Кога минатото во големиот географски регион Македонија не се разгледува низ историските наративи на националните држави, кои настанале во неговите рамки почнувајќи од деветнаесеттиот до дваесеттиот век, туку преку биографиите на конкретни луѓе, тогаш станува јасно дека богатството на Македонија се токму разликите во етничките групи, култури и религии. Кога Македонија е само мапата во личните биографии, тогаш најчесто и државните граници го покажуваат своето грдо лице и својата „неприродност“, затоа што биографиите често се остваруваат зад неколку државни граници.„Неприродноста“ на државните граници ја сознаваат уште појасно европските граѓани кои живеат во ЕУ во регионите кои во минатото биле често бојното поле во неколку европски војни. Такви се, на пример, денес регионите Елзас и Лотрингија. Порано „јаболко на раздорот“ и региони на фронтот, тие денес ја добија својата вистинска поврзувачка функција помеѓу неколку јазици и неколку различни национални култури.
Поинаква историја
Историските балкански приказни, кои ја играат улогата на легитимација за настанокот на една национална држава, не ги раскажуваат поединечните, лични приказни на луѓето во регионот Македонија. Националните наративи не го чуваат во себе споменот на лицата на обичните луѓе, туку само на државниците, на хероите и на војсководачите. Иако државните национални граници најживо се отсликуваат во биографиите како судбиносен настан, како трагична и трауматична констелација. Впрочем, националните држави, како насекаде во светот, и на Балканот се создавале со помош на освојувачки војни, кои во националните наративи обично се нарекувале „ослободителни војни“. Националното „единство” на новонастанатите држави, зад кое неретко се криел сонот за „чиста нација“, најчесто се постигнувало со размена на население или со културна и јазична асимилација на припадниците на други народи.
Повеќе од авторката: „Цивилна нација“ – Алајда Асман за новата идеја за нацијата
Модерната психологија сведочи дека овие мерки на национална консолидација во животот на обичните луѓе се паметат како трауматични настани. Затоа што тие најчесто се повразни со прогонства и протерувања, со загуба на татковината, со бегалство и егзил. Знаејќи ја тежината на траумата во животот на тие кои ги преживеале војните, но и пренесувањето на ненадминатата траума врз идната генерација, јасно е дека приказните во биографиите на луѓето кои живееле во различни периоди во географскиот регион Македонија се разликуваат од патриотската митологија на официјалните национални наративи.
Траумите на другите
Во биографиите на луѓето родени во еден дел на регионот Макдонија, а погребани во некој друг, кој, во меѓувреме, останал зад нова државна граница, се отсликува една поинаква историја, која со неповторливоста на секој човечки живот покажува дека минатото никогаш не е еднодимензионално. Мојата прабаба по мајка беше родена на крајот на деветнаесеттиот век, во Османското царство, во Егејска Македонија, која е денес во државата Грција. Гробот на прадедо ми, нејзиниот маж, е на гробиштата во Грција, а тој на прабаба ми во Скопје. Едната од нејзините сестри беше се омажила во Србија, а другата Граѓанската војна во Грција ја однесе во Полска, од каде во шеесеттите се пресели во Скопје. Сите три беа родени на територијата на Македонија, која во нивното детство се викала Румелија. Нивните биографии раскажуваат многу драматично дека на Балканот често луѓето се раѓале во една, а умирале во друга држава.
Доколку европското помирување меѓу Бугарите и Македонците или Македонците и Грците би се остварувало и преку историски читанки кои би ги раскажувале само биографиите на обичните луѓе, тогаш многу пореалистично (а бездруго и пореално!) би се прикажала и целокупната историја. Кога неколкумина од современите Македонци би се сретнале со неколкумина од современите Бугари, чии предци биле родени во Македонија, но по многубројните војни и востанија пребегале во Бугарија. Кога тие би си ги раскажале едни на други биографиите на своите предци. Тогаш не само што секој од нив непосредно би се соочил со траумите на другите, туку и би сознал многу нешта за траумата во сопствената фамилијарна биографија. Во таков биографски контекст никој од нив нема да го стигматизира правнукот на Илинденецот од Битола, кој пребегал во Софија, затоа што се чувствувал Бугарин. И, секако, затоа и правнукот е веќе во две-три генерации Бугарин. Иако има фамилијарно потекло од Македонија. Тој Бугарин белки ќе сознае во средбата со правнукот на Илинденецот од Крушево, кој останал во Македонија, затоа што се чувствувал Македонец, дека и правнукот во Скопје има право да се чувствува Македонец. Во таква средба би сознале и правнуците на Илинденците во Скопје зошто толку многу им значи Македонија на правнуците на Илинденците кои, во различните војни, побарале засолниште во Бугарија. Напуштената татковина продолжува да живее во семејното наследство на некогашните бегалци како романтизирана слика - како земја од бајките, како земјата на детството.
Географскиот регион Македонија е доволно широк (и широкоград!) за различни биографии на луѓето родени на нејзината почва. Биографиите ги релативираат националните митологии и државните граници, затоа што покажуваат дека животот има многу поинаква логика и поинаков ритам, различен од политичките идеологии и државните историски наративи.
Повеќе од авторката: Западен Балкан – недовршен проект на ЕУ или нов стереотип?
Една од моите најдобри пријателки, Романка во Брисел, родена во Букурешт, која долго живееше во Германија, по мајка има потекло од Македонија. Таткото на мајка и‘ бил Влав од Битола, преселен на почетокот на векот во Букурешт. Една поинаква слика за Македонија живее во биографијата на фамилијата на мојата пријателка, за која сум секогаш многу љубопитна. А кога јас и‘ раскажувам за мојата биографија во Македонија, таа само ја збогатува својата слика за тој толку славен, но и толку трагичен географски регион. Една друга познаничка во Германија, по татко Бугарка, има, исто така, фамилијарна врска со Македонија. Татко и‘ отишол по Втората светска војна од Софија на студии во Германија и никогаш не се вратил во Бугарија. Неговата фамилија се преселила во Бугарија уште пред војната. Никогаш не и‘ го поставив прашањето дали тоа била Првата или Втората светска војна. Ниту пак ја прашав дали нејзиниот татко и неговите родители се чувствале Бугари. Како што ниту таа некогаш не ми рече „нема Македонци, зашто сите во Македонија се Бугари“, како што наврапито ми велеа, во некои пригоди, некои луѓе во Бугарија. Кога тие така ќе ми се обратеа, забележував дека веднаш губев желба да ја дознаам нивната биографија. Напротив, со пријателката во Германија, чиј дедо бил од Битола, додека таа се чувствуваше Германка, постојано си раскажувавме за нашите семејни биографии. Двете секогаш зборувавме со восхит за Македонија, чувствувајќи се, притоа, многу блиски. Таа никогаш не била во Македонија, но восхитот за неа го беше наследила од татка си. Во нашите срдечни односи доаѓаше до израз најзначајното сознание на модерното сфаќање на толеранцијата и културата: луѓето имаат право на слободен избор на сопственото чувство на припадност, како што имаат право и на потеклото и на фамилијарната биографија. Тоа е најзначајното сознание на европската филозофија на помирувањето меѓу народите.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.