1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Постхумна мировна награда на градот Дрезден за Навални

Јенс Турау | Роман Гончаренко
13 мај 2024

На Алексеј Навални постхумно му беше доделена наградата за мир на градот Дрезден. Тој беше остар критичар на режимот на Путин и почина под сомнителни околности во затворски логор. Неговата вдовица ја продолжува борбата.

https://p.dw.com/p/4fnEY
Алексеј Навални
Алексеј Навални со живот ги плати критиоките на сметка на КремљФотографија: Gonzalo Fuentes/REUTERS

Големата почит за Алексеј Навални доаѓа предоцна. Добро познатиот критичар на рускиот режим почина во затворски логор во Сибир во февруари под околности кои сѐ уште се нејасни.
Сега му е доделена престижната награда за мир на градот Дрезден, дотирана со 10 илјади евра.
Неговата вдовица Јулија Навалнаја ја прими наградата. Говорот во негова чест го одржа поранешниот германски претседател Јоаким Гаук, кој по веста за смртта на Навални рече дека тој е „икона на сите пристојни Руси“.
Членовите на Државниот театарски ансамбл Дрезден ја изведоа „Говорот на Алексеј Навални пред судот“.

Јоахим Гаук и Јулија Навалнаја во Дрезден
Јоахим Гаук и Јулија Навалнаја во Дрезден на свечената церемонијаФотографија: Sebastian Kahnert/dpa/picture alliance

Блогер со смисла за хумор

Навални, роден 1976 година, со години го привлекуваше вниманието укажувајќи на корупцијата и злоупотребите во Русија и на тој начин стекна слава ширум светот. Тој преживеа обид за атентат и сепак се врати во татковината. Како блогер, Навални ја искористи својата суптилна смисла за хумор за да допре до милиони, особено до помладите Руси. Тој се бореше против корупцијата во земјата - и против режимот на Владимир Путин.
Тој создаде многу моќни непријатели. Кремљ стори сѐ за да го држи надвор од политиката. Сепак, Навални успеа да организира поддржувачи низ целата земја.
Навални ја започна својата кариера како бизнисмен и адвокат. Во доцните 1990-ти, тој се приклучи на лево-либералната партија Јаблоко, но беше исфрлен во 2007 година поради конфликт со врвот на партијата и националистичките ставови.
Подоцна беше активен во националистичкото движење, што го направи контроверзен во опозициските кругови.

Го преживеа нападот, но сепак се врати

Труењето во 2020 година привлече големо меѓународно внимание: Навални беше префрлен во Берлин, каде успешно беше лекуван во болницата Шарите.
Тој ја обвини руската служба и лично Путин за нападот со нервен агенс. Кога се опорави, сепак одлучи да се врати во Русија.
Тој беше уапсен на аеродромот во Москва, а потоа осуден на 19 години затвор. Во декември 2023 година, Навални се сметаше за исчезнат неколку недели.
Подоцна беше откриено дека тој бил одведен во затворски логор во Арктичкиот круг. Тој претпоставуваше дека ќе биде изолиран пред претседателските избори, одржани во март годинава, на кои се очекуваше победа на актуелниот претседател Владимир Путин.

Елоквентен дури и на суд

Опозицискиот активист претходно неколкупати во затвор се жалеше на кршење на неговите права. До крајот Навални ги користеше и судските рочишта за остро да го критикува системот на Путин и војната на Москва против Украина.

Алексеј Навали пред руски суд во октомври 2022 година
Алексеј Навали пред руски суд во октомври 2022 годинаФотографија: Alexander Zemlianichenko/AP Photo/picture alliance


Алексеј Навални водел нерамноправна битка.  Неколку недели по неговата смрт, самиот Путин потврди дека непосредно пред тоа се подготвувала размена на затвореници.
Остануваат прашањата дали тоа воопшто е точно и, ако е така, зошто Навални не бил разменет.

Русија продолжува да се бори против критичарите

Дури и по смртта на Навални, рускиот режим продолжува со голема бруталност да се бори против критичарите на системот.
Поддржувачите во Велика Британија неодамна изразија загриженост за здравјето на еден од блиските соборци на Алексеј Навални, Владимир Кара-Мурза.
Овој 42-годишник во април беше осуден на 25 години затвор за „велепредавство“, а претходно живеел во Србија каде, како што тврдел, бил шпиониран од српската служба во име на Москва. Тој претходно ја обвини Русија за „воени злосторства“ во Украина во неговиот говор во САД. Ова е најдолгата позната затворска казна што некогаш му била изречена на критичар на Путин.
Слично на Навални, семејството и адвокатите на Кара-Мурза велат дека руската тајна служба се обидела да го отруе во 2015 и 2017 година. Оттогаш тој има сериозни здравствени проблеми.

„Навални стана опасност за Путин"

Во образложението за доделувањето на наградата на Навални во Дрезден се вели: „Навални постојано бодеше со прстот во раните на руската диктатура и стана најголема опасност за Путин и неговиот систем. Затоа стана политички затвореник, чија смрт симболично потсетува на смртта на многу луѓе кои се залагаат за слобода и демократија во Русија“, се вели во образложението.
Наградата ја доделува Здружението „Пријатели на Дрезден, Германија“. Така секоја година се потсетува на бомбардирањето на Дрезден од страна на сојузничките сили во 1945 година.
Ова здружение исто така има за цел да се спротивстави на присвојувањето на одбележувањето на годишнината од бомбардирањето на Дрезден од страна на десничарските екстремисти.

Вдовицата на Навални продолжува таму каде што застана тој

По смртта на Навални,  неговата вдовица сѐ повеќе е во фокусот на јавноста.  На 16 февруари, веднаш по веста за неговата смрт,  таа го повика Путин на одговорност  на Минхенската безбедносна конференција.
Таа рече дека тој и неговите помошници треба да бидат „казнети за она што ѝ го направија на нашата земја, на моето семејство и на мојот сопруг“.
На почетокот на мај беше објавено дека Дојче веле оваа година на Јулија Навалнаја ќе ѝ ја додели „Наградата за слобода на говорот“, која ќе ѝ биде врачена на почетокот на јуни годинава.
Меѓу претходните добитници на Дрезденската награда за мир, која се доделува од 2010. година, се поранешниот претседател на Советскиот Сојуз, покојниот Михаил Горбачов и диригентот Даниел Баренбоим.