Може ли Западот да и заплени на Русија 300 милијарди долари?
13 февруари 2024По руската агресија врз Украина во 2022 година, САД и сојузниците забранија трансакции со руската централна банка и министерството за финансии, блокирајќи околу 300 милијарди долари суверен руски имот на Западот.
Во понеделникот ЕУ усвои закон со кој се предвидува одземање на профитите од замрзнатите средства на руската централна банка. Тоа е првиот чекор кон пренамена на руските фондови за финансирање на реконструкцијата на Украина.
„Ова е кражба; одземање на нешто што не ти припаѓа“, изјави портпаролката на руското МНР, Марија Захарова за радиото Спутник. Таа се закани дека одговорот од Москва ќе биде „екстремно остар“.
„Со оглед дека нашата земја ова го квалификува како кражба, одговорот ќе биде како кон крадци“. Русија веќе најави дека заплената на нејзиниот имот ќе предизвика реципрочни мерки и заплена на имотите на САД, ЕУ и други земји на нејзина територија.
Реконструкција од руски камати
ЕУ и Г7 подолго време дебатираат како да ги искористат запленетите руски средства. САД бараа целосна конфискација на парите, но претставниците на ЕУ сметаат дека тоа е премногу правно ризично.
Околу две третини од руските средства се во ЕУ, а најголемиот дел се чуваат во белгиската клириншка куќа Еуроклиар (Euroclear).
ЕУ проценува дека ќе може да инвестира околу 15 милијарди евра за реконструкција на Украина од каматите на рускиот имот во следните четири години. Дополнително, ЕУ веќе издвои директна помош од 50 милијарди евра за Киев.
Украина ја поздрави одлуката на ЕУ.