Продолжено кревкото примирје во Судан
1 мај 2023Од избивањето на борбите меѓу армијата и паравоените милиции, бројни складишта со хуманитарни стоки се ограбени, резервите во земјата се при крај, алармираше координаторот на ОН за итна помош, Мартин Грифитс во неделата. Во пристаништето на Порт Судан се наоѓаат пет контејнери за Светската организација за здравство, но се чека на дозвола на локалните власти за нивен истовар, истакна Грифитс.
„Најголем дел од нашите залихи веќе се истрошени поради масивните пљачкања на складиштата и канцелариите на хуманитарните организации. Во итна потрага сме по начини како да донесеме во земјата повеќе материјал и како да го распределиме“, изјави Грифитс.
Двете конфликтни партии најавија дека ќе го продолжат за натамошни 72 часа тридневното примирје коешто заврши ноќта кон понеделникот. Без оглед на договорениот прекин на огнот, борбите не се целосно стивнати, на места и натаму се пука, а двете страни вината за тоа меѓусебно си ја префрлаат. Војската вети продолжување на примирјето издејствувано со посредство на САД и Саудиска Арабија, а своја согласност најави и парамилитарната група РСФ, од хуманитарни причини.
Во Судан во меѓувреме од Јордан пристигна пратка од осум тони хуманитарна помош од Меѓународниот комитет на црвениот крст, што е прв транспорт на помош по почетокот на борбите пред две недели.
Испорачани се меѓу другото анестетици, завои и хируршки материјал, неопходно потребни за третирање на луѓето со рани од огнено оружје. Меѓународниот црвен крст најавува скоро пристигнување и на втор авионски транспортер со стоки за итна помош. Суданските здравствени работници „постигнаа нешто практично невозможно: ги згрижуваат ранетите без вода, без струја и основни медицински резерви“, изјави директорот за Африка во Меѓународниот црвен крст, Патрик Јусеф.
Молкот на оружјето за време на викендот донесе извесна нормалност во животот во одредени квартови во главниот судански град Картум. Очевидци сведочат дека полицијата повторно патролира низ улиците, меѓу другото, за да спречи грабежи, а само повремено се слушаат истрели. Но, во одделни делови од градот спорадично се водат битки.
Во северноафриканската земја со околу 46 милиони жители, војската предводена од претседателот на државата Абдел Фатах а-Бурхан од 15 април се бори против милициите на неговиот заменик, Мохамед Хамдан Дагло. Двајцата генерали ја презедоа власта во земјата по пат на заеднички изведен воен пуч, но несогласувањата околу превласта доведоа до расцеп во нивниот сојуз.
Здравството во Судан е во тешка ситуација, суданскиот Лекарски комитет соопшти дека многу од болниците не се веќе во функција поради борбите кои се водат, а недостигаат лекови, медицинска опрема и конзерви со крв.
Според властите, во борбите животот досега го загубиле повеќе од 500 луѓе, а најмалку 5.000 се ранети, додека десетици илјади побегнале во соседните држави. Набљудувачите стравуваат од можноста Судан да потоне во граѓанска војна и да го дестабилизира целиот регион.