Многу е возможно дека Франција верувала дека ќе и‘ успее да го „отплетка“ Гордиевиот јазол „сплетен“ со ветото на Бугарија за Северна Македонија, затоа Французите и Германците се симболот за тоа какво треба да биде вистинското европско помирување. Но, дали „формулата“ на француско-германското помирување е препознатлива во „Францускиот предлог”? Воопшто, дали таа формула е применлива и во сложената констелација помеѓу Македонците и Бугарите? До одговорот може да се дојде укажувајќи на клучните факти во француско-германското помирување.
Прво, успешната француско-германска приказна по Втората светска војна е втор обид за помирување. Првиот, оној по Првата светска војна, по иницијатива на министрите за надворешни работи на Франција и Германија, Аристид Бријан и Густав Штреземан, беше неуспешен. Договорот што тие го потпишаа во Локарно 1925-та, не вроди долготрајни плодови на мирот, затоа што не беше прифатен во двете општества. Двата храбри министри за надворешни работи 1926 беа овенчани со Нобеловата награда за мир. Тоа покажува дека за успешно помирување меѓу две држави не е доволна само желбата на политичарите, биле тие и визионери, доколку двете општества не ја достигнале точката во која најголемиот дел од граѓаните посакуваат да тргнат по нов пат во односите со соседот. На Французите и на Германците им требаше да ги доживеат ужасите на Втората светска војна за да созрее свеста дека вековниот однос кон соседот како кон „наследен непријател“ носи само страдање за двата народа. Од тоа сознание се роди идејата за француско-германското помирување на крајот на педесеттите години. Владее ли е таа свест кај бугарските граѓани, кои веќе неколку години се дел од обединета Европа, за да може таа да стане и урнек за македонските граѓани?
Визијата на Шуман
Притоа, идејата за идното пријателство на Германците и Французите се обликуваше паралелно со идејата за идната европска заедница. За неа уште во педесеттите силно се застапуваше францускиот државник Роберт Шуман, првиот претседател на Европскиот парламент. За својата верба дека помирувањето е возможно, тој сведочеше со својата личност во која беше обединета француската и германската култура. Шуман, роден во Лотрингија како државјанин на германскиот Рајх, студираше право во Бон. Во Првата светска војна беше мобилизиран во германската армија. По анексијата на Елзас и Лотрингија, Шуман стана француски државјанин. Што значи, тој на своја кожа го беше осетил лудилото на војните, водени од империјалистичкиот стремеж на националните држави како тогашната Франција и Германија. Затоа толку јасно ја гледал мирољубива Европа само како заедница на државите. Има ли личност како Шуман во моментот во политиката во Бугарија или во Македонија, кој во својата личност ги обединува македонската и бугарската култура на најмирољубивиот начин?
Други колумни од авторката: „О, колку е убава Панама“ - писателот Јанош и волшебната земја на копнежот
Визијата на Роберт Шуман ја делеле и двајца големи државници во Германија и Франција кои го обликуваа процесот на помирување меѓу двете земји – Конрад Аденауер и Шарл де Гол. Како и Шуман, и генералот де Гол учествувал во отпорот против нацистичката окупација. Конрад Аденауер, родум од Келн, адвокат и келнски градоначелник на почетокот на војната, нацистичкиот режим го суспендираше и го осуди на домашен притвор. Шуман, Де Гол и Аденауер ги обединуваше и католичката вера. Тие го знаеле и примарното религиозно значење на поимот „помирување“, на германски, „Versöhnung“. Во коренот на овој збор е „Sühne“ - „покајание“, покајнички чин кој бара темелна промена на однесувањето. Пред да започне помирувањето, секој народ треба да стане свесен за своите грешки кон другиот. Тоа се случи во француско - германското помирување и преку симболични чинови. Врвот на првата посета на Конрад Аденауер на Франција во јули 1962 беше учеството, заедно со Де Гол, на божјата служба за мир во катедралата во Ремс. Градот имаше симболичко значење за двата народа. Двапати, во војната од 1870-та и во Првата светска војна, тој беше освоен од германската војска, но таму беше потпишана и германската капитуалција 1945-та.
Различна динамика
Имаше ли такви симболични настани во досегашните односи меѓу Бугарија и Македонија? Има ли простор за такви процеси на покајание и помирување меѓу Бугарите и Македонците во рамката што ја зацртува „Францускиот предлог“? Не ќе беше ли помудро од француските посредувачи, токму познавајќи го помирувањето меѓу Германците и Французите, кое одеше паралелно со обликувањето на идејата на идната ЕУ, да се обидеа да и‘ објаснат на бугарската влада дека не е добро пристапните преговори со ЕУ да се врзуваат директно со процесот на помирување на Македонците и Бугарите, кој има друга суштина и друга динамика? Динамиката на помирувањето меѓу два народа зависи од многу фактори кои на почетокот се неизвесни, па затоа тие процеси понекогаш траат со децении. Тоа е уште посложено кога едната држава е веќе членка на ЕУ, а другата кандитат, како во констелацијата меѓу Северна Македонија и Бугарија. Затоа што за процесот во кој треба да се промени односот на граѓаните во двете држави едни кон други, е погубно доколку граѓаните во едната земја добијат чувство дека се изложени на диктат од другата земја. Со ништо не смее да биде загрозено достоинството на другиот народ.
