Насилството во Судан и дилемата на Западот
28 април 2023Борби, мртви и повредени, илјадници луѓе во бегство. Патот на Судан кон помирување, демократија и правна држава засега пропадна, надежите за мирна плодна иднина на земјата се уништени. Во земјата владее огорченост поради двајцата завојувани, Абдел Фатах Ал Бурхан и Мохамед Хамдан Дагло, попознат како Хемети. Но, меѓу народот во Судан има и разочарани околу улогата на западните држави.
И покрај договорено примирје се будам од звукот на куршуми, напиша неодамна активистот Хамид Калафала на Твитер. Со горка иронија прашува зошто суданските генерали би требало да се држат до договорениот молк на оружјето, кога САД и натаму ги третираат со толеранција? Нивниот пуч од пред 18 месеци практично остана неказнет, се жали Калафала.
Активистот вели дека западните држави по неодамна избиеното насилство сѐ повеќе се повлекуваат од земјата, алудирајќи притоа на евакуациите на странците од Запад. Со тоа го губат досегашното влијание.
„Конфликт од домашно производство“
Конфликтот во сржта е „од домашно производство”, вели Марина Петер, основач и шефица на Форумот за Судан и Јужен Судан. Конфликтот е последица на проблеми кои со децении остануваат нерешени: конфликтот околу ресурси и гладта за власт на некои актери од политичката и воената сцена во земјата. Таков конфликт има динамика на која е тешко да се влијае однадвор.
Но, Западот по 2019 година, кога беше симнат од власт тогашниот диктатор Омар Ал Башир, исто така направил грешки, смета Петер. Експертката за ДВ вели дека „посебно било погрешно што на официјалните преговори и разговори не биле вклучени големи делови од граѓанското општество“. Наместо тоа, преголем акцент е ставен на војската. „Судански активисти и странски набљудувачи постојано предупредуваа дека не може да ѝ се верува на војската, а особено не на Хемети и дека со нив не може да се дојде до одржливо решение”.
Премногу потпирање на старите сили?
Таков став застапува и активистот за демократија Ахмед Есам од платформата „Судан Апрајзинг Џермани“. Есам, кој живее во Германија, во разговор со ДВ истакнува дека не сака вината за неуспехот во Судан да ја префрла на Западот, но вели дека и западните држави згрешиле. „Се однесуваа проблематично во смисла дека не ги признаа клучните сили зад отпорот на улица и нивните директни барања за реформи. Игнорирани биле Комитетите за отпор. Наместо тоа западните сили играа на картата на старите моќници”, вели активистот.
Западните држави можеби лекомислено им поверувале на двајцата сега веќе завојувани мажи, вели новинарот Аза Ахмед Абдел Азис во порталот за Блискиот исток „Мидл Ист Ај”.
„Двете страни за нивните обиди да си ја обезбедат власта користеа наратив кој треба да појасни дека се во служба на демократијата и на транзицијата кон целосна граѓанска влада”, пишува Абдел Азиз. Притоа, токму тие самите ја поткопаа таквата цивилна влада - имено, со пучот во октомври 2021 година против премиерот Абдала Хамдок”, вели Азис.
Навистина, од тој момент било очигледно дека и Ал Бурхан и Хемети имаат сосем поинакви планови од тоа да го доведат до крај веќе многу напреднатиот реформски процес, оценува новинарот, според кого на двајцата им било битно само да си ја обезбедат личната позиција на моќ. И за таа цел, меѓу другото, противниците негуваа тесни врски со Москва.
Влијанието на Русија во Судан е многу засилено, сметаат многу експерти, а може и уште повеќе да се зацврсти. Тука се работи за еконимски и стратешки интереси за моќ, а не за поттик на демократијата. И од овој аспект западните политичари веројатно внимателно одмериле колку може да си дозволат да ги ставаат под политички притисок суданските генерали, кога други меѓународни актери со кои делумно се во ривалство веќе имаат добри и блиски односи со нив.
„Во никаков поглед граѓански“
И реномираниот магазин „Форин полиси” ја критикува политиката на Западот од минатите години. Американската влада очигледно премногу се потпирала на наративот на двајцата команданти адаптиран за западните адресати, се вели во една анализа на надворешнополитичкото стручно списание. Па така, САД постојано инсистирале на тоа транзицијата во Судан да ја оквалификуваат како „граѓанска”, но според магазинот токму тоа било груба грешка во проценките. „Транзицијата во Судан од ниеден аспект не беше водена граѓанска“, се вели во анализата.
Наместо тоа, Западот предолго во Судан фаворизирал спорен модел на поделба на власта меѓу цивили и војската, смета активистот Ахмед Есам. „Западот војската ја гледа како одделна единица, а не како институција која на крајот ја легитимира самото општество. Западот имаше тенденција од војската да прави политичка партија. Тоа беше грешка.“
Ограничени можности
Според Марина Петер, западните држави можеле многу порано да земат предвид можни санкции против генералите. Западот се обидел да прави притисок преку тоа што развојната помош долго време била замрзната. „Но, потоа дојдоа средства од други земји и така обидот пропадна”, вели таа. Покрај тоа на наследниците на Ал Башир им било јасно дека можностите на Западот за дејствување се ограничени. „Западните држави соработуваа со Ал Башир, меѓу другото поради стравот од миграции“, заклучува Петер.
Изминатите денови западните држави водеа и мораа да водат разговори со двајцата ривали. Без нивна согласност немаше да можат да ги спроведат евакуациите на своите државјани. И тоа е класичната дилема на реалната политика: западните држави на болен начин мора да увидат дека се излажале во проценките на нивните најважни партнери за комуникација, а сепак ниту во актуелната состојба не може да ги заобиколат.