1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Италија ќе ги испраќа илегалните мигранти во Албанија

7 ноември 2023

Италијанската влада планира да отвори два прифатни центри за мигранти во Албанија, во кои ќе ги сместува илегалните мигранти кои пристигнуваат преку Медитеранот од Северна Африка во Европа.

https://p.dw.com/p/4YVeP
Албанскиот премиер Еди Рама и италијанската премиерка Џорџа Мелони
Албанскиот премиер Еди Рама и италијанската премиерка Џорџа Мелони при потпишувањето на договорот за прифатни центриФотографија: Filippo Attil/Chigi Press Office/Zumapress/picture alliance

Италијанската премиерка Џорџа Мелони и нејзиниот албански колега Еди Рама потпишаа писмо на намери во понеделникот во Рим. Во прифатните центри ќе бидат разгледувани апликации за азил и, доколку е неопходно, ќе овозможат забрзано враќање на мигрантите во нивните матични држави. 

Договорот е наменет исклучиво за мигранти кои пристигнуваат во Италија на бродови преку централниот Медитеран, изјави Мелони за италијанскиот весник Ил Месаџеро во вторникот. 

Откако ќе бидат спасени на море, мигрантите ќе бидат веднаш пренесувани во албанските центри, дополни таа. Центрите ќе имаат капацитет да примат 3.000 мигранти истовремено, но Италија се надева дека нивниот капацитет ќе биде зголемен на околу 36.000 луѓе.

Договорот не се однесува на малолетни лица и бремени жени.

Центрите ќе бидат раководени од италијански претставници и ќе станат оперативни на почетокот на следната година. Албанија ќе биде вклучена во мониторирање на центрите. 

Рама: Ова не го решава проблемот

Прашан да го коментира договорот од италијанските медиуми, Рама рече дека Италија не е единствената земја која барала ваков договор, но тој одлучил да ја прифати понудата од Рим како знак на „благодарност“. Во 1990 години, Италија прими голем број бегалци од Албанија, а сега е еден од најголемите поддржувачи на влезот на Албанија во ЕУ.
„Ние сме пријатели, и пријателите треба да се помагаат“, рече Рама. 

Албанскиот премиер вели дека договорот ќе треба да се имплементира во пракса, и предвиде дека „најтешката работа“ ќе бидат преговорите за репатријација на неуспешните барања за азил со африканските земји. Рама не е сигурен дека договорот многу ќе ги смени нештата.

„Ова нема да реши ништо, но таа (Мелони) побара помош и ние помогнавме“, рече Рама за италијанскиот весник Ла Стампа. 

Модел за иднина

Според Мелони, договорот меѓу Италија и Албанија може да послужи како модел за слични договори со други земји.

„Всушност, сметам дека може да стане модел за соработка меѓу ЕУ и не-ЕУ држави за менаџирање на приливот на миграцијата“, рече Мелони во интервјуто. 

Италијанската опозиција го критикуваше договорот. Тој е против меѓународното и европското право, изјави Ели Шлајн, пратеник на Социјалдемократите. 

Повеќе од една година на власт во Италија е коалиција на десничарската Браќа на Италија на Мелони, со популистичката Форца Италија и десничарската Лега на Матео Салвини. 

Според италијанското министерство за внатрешни работи, повеќе од 144,700 луѓе пристигнале на бродови оваа година, заклучно со 3 ноември. Во истиот период минатата година, таа бројка била 87.300. 

Крајно десничарските и популистички партии во Европа постојано ја критикуваат ЕУ поради неуспехот да ја запре илегалната миграција. 

Проблемот креира тензии и во германската владејачка коалиција во која една од членките е и про-мигрантската Партија на Зелените. Крајната дестинација на најголемиот дел од мигрантите кои пристигнуваат во Европа е Германија. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема