1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Асексуалност: Секс? Не, благодарам!

Теса Клара Валтер
24 септември 2022

„Потребни ти се лекови и терапија“ - асексуалните луѓе сѐ уште се соочуваат со предрасуди. Ленарт и Акаја сепак одат по свој пат.

https://p.dw.com/p/4H6ar
Репербан во Хамбург
Репербан во ХамбургФотографија: Tessa Walther/DW

Ленарт шета на Репербан, улица за забава во Хамбург. Околу него: секс-шопови, порно-кина, бордели. Му се прикажуваат големи гради и полни задници. Но, тоа не го импресионира 38-годишникот со очила и крива насмевка, тој е асексуален. „Кога го гледам ова не мислам: Ах, има гради, па сега сакам да допрам гради. За мене тоа е лош рекламен билборд за нешто што не го разбирам“.

Уште во пубертетот забележал дека се разликува од другите. Кога неговите соученици почнале да се интересираат за сексот и за спротивниот пол, тој не разбирал зошто толку врева околу сето тоа. Но, сепак сакал да биде дел од она што го прават другите и конечно го испробал, со отрезнувачки резултат: „Да, забележав дека може да се направи и не ми се гадеше од тоа, но рамнодушен сум и повеќе би сакал да се откажам од сето тоа.“

И Акаја не можела да ужива во сексот. 22-годишната девојка со црвена, скратена коса израснала во близина на Билефелд, во покраината Северна Рајна-Вестфалија. Била во рурална средина и милје во кое имало само хетеросексуални двојки. Кога за својот недостиг на желба за секс прозборела со пријателите и семејството, постојано го добивала истиот одговор: „Само треба да го пронајдеш вистинскиот партнер. Кога вистински ќе се сакате, тогаш и ќе уживаш во интимноста“.

Продолжила поради социјален притисок. Постојано менувала сексуални партнери со надеж дека еден ден ќе „кликне“. Но, тоа не се случува. Дури кога станала средношколка наишла на тема асексуалност и веднаш се препознала. „Во тој момент сфатив: Не морам да ја најдам вистинската личност. Во ред е што не сакам секс и што тоа не ми треба.“

Ленарт: За мене ова е лош рекламен билборд за нешто што не го разбирам
Ленарт: За мене ова е лош рекламен билборд за нешто што не го разбирамФотографија: Tessa Walther/DW

Што значи асексуалност?

Различни студии покажуваат дека меѓу 0,5% и 5% од германските граѓани се асексуални. Тие велат дека чувствуваат мала или немаат никаква сексуална желба. Бидејќи асексуалноста е малку истражувана и во голема мера непозната во многу кругови, бројот на непријавени случаи може да биде многу поголем. Како Акаја и Ленарт, многу асексуалци со години живеат со чувства дека се различни или дури и „погрешни“ без да разберат зошто или да знаат збор за своите чувства.

Околината често реагира со неразбирање. Однадвор, асексуалноста често се меша со целибатот или губењето на либидото, но тоа нема никаква врска со тоа, вели професорот Јоханес Фус, директор на Институтот за форензичка психијатрија и истражувања на сексот на Универзитетот Дуизбург-Есен. „Асексуалноста е нешто што трае цел живот, а не стекната работа што се појавува одеднаш. Таа е споредлива со другите сексуални ориентации како хомосексуалноста“.

Акаја: Во ред е што не сакам секс
Акаја: Во ред е што не сакам секс Фотографија: Tessa Walther/DW

Асексуални и понекогаш романтични

Меѓутоа, несакањето секс не значи дека асексуалните луѓе генерално не влегуваат во романтични врски. Акаја со нејзината девојка Мерлe е заедно веќе шест месеци. Денес се среќаваат за да направат костими. Двете насмеани седат на масата во дневната соба, сечат ткаенини и разменуваат погледи со љубов. И двете се асексуални и се запознале преку апликација за запознавање. Тие немаат секс, но се бакнуваат и гушкаат.

На една врска не ѝ треба секс, објаснува Акаја. „Време заедно може да се поминува и на други начини, со создавање на своја интимност.“ На двете им било важно да најдат асексуален партнер. „Да беше некој што не е асексуален, ќе морав да го замолам да се воздржи. А тоа едноставно не ми се допаѓа“, вели Мерлe. На двете уште од самиот почеток им било јасно дека нема да имаат секс, а за тоа колку им се допаѓа или не држењето за раце и гушкањето, разговараат редовно.

Акаја и Мерле немаат секс, но се бакнуваат и гушкаат
Акаја и Мерле немаат секс, но се бакнуваат и гушкаатФотографија: Tessa Walther/DW

Повеќето асексуални луѓе не сакаат сексуални односи, но има и такви кои имаат секс. Многумина тоа го прават со цел да имаат деца, или од љубов кон партнерот доколку тој/таа се повеќе заинтересирани за секс, објаснува Јоханес Фус. Сексот тогаш станува подарок за партнерот, бидејќи „многу асексуални луѓе сè уште имаат романтични чувства“, додава тој.

- повеќе: Беате Узе, жената која ги урна секс-табуата во Германија

Стигма и предрасуди

Од Репербан до станот на Ленарт во Хамбург-Алтона. Во неговата дневна соба се натрупани книги, многу од нив се занимаваат со асексуалноста. Тој четири години отворено зборува за овој идентитет. Често добива несакани совети како: „Дали некогаш си размислувал да го провериш нивото на хормоните?“, „Можеби ти се случило нешто лошо и си го потиснал“ или „Можеби треба да одиш на терапија или да добиеш третман со лекови“. Ленарт прави фаца кога зборува за такви искуства.

#dw_BalkanBooster: Апликација за сексуално образование

За асексуалните луѓе не е неопходна терапија, нагласува специјалистот по психијатрија и психотерапија Јоханес Фус: „Главната поента е психолошкото оптоварување. Асексуалните луѓе не страдаат од својата ориентација, ништо не им недостасува. Затоа, не е потребен третман со лекови. Повеќе би требало да се третира општеството во форма на едукативна работа. „Некои луѓе сакаат секс секој ден, други само еднаш месечно или воопшто не. Тоа е дел од спектарот и сето тоа е сосема нормално и здраво".

- повеќе: 50 години сексуална револуција: Слобода или нов притисок?

И Акаја и Ленарт живеат добро со својата асексуалност: „Откако немам секс, нема дупки во моето секојдневие. Не морам постојано да се туширам или да менувам постелнина, тоа е практично“, вели Ленарт низ смеа. Тие се прифаќаат такви какви што се и сакаат и општеството да го направи истото.