1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пркосот на иранските жени - борба без шамија

дпа
8 март 2023

И покрај масовните протести по убиството на Џина Амини, мулите во Техеран сè уште инсистираат Иранките да ја покриваат главата со шамија. Но, протестот сѐ повеќе се шири: верскиот закон едноставно се игнорира.

https://p.dw.com/p/4OMgX
Иран
Масовните протести по убиството на Џина Махса Амини се шират: верскиот закон едноставно се игнорираФотографија: Rouzbeh Fouladi/ZUMA Press/picture alliance

Во Техеран е топол сончев ден и се чувствува доаѓањето на пролетта. Убавото време привлекува сѐ повеќе посетители на брегот на езерото Читгар, на запад од Техеран. Доаѓаат цели семејства, некои шетаат, некои седат и јадат на тревата. Неколку млади луѓе седат на бетонските блокови на полигонот за скејтбординг, се чувствува мирисот на шеќерна волна во воздухот. Млад човек со скејтборд пушта музика на звучник што се меша со иранска поп-музика некаде во близина. 

Дури и таа музика е провокација, но може да се види нешто уште полошо: на многу девојки косата слободно им се виори на ветрот, но има и жени со седа коса кои не носат шамии. Девојката која вели дека се вика Раха, не само што не носи шамија, туку има и маица над папокот. Зар не се плаши? Студентката ги крева веѓите: „Дали треба да се плашам по сѐ што поминавме? Денес имаме повеќе храброст. Ако излеговме на улица и протестиравме, зошто да се плашиме сега?“

Техеран
Жени без шамии се гледаат насекаде: не само на улица, туку и во продавници...Фотографија: Morteza Nikoubazl/NurPhoto/picture alliance

Таа има шеснаесет години, но за секој случај доаѓа нејзиниот пријател на скејтборд кога забележува дека разговара со непознати. Мехди е две години постар, но и нему му е доста: „ Веќе подолго време немаме волја да ја трпиме оваа ситуација. Никој во Иран не се грижи што мислат младите. А, оние што гласно протестираат се убиени“. 

Се смеам, но повеќе би сакала да плачам 

Еманципацијата на жените во Иран има многу долга традиција, многу подолга од постоењето на исламската држава. Од првиот ден на религиозната револуција во 1979 година, тие го доведуваат во прашање исламскиот концепт за правда, почнувајќи од правата на наследство до старателство и слобода на патување - секаде каде што жените поминуваат полошо од мажите. А, тука е и дискусијата за „невиното“ облекување: Иранките и претходно размислувале за тоа, по што дојде и смртта на Курдката Џина Махса Амини, која почина откако беше претепана од „верската полиција“. И тие протести потоа се претворија во вистински бунт.

Нушин седи на второто место во паркот. Таа го подготвува својот докторат и на 30-годишна возраст веќе е од друга генерација, за разлика од младите студенти кои минатата есен излегоа на улица. Таа ни кажува колку им е веќе мака на сите: „Можеби ќе ме видите како се смеам сега затоа што сум овде надвор во воздух. Луѓето можеби мислат дека сум среќна затоа што возам велосипед и не носам шамија. Некои можеби ќе мислат дека сега слободни и среќни. Но, ништо од тоа не е вистина.“

Техеран
...во паркот меѓу пријателите...Фотографија: Rouzbeh Fouladi/ZUMA Press/picture alliance

Да, очигледно многу се сменија. Не само тука, во приватноста на паркот, туку многу жени без шамија можат да се видат и во градот, на улиците и во трговските центри - и покрај евентуалната казна. Сето тоа изгледа како некоја нова и невидена самосвест и гордост, но сето тоа е само моментална слика и илузија. Нема точни бројки колку Иранци се согласуваат со мислењето на верските водачи, а колку не се согласуваат.  

Избори без избор 

Но, Нушин и огромното мнозинство Иранци сметаат дека нема иднина пред нив. Тука е и зголемената цена и инфлацијата на иранската валута поради мизерната економска состојба за која ова раководство на Иран не знае како да најде лек . Единственото нешто во што луѓето можат да бидат сигурни е дека кризата ќе биде уште потешка и подлабока. „Ситуацијата е веќе толку тешка што едвај ја плаќаме киријата“, ни вели Нушин. А, во политиката се чини дека воопшто ништо не се менува.

