле. Москва би употребила тактичко нуклеарно оружје доколку воениот неуспех „неповратно би ја спречил руската војска да запре голема непријателска агресија“, објави пролетоска „Фајненшл тајмс", кој тврди дека имал пристап до доверливи руски документи од периодот од 2008 до 2014 година.