1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ОпштествоШведска

Од каде лажните вести за секс турнирот во Шведска?

Анвар Ашраф
8 јуни 2023

На интернет се појави чудно тврдење дека Шведска го прогласила сексот за спорт и дека организира турнир. Некои медиуми ја прифатија како вистина и ја пласираа „веста“. ДВ ги провери фактите.

https://p.dw.com/p/4SJZR
лажни вести
Слика од екранот на лажните вести

Еден од најпопуларните и најпочитуваните весници во Индија „Тајмс оф Индија“ објави дека Шведска ќе биде домаќин на европско првенство во секс. Според материјалот, Шведска го признала сексот како официјален спорт. А, за да се утврди кој е шампион во дисциплината ќе се одржи турнир на кој учесниците ќе се „натпреваруваат“ по шест часа секој ден. Дури и датумот и местото на „турнирот“ се наведени - 8 јуни во Гетеборг. 

Многу други медиуми ја пренесоа оваа „вест“, а еден грчки портал дури објави дека Атина ќе има свои претставници на турнирот. Германскиот канал РТЛ исто така објави анкета, со која треба да биде јасно што мислат луѓето за признавањето на сексот како официјален спорт.

Шведското Министерство за спорт демантираше дека постои таков настан. ДВ ги провери фактите. 

Тврдење: Шведска официјално го призна сексот како спорт и ќе го одржи првиот секс турнир оваа недела.

Проверка на факти: Неточно.  

„Секоја таква информација е лажна“, напиша портпаролката на Шведската спортска асоцијација, Ана Зецман во официјална изјава за ДВ. „Во моментов, лажните тврдења кои се шират во некои странски медиуми за Шведска може категорично да се демантираат. 

Како сето тоа започна? 

„Гетеборгс Постен“, еден од најголемите шведски дневни весници, пишува дека Швеѓанецот Драган Братиќ стои зад целата приказна. Според весникот, Братиќ е сопственик на неколку стриптиз клубови и всушност сакал сексот да стане официјален спорт. Вакво барање до спортската конфедерација испратил во јануари годинава. Шведската спортска асоцијација потврди за ДВ дека одделот всушност добил барање за членство од лице кое тврдело дека е дел од сексуалната федерација. Барањето беше официјално одбиено во мај.

„Шведската спортска асоцијација обрнува внимание на гласините што ги шират некои меѓународни медиуми дека секс федерација станала дел од асоцијацијата“, прецизираше портпаролката Зецман. „Ова е лажна информација која има за цел да го оцрни шведскиот спорт и Шведска“, додаде таа. 

лажни вести
Доста медиуми ја презедоа мамката и ги пласираа лажните информации

Друг влијателен индиски медиум, кој е поврзан со американскиот CNBC, исто така даде „детали“ за тоа како може да се влезе на турнирот - вклучувајќи ја и адресата на електронската пошта и веб-страницата на некоја „Шведска секс федерација“. Страна со тоа име постои, но врската води до порнографска веб-страница, каде моментално се одбројува до „турнирот“ и се тврди дека таму ќе се емитува во живо. 

Шведската спортска асоцијација категорично негира дека соработува со која било сексуална организација. „Не постои секс федерација во Шведската спортска асоцијација“, категоричен е одделот. 

Сексот е табу  

Во многу земји ширум светот, сексот е табу тема. Скандинавските земји, од своја страна, беа домаќини на некои навистина необични натпревари - како носење сопруги на раце и Светски натпревар во сауна (кој беше прекинат откако еден од учесниците почина). И покрај се - натпревар во секс не е дел од оваа листа.

Голем број медиуми во Азија и Европа ја објавија информацијата за овој „турнир“ без да ја проверат. Трети, пак, објавија погрешни материјали. Еден од написите, на пример, детално објаснува дека познавањето на Камасутра ќе им помогне на натпреварувачите кои сакаат да влезат, и на крајот открива дека „шампионатот“ всушност не е вистински.