1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Путин ги става пред избор платениците од „Вагнер“

ЖА / агенции
27 јуни 2023

Рускиот претседател им се заблагодари на борците на „Вагнер“ за ангажманот на фронтот но во обраќањето до нацијата јасно стави на знаење – не дозволува да биде уценуван од нив.

https://p.dw.com/p/4T6F4
Владимир Путин по бунтот на групата „Вагнер“
Обраќање до нацијата на рускиот претседател Владимир Путин по бунтот на групата „Вагнер“Фотографија: Uncredited/Russian Presidential Press Service/AP/dpa/picture alliance

Во првото телевизиско обраќање по бунтот на паравојниците од групата „Вагнер“ во Русија, рускиот претседател Владимир Путин се претстави како гарант на внатрешниот мир. „Од почетокот на настаните, според моите директни наредби, беа преземени мерки за спречување на големо крвопролевање", истакна Путин, „иако руските непријатели, како неонацистите во Киев, така и нивните западни поддржувачи и сите предавници ја имаа токму таа желба – братоубиство во Русија".

Кратко претходно американскиот претседател Џо Бајден отфрли секаква замешаност на Западот во револтот на паравојската „Вагнер“ во Русија, истакнувајќи дека тој бил дел од борба во рамките на рускиот систем.

Шефот на Кремљ им заблагодари на Русите за нивната издржливост, единство и патриотизам за време на настаните на викендот. „Солидарноста кај населението покажа дека секој обид за уцени, за организирање внатрешни немири е осуден на неуспех“, истакна Путин, факт кој го осознале на крајот и бунтовниците и затоа се откажале.

Борците од групата „Вагнер“ имаат можност да склучат договор со регуларната руска армија, да се вратат кај своите фамилии или да заминат во Белорусија, порача Путин, искажувајќи благодарност кон „руските патриоти“ меѓу нив.

Без да го спомене поименично, Путин одново го обвинишефот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин за „предавство на неговата земја и народот“ и истовремено дека ги лажел неговите луѓе. „Големо мнозинство од борците и командантите во групата ’Вагнер’ се исто така руски патриоти“, кои се обврзани кон својот народ и татковината, што го докажаа со својата храброст во борбите".

Путин во овој контекст ја пофали „храброста и самопожртвуваноста" на херојските пилоти паднати во борбата. Но, шефот на Кремљ не даде официјални информации за неколкуте авиони кои борците на „Вагнер“ според нивни наводи ги собориле во текот на маршот кон Москва. Руски воени блогери инаку тврдат дека трупите на „Вагнер“ собориле шест руски хеликоптери и еден авион.

Пригожин: Причина за маршот кон Москва беше протест

Евгениј Пригожин пак се јави прв пат за збор по неуспешниот бунт на викендот, демантирајќи намера да предизвика смена на власта во Москва. „Тргнавме за да демонстрираме протест, а не за да ја собориме власта“, изјави 62-годишниот Пригожин во аудио порака емитувана преку неговиот канал на Телеграм, без да даде податоци за неговата актуелна локација. 

Тој ги повтори обвинувањата против руското Министерство за одбрана, кое наводно во минатиот петок наредило напади врз логорот на платениците, а во кои, како што тврди, биле убиени 30 борци на „Вагнер“. Овие напади, како и намерата на Министерството за расформирање на групата „Вагнер“, биле поводот за маршот кон Москва, тврди Пригожин.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи