1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Oграничениот радиус на движење на Владимир Путин

Астрид Пранге
7 декември 2023

Актуелното патување во земјите во Персискиот залив е една од малкуте државни посети на рускиот претседател годинава. Откако за него беше издаден меѓународен налог за апсење, Путин ги избегнува патувањата во странство.

https://p.dw.com/p/4Zsu7
Рускиот претседател Путин по пристигнувањето на аеродромот во Ријад, Саудиска Арабија
Рускиот претседател Путин по пристигнувањето на аеродромот во Ријад, Саудиска АрабијаФотографија: Konstantin Zavrazhin/POOL/TASS/dpa/picture alliance

Налогот за апсење од Меѓународниот кривичен суд (МКС) значително ги ограничи патувањата на Путин во странство. Според податоци од Кремљ, рускиот претседател годинава апсолвирал вкупно 22 официјални патувања, од кои само четири во странство.

Пред руската агресија врз Украина и пред коронавирусот сликата беше сосем поинаква.

Во 2019 година, Владимир Путин имаше 55 официјални патувања, 35 во земјата и 20 во странство. Меѓу тогашните дестинации беа и Г20 самитот во Осака, работни посети во Франција, Италија, Финска, Унгарија, самитот на БРИКС во Бразил и средба со турскиот претседател Ердоган во Турција. Годинава неговите посети во странство се ограничени на Кина, Казахстан, Киргистан и Белорусија, кои не се меѓу 123-те договорни држави за Меѓународниот трибунал.

Добредојден: Путин во октомври беше во официјална посета на Киргистан, кој не е член на Меѓународниот кривичен суд
Добредојден: Путин во октомври, 2023 беше во официјална посета на Киргистан, кој не е член на Меѓународниот кривичен судФотографија: ERGESH ZHUSUBALIEV/AFP

Руска соработка со заливските држави

Ни ОАЕ и Саудиска Арабија кои Путин сега ги посетува, не припаѓаат на земјите потписнички на договорот за Меѓународниот трибунал. Патувањето е прво по нападот врз Украина во февруари 2022, чија дестинација не е некоја од земјите сојузнички на Русија. Меѓународниот трибунал на први март годинава издаде налог за апсење на рускиот претседател и за пратеничката за правата на децата во неговиот кабинет, Марија Лавова-Белова. На двајцата им се префрла дека се одговорни за носење на деца во Русија земени од окупираните територии во Украина.

„Збогувањето на Путин од глобалната сцена"

„Не е прв пат Меѓународниот трибунал да има потерница за претседател на држава, но Путин е со највисок ранг меѓу сите барани во историјата на Трибуналот", пишува Марти Флакс, директорката за човекови права на Центарот за стартешки меѓународни студии, во текст за американски тинк-тенк. Сепак, малку веројатно е дека некоја од државите членки во Трибуналот во догледно време би можела да очекува посета од Путин затоа што тој и пред војната во Украина ретко патувал во овие земји. „Путин одби во 2022 година да учествува на самитот на Г20 во Индонезија или на азиско-пацифичката економска соработка во Тајланд, иако двете не се членки на Трибуналот“, објаснува Флакс.

Ограничениот мандат на Трибуналот

На примерот со Путин се гледа не само силата, туку и слабоста на Трибуналот. Истрагата и налогот за апсење не се однесуваат на нападот врз Украина, туку на земањето и преселувањето на украински деца кои во илјадници се носени во Русија, каде се врши превоспитување.

Иако 123 земји сега се членки на Меѓународниот кривичен суд, важни земји како САД, Кина, Русија, Индија и Израел сè уште не се членки.
Иако 123 земји сега се членки на Меѓународниот кривичен суд, важни земји како САД, Кина, Русија, Индија и Израел сè уште не се членки.Фотографија: Klaus Rainer Krieger/reportandum/IMAGO

Причината за тоа е што на Ревизиската конференција во Уганда во 2010 година членките на Трибуналот заклучија дека судска постапка за воена агресија може да се отвори само ако земјата напаѓач и нападнатата земја се членки на Меѓународниот трибунал. Еден исклучок од ова правило е кога Советот за безбедност при ОН ќе го овласти Трибуналот за отпочнување на таква постапка. Но,таму Русија има право на вето, така што таа опција не е реалистична. Последица од тоа е дека Русија за сега не можеда биде повикана на одговорност заради војната во Украина.

Трибуналот не е признаен ниту од многу западни држави

Но, ни тоа не е се. Трибуналот не може да истражува ни против било која друга земја која не е негова членка. Меѓу нив се САД, Израел, Индија, Кина, Саудиска Арабија и Турција. „Тоа што водечки западни држави немаат волја да се потчинат на нормите на едно сеопфатно меѓународно судство, ја поткопува веродостојноста на Западот наспроти Русија", критикува експертот за безбедносни прашања, Бетина Вестринг во стручното списание Меѓународна политика. "Пред се африканските влади му префрлаат на судот дека главно гони Африканци, додека припадниците на помоќните држави едвај има од што да ставуваат".

Министерката за надворешни работи на Јужна Африка, Наледи Пандор во едно интервју ги критикуваше двојните аршини на Трибуналот. „Има мноигу земји кои се во војна, навлегуваат во други држави, убиваат луѓе и апсат политички активисти. Ниту една од нив до сега не беше сопрена од страна на Меѓународниот трибунал. Оној кој има моќ и влијание во меѓународната заедница, се чини дека останува поштеден", вели Пандор. 

Групна фотографија без Путин: на самитот на БРИКС во Јужна Африка, Русија ја  претставуваше министерот за надворешни работи Лавров (десно). До него стојат (од десно кон лево) индискиот премиер Моди, јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса, кинескиот претседател Ши Џинпинг и бразилскиот претседател Лула да Силва.
Групна фотографија без Путин: на самитот на БРИКС во Јужна Африка, Русија ја претставуваше министерот за надворешни работи Лавров (десно). До него стојат (од десно кон лево) индискиот премиер Моди, јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса, кинескиот претседател Ши Џинпинг и бразилскиот претседател Лула да Силва.Фотографија: GIANLUIGI GUERCIA/AFP

Сака ли Украина да ги заштити своите војници?

Дури ни жртвата на агресијата, Украина, не стои целосно зад Трибуналот, забележува експертката Вестринг и посочува дека Киев по руската инвазија на Крим во 2014 година побарал Трибуналот да врши истрага, но Украина до денес не е станата членка на судот. „Очигледно голема е загриженоста дека војниците од сопствените редови би можеле да се најдат во фокусот на истрагата",претпоставува Вестринг.

Контрадикторностите излегоа на виделина и на БРИКС самитот што во август годинава се одржа во Јоханесбург. Путин и покрај налогот за апсење беше поканет од домаќините да присуствува на самитот, а Јужна Африка и покрај критиката и натаму е членка на Трибуналот. На крајот Путин не отпатува, туку во Јужна Африка како и на самитот на Г20 во септември годинава во Индија го испрати министерот за надворешни работи, Лавров. Експертката Вестринг извлекува отрезнувачки заклучок. „Се додека меѓународната заедница не може да постигне консензус околу тоа злосторството воена агресија да се гони без разлика на државата или лицето кое е во прашање, Путин нема да мора даа одговара за неговата војна".