1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како се финансираат политичките партии во Германија?

23 август 2007

Намерата на големата коалиција значително да ги зголеми средствата од државата за финансирање на политичките партии, го сврте вниманието на овдешната јавност врз прашањето како воопшто се финансираат тие

https://p.dw.com/p/BX8B
Фотографија: dpa - Report

Во Германија владее консензус дека политичките партии исполнуваат важна општетствена задача. Во уставот се вели: “Партиите учествуваат во градењето на политичката волја на народот. Нивното формирање е слободно. Нивното внатрешно уредување мора да соодветствува на демократските принципи”.

Во основа, кој сака да биде член на некоја политичка партија, мора и да плаќа членарина. Социјалдемократите, на пример, им препорачуваат на своите членови да и’ дадат на партијата најмалку 55 евра при примања од 2000 евра нето месечно. Партиите не можат да живеат само од придонесот на своите членови, па за исполнување на своите задачи добиваат пари и од буџетот на државата. Колку – тоа се пресметува според успехот што го постигнале на последните избори и бројот на членовите. Сега партиите заедно добиваат околу 133 милиони евра годишно.

Но, за некои – пред се’ за големите народни партии ЦДУ и СПД – ни тоа не е доволно, оти од пред некое време им опаѓа бројот на членовите, а со тоа и приходите и од членарината, како и од државата. Поради тоа големата коалиција предложи покачување на државниот удел во финансирањето за 15 проценти.

На тоа се спротивставува опозицијата. Не треба да се ставаат под прашање битните основни елементи на Законот за партиите, кој досега се докажа, вели Фолкер Бек од Зелените. На исто мислење е и Рајнер Холцнагел од Сојузот на германските даночни обврзници: “Даночниот обврзник не треба да биде казнет затоа што партиите губат членови. Тука партиите мораат да развиваат нови идеи, и пред се’, мораат да штедат”.

Но, партиите тоа го прават со години – штедат кај персоналот, кај додатокот за годишен одмор, кај покачувањето на платите. И покрај тоа, веројатно нема да дојде до драстично зголемување на додатокот од даночни извори, туку само регуларно прилагодување на општиот пораст на трошоците. Според Законот за партиите, зголемувањето мора да се ориентира според порастот на индексот на цените, што годишно го објавува Сојузниот завод за статистика. Од ова произлегува дека на партиите им следува зголемување од 5,9 насто, или околу 7,8 милиони евра.

Моника Дитрих (23.08.2007)