1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Отповикани седум амбасадори, кој ќе ги замени?

ДТЗ
13 ноември 2024

Во тек се консултации за испраќање на нови амбасадори. МНР бара решение и за амбасадорското место во ОН и ги спори мандатите на Андреј Жерновски во Букурешт и на Весел Мемеди во Рим.

https://p.dw.com/p/4mwvP
Гордана Сиљановска Давкова
Претседателката отповика седум амбасадори, кој ќе ги замени?Фотографија: North Macedonia President

Седум македонски амбасадори ќе се вратат во земјата, по одлуката на претседателката Гордана Сиљановска Давкова за нивно отповикување. Станува збор за повлекување на македонскиот амбасадор во НАТО, Дане Талески, Данчо Марковски од Албанија, Фатон Бејта од Данска, Сали Лимани од Казахстан и амбасадорот Шабан Јашари од Катар. Отповикани се и амбасадорката Теута Агаи Демјаха од функцијата шеф на Постојната мисија на Северна Македонија во ОН во Женева и амбасадорката при Светата Столица во Ватикан, Марија Ефремова. Во тек се консултации за именување на нови амбасадори. 

Стандардна процедура при завршување на мандат

Од кабинетот на претседателката посочуваат дека објавените укази во Службен весник за отповикување на амбасадорите се дел од стандардната законска процедура со која се констатира завршувањето на мандатот по навршени 4 години од упатувањето согласно член 44 од Законот за надворешни работи. 

По објавувањето на указите, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија треба да ги извести амбасадорите за објавениот указ и се започнува постапка за нивно враќање во земјата.

Согласно указите, мандатот на Талески во Брисел престанува на 14 јануари 2025 година, а на останатите амбасадори заклучно со 30 ноември годинава.  

Тимчо Муцунски
Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски е дециден дека станува збор за редовна процедура, а не вонредно враќање на амбасадорите. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Консултации за нови амбасадори 

Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски е дециден дека станува збор за редовна процедура, а не вонредно враќање на амбасадорите. Тој на прес-конференција во вторникот (12.11) најави дека во тек се консултации на државниот врв, по што наскоро се очекува да почне со процес на именување на нови амбасадори. 

„Во врска со именување нови амбасадори и главни конзули, во моментов тече процес на консултации помеѓу претседателката, премиерот и мене, и очекувам наскоро да почнеме со процес на именување на нови амбасадори, секако земајќи во предвид квалитетите и квалификациите на лицата кои што ќе ги именуваме, и еден од приоритетите за побрзо именување нов амбасадор е секако нов амбасадор во НАТО, бидејќи мандатот на амбасадорот Дане Талески завршува веднаш после новогодишните празници“, изјави Муцунски. 

Андреј Жерновски
Андреј Жерновски објави фотографијата од предавањето на акредитивите во романското МНР. Фотографија: DW/P. Stojanovski

Фрчкоски во оставка, Жерновски најавува тужби 

Во однос на амбасадорите Љубомир Фрчкоски во ОН, Андреј Жерновски во Букурешт и Весел Мемеди во Рим, Муцунски вели дека амбасадорот Фрчкоски поднесе оставка, но тоа не значи дека тука се завршени процесите околу внатрешна ревизија за финаниското работење.

„Во врска со амбасадорот Жерновски, и амбасадорот Мемеди се водат внатрешни процедури во рамките на Министерството за надворешни работи, во согласно со Законот за надворешни работи и соодветно ќе бидете информирани кога ќе завршат тие процедури. Формално правно амбасадорот Мемеди е се уште амбасадор. Формално правно, амбасадорот Жерновски никогаш не ни станал амбасадор во Букурешт, бидејќи нема предадено акредитивни писма, додека Фрчкоски е амбасадор во оставка“, вели Муцунски во изјава којашто ја пренесе агенцијата МИА.

Амбасадорот Андреј Жерновски во објава на социјалните мрежи најавува тужби. Вели дека клеветењето и нанесување штета на нечиј личен углед и интегритет е крајно сериозна работа.

„Како доказ за трагикомичните лаги, денеска ја објавувам фотографијата од предавањето на моите акредитиви во романското МНР. Дополнително, онаму каде ќе биде потребно, ќе ја доставам и мојата лична карта во Романија, која се издава на дипломати, на која пишува дека сум амбасадор на Република Северна Македонија во Букурешт. Истата е издадена од Министерството за надворешни работи на Романија“, вели Жерновски. 

Поради внатрешните процедури во МНР тој вели дека не смее да дава службени изјави додека трае неговиот амбасадорски мандат. „Кога истиот ќе заврши, со задоволство и со страст ќе ги отвориме сите теми. До тогаш, со оние кои шират лаги и клевети, ќе се гледаме на суд“, порача амбасадорот.

Указите за отповикување на амбасадорите беа објавени во вторникот во Службен весник.