1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Реакции на реизборот на Путин: „Избори без избор“

БЈ | АРД | агенции
18 март 2024

По реизборот на Владимир Путин за претседател на Русија, доаѓаат остри критики од западните земји. „Избори без избор“, коментираше шефицата на германската дипломатија. Реизборот го честитаа главно авторитарните држави.

https://p.dw.com/p/4drZb
Владимир Путин го „завери“ новиот претседателски мандат со „рекордни резултати“ на изборите во Русија
Владимир Путин го „завери“ новиот претседателски мандат со „рекордни резултати“ на изборите во РусијаФотографија: Maxim Shemetov/REUTERS

Западните влади реагираа со критики на реизборот на Владимир Путин за претседател на Русија, кој, според официјалните резултати, освои над 87 отсто од гласовите.

Во официјално соопштение, Европската унија ја обвини руската влада за големи ограничувања на гласањето. Путин беше реизбран поради „репресија и заплашување“, изјави шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, пред состанокот на министрите за надворешни работи во Брисел. Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок исто така во Брисел изјави: „Изборите во Русија беа избори без избор“. Изборниот процес ги покажа „не само злобните постапки на Путин против сопствениот народ, туку и против Повелбата на Обединетите нации“, рече Бербок. ЕУ ќе го отвори патот за нови санкции против Русија, порача германската министерка. 

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, пак, нема да испрати официјална честитка до Москва. „Нема да има писмо со честитка“, изјави  портпаролката на претседателот, Керстин Гамелин за весникот Тагешпигел. Во соопштението објавено на платформата Х (Екс), Гамелин ја употреби формулацијата „таканаречените претседателски избори во Русија“.

Германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок најави нови санкции за Русија по реизборот на Путин
Германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок најави нови санкции за Русија по реизборот на ПутинФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

По претходните претседателски избори во Русија во 2018 година, Штајнмаер му честиташе на шефот на Кремљ.

„Псевдоизбори“

Слична формулација употреби и Министерството за надворешни работи во Берлин во своето соопштение објавено уште пред објавувањето на првите изборни резултати во Русија. На мрежата Х (Екс) „изборите“ на окупираните територии на Украина беа оценети како „ништовни“ и, како што се наведува, претставуваат „натамошно кршење на меѓународното право“.

Некои германски политичари, исто така, упатија сериозни обвинувања против Путин. „Ова се најмалку слободни лажни избори уште од крајот на Советскиот Сојуз“, изјави за Тагешпигел претседателот на Комитетот за надворешни работи на Бундестагот, Михаел Рот. „Режимот на Путин има фашистички и тоталитарни карактеристики“, рече политичарот од социјалдемократите.

Експертот за надворешна политика на опозициските демохристијани, Норберт Ретген, смета дека тоа е „фарса“ која служи за навидум легитимизирање на војната на Путин против Украина.

Зеленски: „Уште една изборна симулација“

Се огласи и украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој рече дека „рускиот диктатор симулирал нови избори“. „На сите во светот им е јасно дека оваа личност, како што често се случуваше во историјата, е едноставно опседната со моќ и ќе направи сѐ за да владее доживотно“, рече Зеленски. „Нема зло кое тој нема да го направи за да ја прошири својата лична власт.“ Путин, како што вели Зеленски, мора да биде изведен пред лицето на правдата во Хаг. 

Путин ќе направи сѐ за да владее доживотно, порача украинскиот претседател Володимир Зеленски
Путин ќе направи сѐ за да владее доживотно, порача украинскиот претседател Володимир ЗеленскиФотографија: Yves Herman/Pool/Reuters

Првичната реакција на Белата куќа беше дека изборите очигледно не биле ниту слободни ниту фер. Путин ги фрли своите противници во затвор и ги спречи другите да се кандидираат против него, порачува Вашингтон.

Изборните набљудувачи зборуваат за „апсурди“

И полската влада оцени дека изборите се „нелегални“. Тие беа одржани „под тешка репресија“ во окупираните делови на Украина, со што, според Варшава, се прекршува меѓународното право.

Шефот на британската дипломатија Дејвид Камерон, исто така, го критикуваше незаконското одржување на избори на окупираните територии на Украина и фактот дека гласачите немаа вистински избор. Камерон укажа и дека немало никаква контрола на изборите од страна на меѓународните набљудувачи од Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).

Копретседателот на руската независна изборна опсерваторија „Голос“, Станислав Андрејчук, укажува дека притисокот на власта врз гласачите достигнал ниво без преседан. Тие биле претресувани на избирачките места и им биле проверувани гласачките ливчиња пред да бидат ставени во кутиите, напиша Андрејчук на социјалните мрежи. На едно место, вели тој, полицијата дури барала да се отвори гласачката кутија за да се извади едно гласачко ливче од неа. „Првпат во животот гледам вакви апсурди, а избори следам 20 години“, напиша Андрејчук.

Честитки од Северна Кореја и од Кина

Истовремено, Путин доби честитки од неколку авторитарни земји- меѓу нив и Кина. Претседателот Ши Џинпинг рече дека изборната победа на Путин е израз на „целосната поддршка“ на Русите за нивниот шеф на државата, јави кинеската државната телевизија. „Рускиот народ се обедини за да ги надмине предизвиците во последниве години“, додаде Ши. 

Кинескиот претседател Ши Џинпинг упати честитки до рускиот колега Путин за неговиот реизбор
Кинескиот претседател Ши Џинпинг упати честитки до рускиот колега Путин за неговиот реизборФотографија: Yao Dawei/Xinhua News Agency/picture alliance

Според државната новинска агенција КЦНА, севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун му честитал на Путин за неговиот реизбор. Честитки упратија и претседателите на Никарагва, Таџикистан и на Венецуела, пренесе руската државна новинска агенција Тас.

„Со повеќе од 87 отсто (од гласовите), Путин целосно ја доби војната против империјата на колективниот Запад“, изјави венецуелскиот претседател Николас Мадуро за Тас. Мадуро, кој авторитарно владее со Венецуела од 2013 година и ќе се обиде да освои уште еден мандат во текот на летото, ја опиша победата на неговиот „постар брат“ како добар знак за целиот свет.

Претседателот на Никарагва, Даниел Ортега, оценува дека ова е триумф кој придонесува за стабилност и подобра иднина на човештвото.

Претседателот на Таџикистан, Емомали Рахмон, му честиташе на Путин за неговата „убедлива победа“.