1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МиграцијаАлбанија

Азил надвор од ЕУ: Првите мигранти од Италија во Албанија

АРД
16 октомври 2024

Италија ќе ги врши процедурите за азил во брза постапка надвор од ЕУ во бегалски кампови во Албанија. Таму пристигнаа првите 16 мажи. Другите земји од ЕУ го следат ова со интерес.

https://p.dw.com/p/4lqs1
Новиот италијански центар за азил во Ѓадер, Албанија
Новиот италијански центар за азил во Ѓадер, АлбанијаФотографија: Alketa Misja/dpa/picture-alliance

Малото пристаниште Шенѓин, северно од Тирана, на јадранскиот брег - тоа е Албанија. Новиот прифатен центар за азил, на неколку метри од работ на пристаништето Шенѓин - тоа е Италија. Екстериторијална област на албанско земјиште. Чуван од албански персонал, управуван од италијанските власти.

Така се договорија Џорџа Мелони и Еди Рама. Мелони, премиерка на Италија, лидер на десничарската постфашистичка партија Фратели д'Италија и Рама, премиер на Албанија и лидер на левичарската Социјалистичка партија на Албанија. Со сето пријателство што ги врзува и двете земји. „Аперо пактот“ - така договорот го нарекуваат критичарите. „Аперо“ (обичај кој комбинира уживање и дружење, може да се одржи на почеток или на крај на некој настан или прослава, а првенствено се однесува на размена на идеи со пријатели, колеги или роднини, н.з.) затоа што беше договорен при  посетата на Џорџа Мелони на летната резиденција на Еди Рама минатата година.

Префрлена постапка за азил

Проектот: аутсорсинг процедури за азил од Италија во безбедна трета земја, Албанија. И за таа цел да се изгради центар за азил во близина на албанското крајбрежје за најмногу 3.000 баратели на азил. Тоа наиде на големи критики. Меѓутоа, во последно време, она што Италија го прави во Албанија е следено со зголемена љубопитност, вклучително и од шефовите на држави и влади на  земјите-партнери на Италија во ЕУ.

Стрес тестот започнува точно навреме, непосредно пред самитот за миграција на ЕУ во Брисел. Со првите 16 баратели на азил,  собрани од италијанската крајбрежна стража во меѓународните води, јужно од италијанскиот остров Лампедуза. Да успеале да влезат во италијанските територијални води, не би смееле да бидат однесени во Албанија. Но, во овој случај бродот на италијанската морнарица „Либра“  со 16-те мигранти тргна кон албанското пристаниште Шенѓин.  Град со 8.000 жители кој исто така живее од туризмот, песочните плажи, лагуната - и природниот резерват на југ, покрај јадранскиот брег.

Италија Албанија бегалски камп
Ѓадер, првиот азилантски италијански прифатен центар во Албанија во изградба, август 2024 годинаФотографија: Alketa Misja/dpa/picture alliance

Добредојдовте во „Италија“

Но, малата група мажи од Бангладеш и Египет не стигнува толку далеку. Нивното патување, во последните неколку метри придружувани од италијански полицајци, завршува во италијанскиот прифатен центар, токму во пристаништето Шенѓин, првиот таканаречен азилантски „хотспот", односно прифатен центар.

Овде барателите на азил се идентификуваат, регистрираат, лекарите ги прегледуваат - а потоа продолжуваат со автобус на италијанската полиција, половина час возење, до Ѓадер - мало село пред карстните ридови, речиси пусто. Тука живеат претежно пензионери. Има кафуле, мала продавница. Долго време беше напуштен и малиот албански воен аеродром.

Сега таму е новиот италијански центар за азил. Ѓадер е втора станица по формалностите за прием во прифатниот центар во пристаништето Шенѓин. Метална ограда висока шест метри, двокатни контејнери за живеење, на делови од локацијата уште има градежна механизација. Овде има простор за 3.000 баратели на азил. Кампот првично ќе биде подготвен за 880 луѓе. Полковник Агостино Пицирило ја отвора вратата на еден од новите контејнери за живеење: бонџорно - во „Италија“.

Италијански експеримент

Еден контејнер за четири лица. Четири метални кревети, со демонстративно јасно видливи налепници: „made in Italy“. Целиот центар е поделен на три области. Најголема за оние кои поднеле барање за азил и чекаат одговор. Ова треба да се случи по најмногу четири недели, вклучително и можност за жалба. Малку помал простор: центар за депортација за одбиени баратели на азил кои не треба ни да влезат во Италија. И 20 затворски места за можни криминалци. Сè зад огради, со многу камери за надзор. Вработените во агенцијата за бегалци на ОН УНХЦР треба да имаат пристап и да им биде дозволено да ги набљудуваат постапките.

Целиот центар е италијански експеримент, „историски, иновативен договор“ со Албанија „за тоа како да се справиме со мигрантите“, вели италијанската премиерка Џорџа Мелони. Пријателска услуга, „отплата на старите долгови“ кога Италија ги прими многуте бегалци од Албанија, вели албанскиот премиер Еди Рама на италијански – јазикот го зборуваат многумина во Албанија. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен „моделот Италија-Албанија“ го нарекува „иновативен начин за борба против илегалната миграција“.

Извоз на процедури за азил - според правилата на ЕУ

Италија го изведува она за што размислуваа владите на другите земји на ЕУ: извоз на  процедури за азил во земја надвор од ЕУ.  Но, според правилата на ЕУ, објаснува Фабрицио Бучи, италијанскиот амбасадор во Албанија. Тој стигнал во Ѓадер, неколку недели пред почетокот на работата на кампот, за да го промовира „експериментот“, пред сè за да ја растера загриженоста: „Значи во центрите важи италијанското законодавство. Ќе има италијански персонал: полицајци, службеници од Министерството за правда и Министерството за внатрешни работи. Овде ќе се применуваат правилата кои се применуваат и во центрите за мигранти во Италија."

Италија Албанија азил
Барателите на азил во Ѓадер ќе бидат сместувани во контејнери за време на процедуратаФотографија: Alketa Misja/dpa/picture alliance

Екстратериторијалниот центар за азил е изграден, финансиран и организиран од Италија. Се тврди дека во Албанија не се слеале пари за дозволата за изградба на центарот за азил, се тврди дека ќе се исплаќаат само паушални трошоци од околу 16 милиони евра годишно, со проценети вкупни трошоци до 850 милиони за целиот проект, платени од Италија.

„Како птици во кафез“

Во крајбрежното одморалиште Шенѓин има поединечни протести. Во селото Ѓадер, каде на улица сретнувате речиси само старци, изгледа немаат проблем со новиот центар за азиланти. Човекот со мало дуќанче е среќен: „Веќе имаме корист откако почна изградбата. Знаете, селото се бори со емиграција. Работите се сменија само со градежните работници а кога ќе дојдат мигрантите, ќе има уште повеќе раздвиженост. "

Италијанските власти ветуваат дека храната првенствено треба да се купува во околината. Ќе има и неколку вработувања за не-Италијанци. Страв од бегалците, сите млади мажи од бегалските земји кои се сметаат за безбедни? Такви стравови овде немаат. Албанците не се плашат, велат во кафулето. И воопшто, како би можеле бегалците да ја прескокнат оградата, се прашува еден: „Само ако летаат 6 метри во височина, тогаш да. Но, тие немаат шанса да излезат. Тие се таму како птици во кафез".

Автор: Волфганг Фихтл, АРД