1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иран: Кој ги труе ученичките?

6 март 2023

Со месеци има информации за напади со отровен гас во женски училишта во Иран. И покрај големата мрежа со камери за надзор, властите тврдат дека не знаат кој се крие зад нападите.

https://p.dw.com/p/4OI4T
Возило за брза помош пред училиште за девојчиња во Ардабил, Иран, по информациите за труење
Возило за брза помош пред училиште за девојчиња во Ардабил, Иран, по информациите за труење Фотографија: Social Media/via REUTERS

Од ноември 2022 година во Иран зачестено се слуша за неразјаснети труења во женски училишта и студентски домови. До минатата недела затруени биле повеќе од илјада ученички во 15 градови ширум земјата. Девојчињата во интервјуа за државните телевизии раскажуваат дека одеднаш почувствувале смрдеа „како скапано овошје или расипани јајца или остар мирис на парфем“ и дека одвај можеле да дишат. Некои од нив ја изгубиле свеста, па другарките морале да ги влечкаат на свеж воздух во училишниот двор. Други биле хоспитализирани поради вртоглавици и гадење. „Во 90 проценти од случаите поради стрес“, тврдеше иранскиот министер за внатрешни работи Ахмад Вахиди на прес-конференција минатата недела. Претседателот Раиси му ја довери задачата да ги разјасни инцидентите. Заменикот министер за здравство, Јунус Панахи, пред неколку дена рече оти се сомнева дека целта на нападите е затворање на женските училишта. Темата се најде на дневен ред и во Парламентот, а јавниот обвинител Мохамад Џафар Монтазери отвори истрага.

Протести пред американското Министерство за надворешни работи против режимот во Иран - гас маската алудира на труењето ученички во Иран
Протести пред американското Министерство за надворешни работи против режимот во Иран - гас маската алудира на труењето ученички во ИранФотографија: Allison Bailey/NurPhoto/picture alliance

Алармиран просветниот синдикат

„Има протести од родители пред училиштата“, јавува 47-годишна мајка од Техеран во разговор со ДВ. „Многумина размислуваат да не ги праќаат веќе децата на училиште. Мојата постара ќерка е студентка. Таа раскажува дека нападите со отровен гас започнале во студентски домови за време на протестите во земјата. Со месеци слушаме за тоа, но никој не го сфаќаше сериозно“, вели мајката.

Советот за координација на иранскиот просветен синдикат повика на протести ширум земјата. „Кој и да стои зад овие напади, треба да знае дека безбедноста на нашите ученици е црвената линија за нас”, објави на социјалните мрежи Мохамад Хабиби, најпознатиот член на иранскиот просветен синдикат во Техеран. Хабиби во изминатите години неколкупати беше апсен поради повици за штрајк.

На интернет има бројни вести и видео клипови од затруени девојчиња и студентки во различни делови од земјата. „Можеби развиле отровни гасови и тестираат какво им е дејството?“, прашуваат некои ирански корисници на социјалните мрежи. Никој не верува дека зад овие очигледно координирани напади „не се крие никаква намера”, како што тврдеше министерот Вахиди на прес-конференцијата. Поранешниот министер за одбрана и генерал во Револуционерниот совет е злосторник баран со потерница и со години е на листата од Интерпол. Во 1994 година беше вмешан во бомбашките напади врз еврејскиот центар во Буенос Аирес, кога беа убиени 85 лица.

Иранскиот министер за внатрешни работи Ахмад Вахиди има задача од претседателот Раиси да ги разјасни инцидентите
Иранскиот министер за внатрешни работи Ахмад Вахиди има задача од претседателот Раиси да ги разјасни инцидентитеФотографија: Vahid Salemi/AP/picture alliance

„Тоа што Вахиди го тврди е смешно“, оценува за ДВ новинарката Молуд Хаџисадех. „Државниот апарат во Иран во изминатите десет до петнаесет години инсталираше густа мрежа на камери за надзор во земјата. Властите знаат дури и која жена во кој автомобил не носела шамија. Сопственикот на возилото веднаш добива СМС со предупредување. Безбедносните служби тврдат и дека точно знаат кое лице учествувало во кои протести. Демонстрантите често неколку дена по протестот ги апсат во нивните домови. И сега одеднаш немаат идеја кој затрул повеќе од 1000 ученички?“

Сеќавања на нападите со киселина од пред неколку години

Хаџисадех повеќепати била апсена поради известувањето за протестите во Иран. Во јануари 2021 година била осудена на една година затворска казна. Кратко пред да почне со издржувањето на казната, побегнала од Иран и денес живее во Норвешка. „Ги следам нападите уште од ноември и известувам за нив на интернет. Ме потсетуваат на нападите со киселина во градот Исфахан во 2014 година. Во тоа време десетици жени во градот беа нападнати со киселина затоа што нецелосно го носеле хиџабот. Тоа беа организирани напади од млади мажи кои никогаш не беа уапсени, исто како што е случај и со сегашните напади.“

Досега се затруени над 1.000 ученички во 15 градови низ државата
Досега се затруени над 1.000 ученички во 15 градови низ државатаФотографија: irna.ir

Првите напади се случија во светиот град на шиитите Гом, каде е многу силно конзервативното влијание. Екстремистички групи во Иран бараат забрана за одење на училиште за женски деца. Кога во ноември 2022 година имаше први информации за мистериозни труења во женските училишта во градот, протестите ширум земјата беа во полн ек. Во многу училишта протестните акции се одвиваа под слоганот: „Жена, живот, слобода“. Причина за протестите беше смртта на 22-годишната Јина Махса Амини што се случи додека беше притворена. Иранските власти им префрлаат на новинарите и „странските сили“ дека биле предводници на протестите. Зад нападите, според нив, стојат Израел и опозициските народни муџахедини.