Психологија и дипломатија
Француско-германското помирување ни покажува дека за успех е потребно и добро познавање на психологијата и дипломатијата. Знаејќи ја биографијата на генералот Де Гол, Аденауер немал доверба во новиот француски претседател. Кусо по доаѓањето на власт во 1958, Де Гол го поканил Аденауер во приватна посета во неговата куќа. Се раскажува дека сопругата на Де Гол не била одушевена од гостинот, па затоа бил послужен со порцеланот за секој ден. Аденауер подоцна раскажувал дека тие два дена во домот на Де Гол тој бил примен како „член на фамилијата“. Тоа значи, за пријателството меѓу два народа е потребна сценографија на човечност, срдечност и непосредност. Приватните разговори меѓу двата државника ја засилиле нивната желба за искрено приближување и на нивните сонародници. Не треба да се заборави дека пријателството меѓу нив почна во многу критично време за Германија, кога Советскиот Сојуз демонстрираше сила со влијанието во ДДР кое доведе до изградбата на Берлинскиот ѕид во 1961-та. Поканата од Де Гол до Аденауер да ја посети Франција во летото 1962 не беше само знак на искрено пријателство, туку и на солидарност со СРГерманија. Ако ја споредиме оваа ситуација со сегашноста меѓу Бугарија и Македонија, може ли да препознаеме солидарност на постарата членка на ЕУ со проблемите на земјата-кандидат?
Колку за помирувањето се значајни јавните изрази на симпатија за јазикот и културата на соседниот народ, покажува однесувањето на Де Гол при неговата посета на Бон во септември 1962. Тој ги одушевил германските граѓани обраќајќи им се на германски. „Кога ве гледам сите збрани околу мене, кога ги слушам вашите настапи, стануваат уште посилни од порано и восхитот и довербата кои ги чувствувам за вашиот голем народ, да, за големиот германски народ. Да живее Бон, да живее Германија, да живее германско-француското пријателство“, извикувал Де Гол пред бонските граѓани. Насекаде во Германија Германците го дочекувале со восхит. Се раскажува дека благата насмевка на канцеларот Аденауер додека стоел крај Де Гол во Бон го изразувала многу јасно чувството на радост, еднаква на чудо, која ја делеле со него и германските граѓани. Во Лудвигсбург, Де Гол го одржал прочуениот говор со кој ги освоил срцата на младите Германци: „Ви честитам што сте млади Германци, што значи, деца на еден голем народ. Така е, на еден голем народ кој во текот на својата историја направил големи грешки. Но и еден народ кој на светот им подари духовни, научни, уметнички и филозофски достигнувања.“Двата државника беа најистакнатите фигури во француско-германскиот процес на помирување. Зад нив стоеја многубројни личности од сите области во двете земји, со една единствена желба: двата народа да почнат да се запознаваат и да се почитуваат како најблиски пријатели.
Други колумни од авторката: Кога сѐ е чудо, не само за децата
Зошто досега не се случи ниту еден емоционален дочек на македонски или бугарски политичар, премиер или претседател во Скопје или во Софија? Би можел ли бугарскиот претседател Румен Радев да изговори барем една реченица на македонски во Скопје, како што Де Гол посакал да им се обрати на Германците на германски, затоа што знаел дека јазикот, тоа се луѓето, тоа е нивниот посебен, неповторлив лик. Би можел ли во духот на европската солидарност еден бугарски премиер да им честита на младите Македонци што се деца на големиот македонски народ, водејќи се од примерот на Де Гол? Секако, тоа важи и за настапите на македонскиот претседател или премиер во Софија. За да го стори тоа кој било бугарски претседател, тој треба да има храброст да отстапи од владејачката идеологија во својата земја, според која македонскиот јазик не постои. Ако го стори тоа, тој би ја поседувал мудроста на Де Гол. Зашто би знаел дека ако проговори македонски пред македонските граѓани од почит кон нив и кон нивниот јазик, тој во нив ќе разбуди уште посилна почит кон неговиот мајчин јазик, бугарскиот. Само така може да се приближат две култури и две општества. Се‘ додека ваквите нешта, кои за Аденауер и за Де Гол беа суштината на процесот на помирувањето, на македонските и на бугарските граѓани ќе им се чинат како научна фантастика, се‘ дотогаш нема да започне вистинското пријателство меѓу двата народа. А духот на Европа на Роберт Шуман, на Жан Моне, на Шарл де Гол и на Конрад Аденауер ќе им се чини на македонските граѓани толку далечен, како да е на друга планета. Вината за тоа не е само кај балканските земји-членки на ЕУ, како Бугарија. Вината е и кај земјите-членки кои беа втемелувачите на ЕУ. Зашто тие знаат добро врз кои принципи се градеше и колку долго траеше нивното помирување, но во конформизмот и опортунизмот на „реал-политиката“ се чини дека целосно ги заборавиле.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.