Такси за бугарскиот гас: Многу смеење, малку одговори
8 ноември 2023Премиерот Ковачевски, кој пред една недела изјави дека таксата за транзит на рускиот гас низ Бугарија кај нас ќе предизвика зголемување за 20 проценти на цената на електрична енергија и затоплување, вчера низ смеа се осврна пред новинарски прашања за оваа тема: „За гас да не имате прашање?“
Прашањето се актуелизираше откако Бугарија на 13-ти октомври воведе вонредна енергетска давачка во износ од 20 лева/mWh (10 евра) што по стартот на грејната сезона може да предизвика ценовни импликации.
„Баш правевме такви некои пресметки и калкулации, бидејќи снабдувачот кој има директен договор со ‘Гаспром’ почнал да ги зголемува цените со 10 евра, со вградување на таксата што е воведена во Бугарија. Такви снабдувачи во државата имаме двајца -едниот е фирма сестра на ТЕ-ТО, другиот е фирма во Македонија, кои целосно користат руски гас, и кои веќе стануваат неконкурентни на македонскиот пазар за снабдување со природен гас“, рече во вторникот министерот за економија, Крешник Бектеши.
Од снабдувачот „Макпетрол“, за ТВ Телма изјавиле дека цената не е променета: нема зголeмување и останува иста за сите нивни клиенти, без разлика на таксата од 10 евра која ја воведе Софија за рускиот гас што транзитира низ Бугарија.
Наскоро стигнува фактурата
Дали ќе остане така? Неизвесно е што ќе се случи ако „Гаспром“ - за кого е наменета таксата - не ја плати новата бугарска давачка: дали неа ќе мора да ја платат увозниците, што би ја зголемило цената на гасот?
Веќе на 10-ти ноември увозниците на руски гас и операторите на мрежите за пренос и дистрибуција на гас треба да ги пријават на царина количините руски природен гас што се увезени или транспортирани низ Бугарија во октомври. До 14 -ти ноември треба да се платат доспеаните 20 лева за секој мегават/час.
РСМ не ја оспорува таксата која ја воведува Република Бугарија, туку ги оспорува количините што тие ги загарантирале за „Гаспром“ во однос на гасоводот со нашата земја. Македонското АД во државна сопственост за вршење на енергетска дејност пренос на природен гас - НОМАГАС АД Скопје, достави допис до Енергетската заедница и до Европската комисија, како и директно до компанијата „Булгартрансгас“ за да ја преиспитаат нивната одлука во делот на количините со кои се снабдува Македонија.
Но, во текот на разговорите меѓу Софија и Европската комисија за ова прашање, единствената информација што дојде од ЕК е дека давачката од 20 лева за мегават/час за транзит на рускиот гас низ Бугарија „не е поврзана со санкциите што ги воведе ЕУ против Русија поради војната во Украина“, туку е национална мерка на Бугарија.
„Таксите наметнати од Бугарија за транзит на руски гас кон Србија, Унгарија и Северна Македонија се национална мерка и затоа Бугарија ќе одлучи каде ќе одат парите од нив“, изјави пред десетина дена портпаролот на Европската Комисија, Tим Мекфи.
Оттогаш друг став од ЕК нема.
Во Македонија потрошувачката е околу 400 милиони нормални кубни метри, а земјата се снабдува со 180 милиони нормални метри кубни азербејџански гас и со ЛНГ што доаѓа од САД. Врз нивната набавка не влијае бугарската такса, но врз рускиот гас -да.
„Ако има потреба да се користи топлинската енергија од ТЕ-ТО, тогаш би можело да има влијание, затоа што ТЕ-ТО ќе користи гас кој е под закуп од страна на ’Гаспром’“, рече Бектеши.
Јавноста не доби одговор - што ако не биде ослободени и другите количини од капацитетот, за да може РСМ на слободен пазар да побара други извори за снабдување со гас?
Политичка такса - влезница за Шенген?
Во првите денови по воведувањето на енергетската давачка, бугарските власти воопшто не ја спомнуваа РСМ меѓу земјите засегнати од таа мерка. Фокусот беше само на Унгарија и Србија. Тие две земји ги спомна и бугарскиот претседател Румен Радев, кој давачката ја оспори пред Уставниот суд,
„За каква европска солидарност и интеграција говорат нашите власти, во ситуација кога зголемувањето на транзитната такса за природниот гас засега членка на ЕУ и наш сојузник и партнер како Унгарија, која е и еден од главните инвеститори во Бугарија? Засегната е и соседна земја - Србија“, изјави Радев.
„Таксата не се однесува на тие земји, туку го засега само профитот на ‘Гаспром’“, одговори Денков.
„Само со едни 20 лева Бугарија успеа да влезе во светските вести и да се позиционира на меѓународната сцена како борец против руското влијание“, оцени бугарски „Капитал“ во коментар под наслов „Со руски гас против Русија“.
Според медиумот, таксата од 20 лева/mWh и сегашните цени на берзата претставува зголемување на цената за околу 20%, што е повеќе од значајно на почетокот на грејната сезона.
„Овој потег засега изгледа силен при секаков развој на ситуацијата, бидејќи го менува гасното статус кво - по многу години во кои Русија го користеше горивото за притисок врз Бугарија, сега се случува спротивното - рускиот гас се користи како оружје против Москва. Прво, таксата може да обезбеди дополнителни приходи за буџетот - ако се задржат сегашните количини на транзит на руски гас низ земјата, тоа значи 3 милијарди лева годишно, што е импресивна сума. Ако се користи правилно, ова може да биде дури и адут за прием на Бугарија во Шенген“, коментираше „Капитал“.
Речиси целата гасна инфраструктура на Бугарија за транзит на природен гас е долгорочно резервирана од руски „Гаспром“ најмалку до 2030 година и тоа е причината зошто Бугарија не може да стане дистрибутивен вистински центар за дистрибуција на гас, туку останува само транзитна дестинација за рускиот гас до излезните точки кон Србија, Северна Македонија, Грција, Турција и Трансбалканскиот гасовод.
Капитал наведува дека „Гаспром“ на Бугарија не и` плаќа којзнае какви такси за таа „услуга“: годишно околу 350 до 400 милиони лева, но ако се има предвид дека само оперативните трошоци на гасоводот и неговото одржување чинат околу 150 милиони лева, нето приходот се сведува на околу 250 милиони лева годишно.