1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МиграцијаЕвропа

Над 800.000 барања за азил во ЕУ, Швајцарија и Норвешка

Ролф Петер Бројх
10 октомври 2023

Бројот на барања за азил во земјите од ЕУ плус Швајцарија и Норвешка оваа година може да ја надмине границата од еден милион.

https://p.dw.com/p/4XKnB
Мигранти во пристаништето во Фуертевентура
Мигранти во пристаништето во ФуертевентураФотографија: Europa Press/dpa/picture alliance

Од почетокот на годинава досега се поднесени 801.459 барања за азил во земјите од Европската унија, Норвешка и Швајцарија. Споредено со истиот период минатата година, ова е највисока вредност од 2016 година, пишува дневниот весник „Велт“. Весникот ги цитира тековните податоци на Агенцијата за азил на ЕУ (ЕУAA) од доверлив извештај на Европската комисија.

Најголем пораст забележа Летонија со плус од 168% и Естонија со 119%. Порастот се должи на наглото зголемување на нерегуларната миграција од Белорусија како резултат на војната во Украина.

Германија се најде на трето место со пораст на бројот на барања за азил од 74 отсто во однос на истиот период лани. Во Германија, според EУAA, речиси секое трето барање за азил го поднел Сириец (27 проценти), потоа мигранти од Авганистан (17 проценти) и Турција (16 проценти).

Во Франција, пак, според „Велт“, процентуалниот пораст од 37 отсто е двојно помал отколку во Германија. Во Италија бројките се зголемени за 63 отсто во однос на истиот период минатата година, цитира весникот од извештајот на ЕУ.

Најмногу паднале бројките во Данска (минус 56 отсто), Малта (минус 54 отсто), Кипар (минус 52 отсто) и Австрија (минус 41 отсто). Земјата со најмалку луѓе кои годинава побарале заштита досега е Унгарија, која досега има регистрирано само 26 барања за азил.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема