Путин е убеден во руска победа во војната во Украина
21 декември 2022Во говор пред военото раководство, шефот на Кремљ, Владимир Путин изрази увереност дека Русија ќе ја добие војната против Украина. „Убеден сум дека чекор по чекор, ќе ги оствариме нашите цели“, изјави Путин денеска во говорот во Министерството за одбрана, пренесуван од страна на телевизијата.
Русија ќе го надоградува потенцијалот на својата војска, вклучувајќи ја и нуклеарната борбена способност, истакна рускиот претседател: „Со секој ден таа се зголемува, а процесот секако ќе продолжи“, изјави Путин, најавувајќи дека на почетокот на јануари фрегатата „Адмирал Горшков“ на руската морнарица ќе располага со новата хиперсонична ракета „Циркон“, која е дел од најново развиеното оружје.
Своето обраќање Путин го започна со минута молчење во чест на војниците загинати во војната. Но, воениот конфликт тој го оцени како драгоцено искуство за натамошната надградба на руската војска. Агресорската војна против соседната држава Путин ја спореди со Татковинската војна против Наполеон од 1812 година, како и со Првата и Втората светска војна.
Рускиот претседател инсистира на засилено темпо во вооружувањето и модернизацијата на војската, како пример наведувајќи ја употребата на дронови, што досега се сметаше за слаба точка на руските трупи.
Дроновите мора да бидат на располагање на сите нивоа во водењето војна, истакна Путин.
„Секој војник треба да има можност за добивање информации преку дроновите“, порача Путин, со дополнување: за натамошното вооружување на армијата нема да има никакви финансиски ограничувања.
Причина за војната во Украина Путин гледа во „перењето на мозокот на поранешната советска република од страна на геополитичките ривали.“ Од аспект на Путин, Украина е изманипулирана, иако Русија со години се трудела за одржување братски односи со соседот. Она што сега се случува, не е резултат на руската политика, туку плод на политиката на „трети земји“, порача Путин.