РСМ чека одговор од ЕК за бугарската такса за руски гас
16 ноември 2023Новата давачка од 20 лева/MWh (10 евра) за транзит на руски гас низ Бугарија усвоена на 13-ти октомври, којa ги засега Северна Македонија, Србија и Унгарија, денеска ќе се најде на пленарна седница во бугарското Народно собрание. Повод за тоа се предложени измени на законот со кој беше воведена таксата, а кои на вонредна седница во вторникот ги усвои собраниската Комисија за енергетика.
Предлагањето на измените се случи во деновите кога според тој актуелен пропис, операторите на гасната мрежа требаше до 10-ти ноември да ги пријават транзитираните или увезените количества руски гас во претходниот, а давачките за нив да ги платат до 14-ти ноември. До тој момент, ниедна од надлежните бугарски институци (Царина, Министерството за финансии, Булгартрангас), не објавија колкави количества на руски гас биле декларирани.
Од бугарската влада тврдеа дека таа давачка нема да ги зголеми цените на гасот за Северна Македонија, Србија и Унгарија, туку дека ќе оди на товар на руски „Гаспром“ и има за цел да ги намали неговите профити. Од друга страна, претседателот Румен Радев изрази стравување дека таа давачка ќе доведе до банкрот на државниот оператор „Булгартрансгас“, бидејќи тој нема правен механизам да ги наплати тие средства од руски „Гаспром“, кој пак до 2030 година има резервирно 90 отсто од преносниот капацитет на Бугарија кон Србија и Унгарија. Од тие, и од правни причини, Радев таа давачка ја оспори пред Уставниот суд.
Товарот кај корисниците
Иако бугарска Влада товарот на давачката го адресираше кон „Гаспром“, токму актуелното решение значи дека државниот оператор за гас „Булгартрансгас“, кој транспортира руски гас до Србија, Северна Македонија и Грција, би требало да плаќа износи од околу 200 милиони лева месечно.
Што предвидуваат измените на законот за енергетската давачка, кои сега ги предложија тројца пратеници на владејачката коалиција „Продолжуваме со промената - Демократска Бугарија“? Тие предлагаат зборовите „увозниците во смисла на царинското закондавство и операторите на мрежи за пренос и за дистрибуција на гас“, да се заменат со зборовите „корисниците на мрежи за пренос и за дистрибуција на гас, кои се увозници во смисла на царинското законодавство или за кои операторите на мрежите вршат пренос на природен гас за транзит“.
„Со оглед дека операторите на мрежата даваат само услуга за пренос на природен гас за транзит, целта на законот е товарот на енергетските двачки да се понесе од корисниците на услугата“, велат во образложението предлагачите на измените.
Но, тамошни експерти забележуваат дека ни овие предложени измени не го менуваат фактот дека останува нејасно како транзиторите и увозниците ќе бидат принудени да ја платат давачката.
По стартот на грејната сезона, ова решение може да предизвика ценовни импликации и во РСМ. Во земјата има две компании снабдувачи кои имаат директен договор со „Гаспром“. Во контекст на посочената бугарска такса, министерот за економија Крешник Бектеши минатата недела изјави дека „тие компании веќе стануваат неконкурентни на македонскиот пазар за снабдување со природен гас“.
Иако РСМ реагираше за оваа давачка до Енергетската заедница, до Европската комисија и до Софија, Бектеши мината недела немаше одговор што ќе се случи ако не биде ослободени и други количини од преносниот капацитет во Бугарија, за да може РСМ на слободен пазар да побара други извори за снабдување со гас. Во Македонија потрошувачката е околу 400 милиони нормални кубни метри, а земјата околу половина од таа количина (180 милиони нормални метри кубни) ги обезбедува со азербејџански гас и со ЛНГ од САД.
Неизвесно е и што ќе се случи ако „Гаспром“ реши да не ја плаќа новата бугарска давачка. Од „Макпетрол“, минатата недела за ТВ Телма изјавија дека нивната цена не е променета: нема зголeмување и останува иста за сите нивни клиенти, без разлика на таксата од 10 евра која ја воведе Софија за рускиот гас кој транзитира низ Бугарија.
Се разгледува унгарската жалба
И додека во моментов нема одговор какви се резултатите од македонската реакција до ЕК, Унгарија минатиот петок достави жалба до Европската комисија за бугарската такса, и таа во мометов се разгледува. Во бугарската јавност се коментира дека од трите засегнати земји - Северна Македонија, Србија и Унгарија - само Унгарија која е членка на ЕУ има вистинска моќ да изврши притисок врз Софија преку Брисел.
Унгарскиот министер за Европа, Јанош Бока, на Фејсбук објави дека во писмото упатено до Европската комисија, која е одговорна за спроведување на европското право, Унгарија побарала да се отвори постапка против Бугарија.
„Бугарската такса сериозно ја загрозува енергетската безбедност на Унгарија и на целиот регион“, изјави Бока.
Тој рече дека Унгарија смета оти новата бугарска такса е против правилата на ЕУ за внатрешните пазари, царинската унија и заедничката трговска политика, и најави дека ако ЕК не преземе нешто, Унгарија ќе го достави случајот до судот на ЕУ пред крајот на годината.
Во понеделникот портпаролот на ЕК изјави дека веќе побарале информации од Софија и Будимпешта, и дека во моментот различни служби ги проучуваат информациите за да утврдат дали има прекршување на европските правила.
Две недели претходно ставот на ЕК беше дека таа давачка „не е поврзана со санкциите што ги воведе ЕУ против Русија поради војната во Украина“, туку е национална мерка на Бугарија.
„Таксите наметнати од Бугарија за транзит на руски гас кон Србија, Унгарија и Северна Македонија се национална мерка и затоа Бугарија ќе одлучи каде ќе одат парите од нив“, изјави тогаш портпаролот на Европската Комисија, Tим Мекфи.