Техеран
...дури и на концерт во кафуле во ТехеранФотографија: Rouzbeh Fouladi/ZUMA Press/picture alliance

На изборите за парламент и влада излезноста беше најниска во историјата на Иран - за што да се гласа кога нема избор? Дури и за изборот на претседател Ебрахим Раиси многумина воопшто немаа волја да излезат на гласање, особено што тој во своите предизборни настапи се залагаше за уште подоследно почитување на верските прописи. Иранските лидери го гледаат овој пркос во кој жените одат со непокриени глави: потпретседателот на земјата Мохамад Дехган пред неколку дена рече дека непокриената коса и лице се кршење на прописите и „вистинско злосторство“.

На околу 150 километри јужно од Техеран се наоѓа Гом, свет град и упориште на шиитскиот ислам. Но, и таму со недели се зборува за протестите: Расиедин Мортасави Лангруди штотуку заврши со молитвата и седи на тепихот на една мала џамија. Тој е ајатолах, но со 44 години припаѓа на младата генерација верски водачи. Добро размислува што ќе каже, но само ни вели: „Во моментов не е препорачливо да се оди одлучно против жените без шамија. Сите делови од општеството треба да бидат задоволни. Доколку се издаде предупредување, тогаш тоа е совет, а не принуда“, вели младиот проповедник. 

Џина Махса Амини Даблин
Џина Махса Амини стана симбол и икона на протестите против дискриминацијата на жените во ИранФотографија: Niall Carson/PA Wire/empics/picture alliance

Не верата, туку луѓето се виновни  

По бруталниот настап на иранските безбедносни сили против демонстрантите, омразата на народот се префрли на чуварите на Иран. Лангруди има и лузна на подлактицата, неодамна бил нападнат во воз. „Протестот е право на народот, но не треба да биде без шамија или од инает на свештенството“, вели Лангруди. Дали мора да се носи шамија? Размислува и вели дека има впечаток оти општеството се оддалечило од обичајот жените да си ги покриваат главите.

Далеку од фактот дека сите ирански вероучители го имаат ова мислење: друг, исто така во Гом, неодамна рече дека жените не треба да се оставаат да одлучуваат дали ќе носат шамија. Ако не сакаат, тогаш треба да бидат принудени. 

Но , патролите на злогласните чувари на исламската револуција веќе не можат да се видат во големите метрополи во Иран. Само во оддалечените и конзервативни области тие сè уште постојано ги прогонуваат оние што не ги следат верските прописи. Го прашавме и Лангруди што мисли за Џина Амини, која беше претепана до смрт од тие чувари на револуцијата. 

„Што се однесува до тоа, владата требаше официјално да ѝ се извини на Махса Амини за да спречи сѐ што се случи потоа“.

Иран
Дури и во светиот град Ком, има проповедници кои повеќе не гледаат смисла во древните религиозни прописи.Фотографија: picture alliance/imageBROKER

Нема повеќе доверба

Младите студенти од паркот во Техеран можеби сè уште ќе можат да најдат ист јазик со младиот ајатолах, но голема дилема е дали некој воопшто го сака тоа и колку сѐ уште се верува во авторитетот на исламот. Од друга страна, дури и иранската влада не гледа друга алтернатива освен да опстои на своите строги религиозни прописи. Ако не со патролите на чуварите на исламската револуција кои со ќотек ќе ги научат „на памет“ грешниците, тогаш со надзорните камери кои се поставени насекаде низ иранските градови. Не само пешаците, туку и сопствениците на автомобили ќе добијат предупредување доколку некоја жена е во автомобил без шамија на главата.

А, на младите во паркот навистина им е доста од сето тоа: „Генерацијата што ја создаде Исламската Република сега има најмалку 70 години“, огорчено ни вели Мехди. „Постојано повторуваат дека ќе се спроведе реформата и дека сѐ ќе биде во ред. Но, мојата генерација не може веќе да го издржи тој притисок“.

Арне Банш и Ареф Тахеркенарех, dpa-дописништво Техеран

 

Солидарност со протестите на студентите од Иран