Експертите предлагаат ЕУ со четири нивоа
19 септември 2023Во извештајот претставен од Франција и Германија, а изработен од независни експерти од двете земји, се повикува ЕУ да усвои низа реформи за да биде подготвена до 2030 година да прифати нови членки. Експертите од двете европски земји ги подготвија предлозите насочени кон рационализирање на начинот на кој функционира Унијата додека Брисел се подготвува за најголемиот бран на проширување во последните децении.
Во документот, експертите за Европа предлагаат, меѓудругото, намалување на Европската Комисија, носење повеќе одлуки по мнозински принцип и поголема флексибилност во пристапните преговори на земјите кандидати.
„Препораките на извештајот имаат три цели: зголемување на способноста на ЕУ да дејствува, подготовка за проширување на ЕУ и зајакнување на владеење на правото и демократскиот легитимитет на ЕУ“, се наведува во извештајот кој го претставија германската министерка за Европа, Ана Лирман и нејзината француска колешка Лоранс Бун.
„Јасно е дека проширувањето на ЕУ е во наш заеднички интерес“, рече Лирман на презентацијата на извештајот.
„Затоа мораме веднаш да започнеме за да сториме се што е наша моќ да обезбедиме дека ЕУ е подготвена за проширувањето“.
Диференцијација на ЕУ
Во извештајот, експертите ја повикуваат ЕУ да си ја постави целта за проширување до 2030 година.
За тоа да се реализира, Унијата треба да ја укине едногласноста која се бара за клучни теми како оданочување, финансии и надворешни работи, и таа да се замени со квалификувано мнозинство.
Експертите кои го подготвиле извештајот предлагаат реформите да се спроведат од страна на земјите кои сакаат да го сторат тоа, а оние кои се против да се изостават. Тоа понатаму би можело да води кон европска интеграција која би опфаќала повеќе нивоа: „внатрешен круг“ на држави кои сакаат да соработуваат поблиску, поширока ЕУ, придружно членство и полабава политичка заедница.