Првоаприлски шеги во времиња на лажни вести
1 април 2024Како всушност настанала првоаприлската шега? И по самото тоа прашање има разни митови почнувајќи од легендата дека тоа е поврзано со промената на календарот во 1582 година. Тогаш бил укинат Јулијанскиот календар и заменет со Грегоријанскиот. Папата Грегор XIII сакал новата година да почнува на први јануари, но сите што ја пропуштиле таа информација и натаму мислеле дека први април е првиот ден на новата година и на тој начин станале предмет на потсмев. Така е родена првоаприлската шега.
Но, има и други теории. До денес се раскажуваат првоаприлски шеги, кои завршуваат со „априлили“. Дури и медиумите како Би-Би-Си учествуваат во тоа, па така на 1. април 1957 година во својата прочуена емисија „Панорама“ телевизијата емитуваше триминутен прилог со наводна фамилија од Швајцарија која одгледува дрво на кое растат шпагети. Со оглед на фактот дека во Велика Британија во тоа време шпагетите биле релативно непознати, многу гледачи се обратиле до телевизијата барајќи совет како и тие да си насадат дрво што раѓа шпагети.
Кога нема да бидат сфатени априлските шеги
Денес многу вести се вирални благодарение на социјалните медиуми, а со тоа и голема опасноста вицови да бидат примени здраво за готово, па дури и да се најдат во насловните ширум светот, што пак им наштетува на медиумите кои сè почесто неоправдано се сомничат дека објавуваат лажни вести.
Има и обратни примери кога првоаприлските шеги се мешаат со реалноста, како кога интернет платформата „Futurism.com 2017" објави текст со наслов „Плутон официјално доби статус на планета“ и додаде промена на статусот од страна на Меѓународната унија за астрономија, а таквата шега ја преземаа други веб страници како „вест“ без било каква проверка на фактите. Откако издавачката куќа за речници „Колинс“ го декларираше зборот „Fake News", односно лажни вести за збор на годината 2017-та, разни весници ширум светот се откажаа од традицијата на објавување првоаприлски шеги.
Редакциите ја укинуваат традицијата
Магнус Карлсон, главен и одговорен уредник на шведскиот дневен весник „Смаландспостен“ на интернет страницата на весникот објави дека не сака на весникот како марка да му биде „нанесена штета со потенцијално вирална и лажна приказна" и додаде дека тие работат „со вистински приказни, и на први април". Во меѓувреме многу познати шегаџии, меѓу кои и Гугл, се откажаа од традицијата за првоаприлска шега. Од годината 2020-та кога почна пандемијата со короната и онака има многу лажни вести во етерот. Ние сепак тука ќе наброиме неколку шеги низ годините кои се најдоа како ударни наслови на први април.
1977 година: Го знаете ли патот до Сан Серифе?
„Гардијан“ на први април известуваше за 10-тиот јубилеј од независноста на тропскиот остров Сан Серифе, рај во близина на Сејшелите. Во извештајот на седум страници имаше приложено и карта од архипелагот, на која беа наведени места, пристаништа и региони, чиишто имиња беа игри на зборови.
1993 година: Во корист на размножувањето
Германската телевизија ВДР известува за одлука на градот Келн со која џогерите може да се движат само со максимална брзина од 10 километри на час низ парковите во градот. Поголемо темпо било штетно за верверичките во време на расплод.
2009 година: Возбуда поради лажни панди
Во весникот „Тајпеј Тајмс“ стои дека „релациите меѓу Тајван и Кина вчера доживеаја тежок удар откако се покажало дека пандите од зоолошката градина во Тајпеј не се тоа на што личат."
2016 година: Молиме без голотии
„Нешнел Џиографик“, познат по документарците од природата, во 2016-та преку Твитер најави дека нема веќе да објавуваат фотографии од голи животни.