Пригожин е мртов, Путин зајакнат?
25 август 2023Многумина го очекуваа тоа, а аналитичарите, како Ирина Бороган, се само изненадени од начинот на кој Евгениј Пригожин го загуби животот. „Тоа што беше убиен толку спектакуларно е нешто ново“, вели Бороган за ДВ. Дури и ако сите околности никогаш не се разјаснат, вели руската истражувачка новинарка.
Малку се оние кои се сомневаат дека Пригожин е навистина мртов. Ако дефинитивно е, веројатно не се случило случајно. Постои голема веројатност дека станува збор за нарачано убиство „по наредба на претседателот на Русија, Владимир Путин“, вели за ДВ австрискиот политички експерт и експерт за Русија, Герхард Мангот. Можен мотив би можела да биде одмазда за понижувањето на Путин за време на бунтот на Вагнер во јуни и „предупредување за критичарите во раководните редови“.
Бунтот против воениот врв - индиректно и против Путин
Според официјалните информации, шефот на озлогласената платеничка група Вагнер наводно бил во приватниот авион кој се урна во средата вечерта (23.08.). На списокот на патници беше и командантот на платениците Дмитриј Уткин, по чие кодно име „Вагнер“ групата го доби името . Сѐ повеќе има докази дека авионот експлодирал на летот од Москва до Санкт Петербург.
Во последно време се чинеше дека конфликтот меѓу Пригожин и рускиот претседател е решен. Шефот на Вагнер се движеше слободно и снимаше видеа од наводните нови акции на неговата трупа, меѓу останатите и во Африка.
На крајот на јуни, Пригожин го предводеше вооружениот бунт против военото раководство на Русија. Без отпор, го окупираше седиштето на воената команда во Ростов на Дон. Со дел од својата приватна војска маршираше кон Москва и ги собори авионот и хеликоптерот кои се обидоа да го запрат. Путин го нарече предавник. Немаше конфликт, беше постигнат договор: на Пригожин му беше ветен имунитет во замена за егзил во Белорусија. Но, тој се врати.
Бунтот ја шокираше Русија. Среде агресорската војната против Украина, Пригожин го предизвика шефот на Кремљ како никој друг - и тоа воено. Владимир Путин тогаш со часови изгледаше слаб и немоќен. Пред тоа, Пригожин со месеци јавно беше во судир со министерот за одбрана Сергеј Шојгу, близок соработник на Путин, како и со началникот на Генералштабот, Валериј Герасимов. Тој и двајцата ги обвини за неспособност во војувањето. Пригожин индиректно го нападна Путин, јавно доведувајќи ги во прашање неговите причини за војната.
Речиси без влијание врз војната во Украина
Порано беше поинаку. Пригожин се сметаше за лојален, а неговите платеници ѝ помогнаа на руската војска во освојувањето на териториите во Украина, последен пат на крајот на мај во градот Бахмут. Путин и Пригожин се познаваат уште од деведесеттите. На Пригожин му беше дозволено да биде првиот кој ќе формира приватна група за тешки и валкани операции по налог на Москва - во Украина, Блискиот Исток и во Африка.
Поддржувачите на Пригожин сега веројатно се фрустрирани, претседателот Путин не мора да се плаши од нов бунт, вели за ДВ Марина Мирон, експерт од Универзитетскиот колеџ во Лондон. Шефот на Кремљ очигледно најде решение „да ја контролира групата“.
Експертите сметаат дека тоа нема да влијае на војната во Украина. Вагнер, групата на Пригожин веќе беше ослабена за време на тешките борби во пролетта, а сега е и без лидер. Веќе три месеци руската армија се бори без помош на Вагнер и како што оценува Путин, таа е во подобра позиција од порано.
Путин и натаму со Шојгу?
„Прашање е што ќе се случи со мисиите на Вагнер во Африка. Таму таа група направи многу валкани работи за руската влада и значително го зајакна влијанието на Русија во африканските земји“, потсетува Герхард Мангот.
Останува нејасно и колку долго претседателот Путин ќе успее да ја зајакне својата моќ. Тоа ќе зависи од натамошниот тек на војната во Украина.
Конечно, останува да се види дали шефот на Кремљ ќе продолжи да го поддржува својот министер за одбрана Сергеј Шојгу. Негово разрешување не бараше само Пригожин, туку и разни радикални националисти и некои таканаречени воени блогери. Нивната поддршка за војната е важна за Путин. Затоа со некои од нив дури и претходно се сретнуваше лично.