Пендаровски: Поделбите меѓу граѓаните сѐ подлабоки
21 февруари 2022Неуспешниот обид за формирање на ново парламентарно мнозинство ги зголеми тензиите во земјата, а ескалираа со блокадата на Собранието од страна на опозицијата, вели за ДВ, македонскиот претседател Стево Пендаровски.
„Поделбите помеѓу политичките партии, а, за жал и меѓу граѓаните, станувааат сѐ подлабоки и тој јаз не може да се надмине со едно обраќање повеќе во Собранието или на т.н. лидерски средби. Да беше можно досега ќе имав обраќања секоја недела во законодавниот дом. Иако причините за поделбите се структурни и опстојуваат долги години, тензиите драстично пораснаа кон крајот на минатата година по неуспешниот обид за формирање на ново парламентарно мнозинство и ескалираа, практично, во блокада на парламентот кој со месеци не може да го комплетира составот, на пример, на една од најзначајните институции во секоја држава - Уставниот суд. Потребно е многу повисоко ниво на политичка култура, одговорност и толерантност на политичките лидери едни кон други, затоа што ако ние се однесуваме на таков начин, граѓаните нема да се однесуваат многу поразлично.“
Во однос на пополнувањето на испразнетите дипломатски мисии, Пендаровски очекува од владата да му достави листа на кандидати кои тој во најбрз рок ќе ги разгледа. Некои амбасади не смеат „ниту еден ден понатаму“ да бидат без прв човек, вели Пендаровски.