1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВМРО-ДПМНЕ во долг, во ДУИ се плаќа членарина од ракав

ДТЗ
28 јуни 2023

Ревизорските извештаи на најголемите партии покажуваат дека нивното финансирање се уште е сива зона. Дел се соочуваат со замрзнати имоти и долгови,а на некои финансискиот биланс им расте од големи членарини

https://p.dw.com/p/4TATe
ВМРО-ДПМНЕ
ВМРО-ДПМНЕ има замрзнат имот и долгФотографија: DW/P. Stojanovski

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ должи над два милиони евра, покажуваат ревизорските извештаи на партиските сметки. Ревизорите при анализата на доставената документација и склучените спогодби за регулирање на меѓусебните права и обврски и плаќање на рати со добавувачите за периодот од 2018 до 2021 година, утврдиле дека партијата има склучено договори за регулирање на меѓусебните права и обврски и плаќање на рати со 21 добавувач, во вкупен износ од над 184 милиони денари. До 31.12.2021 година исплатени се средства во износ од над 43 милиони денари. Со осум добавувачи во целост се регулирани обврските, а до 31.12.2021 година останати се неподмирени обврски од над 140 милиони денари, се вели во најновите извештаи на Државниот завод за ревизија. 

Долговите на партијата се влечат со години - дел се неподмирени обврски кон добавувачи постари од три години, како и долгови од изборните кампањи. 

Долгот на партијата пред три години беше околу осум милиони евра. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во изјава за „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ на 17 февруари 2002 година откри дека партијата е една од најзадолжените во земјата, со долг кој надминува над осум милиони евра. 

„Долгот е од банка од каде се земани кредити и најголем дел од долгот е направен пред да дојде ова ново раководство на партијата“, информираше Николоски.

Сива зона

Финансирањето на партиите и понатаму останува „сива зона“ во Северна Македонија. Ревизорите и во последните анализи за 2021 година на партиските сметки на владејачката СДСМ, најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, како и владиниот коалиционен партнер од албанскиот блок - ДУИ, имаат низа забелешки за финансирањето на партиите. Тие препорачуваат државата да ги регулира начините како политичките партии собираат членарини и донации, со оглед на тоа дека во партијата на Али Ахмети е утврдено дека се уплаќани членарина над законски утврдениот лимит. 

Висината на членарината е 5% од платата на избраните и именувате лица од ДУИ, но во 2021 година дел од членовите имаат уплатено средства во повисок износ за 279 илјади денари, што не е во согласност со член 14 од Законот за финансирање на политичките партии, укажуваат ревизорите.

Тие изразуваат резерва за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи, како и за усогласеност на активностите, финансиските трансакции. Ревизорите имаат забелешки и околу нерегулираните и замрзнатите имоти на партиите - проблеми кои со години не се решаваат. 

пари
Финансирањето на партиите и понатаму останува „сива зона“ во Северна Македонија. Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Seeger

И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имаат проблеми со имотите

Ревизорите посочуваат дека двете најголеми партии од македонскиот блок имаат проблеми со имотите. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ се соочува со проблеми околу „белата палата“ на која и се заканува конфискација поради незаконска изградба. 

Со судската постапка покрената во октомври 2018 година, на ВМРО – ДПМНЕ му се забранува дел од недвижниот имот, сопственост на партијата, да го отуѓува, става под хипотека и располага со давање под закуп, се до завршување на постапката пред надлежниот орган.

Ревизорите наведуваат дека забраната влијае на проценетата вредност на дел од недвижниот имот искажан во билансот на состојба во деловните книги од 2021 година. Во деловните книги во 2021 година вредноста на имотот е зголемена за пресметаната ревалоризација во износ од над 173 милиони денари. По завршувањето на постапката која се води, ревизорите и посочуваат на партијата да внесе нови податоци за вредноста на имотот. 

Регулирање на имотите се бара и од владејачката СДСМ. Ревизорите констатирале дека за дел од градежните објекти, наследени од правниот субјект претходник на партијата, не e решен сопственичкиот статус, поради што тие не се воведени во евиденцијата кај надлежната агенција и во сметководствената евиденција на партијата. 

Партијата има проблем со објекти коишто ги користи во Тетово, Куманово, Кисела Вода, Центар, Виница, Кочани, Делчево.

СДСМ
СДСМ треба да ја регулира сопственоста на партиските објекти кои ги има во Тетово, Куманово, Кисела Вода, Центар, Виница, Кочани, Делчево.Фотографија: Petr Stojanovski

Донации на капка

Со анализата на вкупните приходи по видови на извори на финансирање, ревизорите утврдиле дека учеството на јавното финансирање од буџетот на редовното работење на СДСМ бележи зголемување во 2021 година за 5,81% во однос на 2020 година, што се должи на законското зголемување на процентот за годишно финансирање на политичките партии. Во исто време се забележува тренд на намалување на учеството на приватните извори на финансирање (донации и членарини) во вкупните приходи на партијата. 

Што се однесува до уплатата на членарината, ревизорите посочуваат дека средствата од секоја општинска организација се уплатуваат директно на трансакциската сметка на партијата, во вкупен износ за сите поединечни уплати, а не одделно за секоја уплата. „Воспоставениот начин на прибирање, уплата и известување за приходите по основ на членарина во СДСМ не обезбедува целосен увид и потврдување во поединечно уплатените средства“, се посочува во забелешките.

И кај ВМРО има зголемување на годишното финансирање на буџетот за 6,22% во однос на 2020 година, како и тренд на намалување на учеството на приватните извори на финансирање (донации и членарини) во вкупните приходи на партијата.  

Анализата на сметката на ДУИ покажува дека учеството на јавното финансирање од буџетот на редовното работење на партијата бележи зголемување во 2021 година за 6,66 % во однос на 2020 година. Исто така се забележува тренд на значително зголемување на учеството на приватните извори на финансирање и тоа на донации во вкупните приходи на партијата.

 

Повеќе буџетски пари за партиите?

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема