Наградата за слобода на говор на ДВ за Јулија Навалнаја
3 мај 2024Три дена по смртта на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални во февруари 2024 година, неговата вдовица Јулија Навалнаја изјави дека ќе го наследи и ќе го преземе управувањето со „Фондацијата против корупција“ (ФБК). Нејзиниот сопруг ја основаше непрофитната организација во 2011 година. Целта: откривање и објавување на случаи на поткуп и злоупотреба на власта меѓу руската елита и со тоа борба против корупцијата. Многумина ја гледаат смртта на Навални на 47-годишна возраст во затворски логор во Сибир како резултат на долгогодишните репресалии со кои руските власти го малтретираа поради неговите политички активности.
Сега Дојче веле на Јулија Навалнаја и на „Фондацијата против корупцијата“ им ја доделува 10-тата награда за слобода на говорот. Директорот на ДВ, Питер Лимбург, изборот го образлага со „непоколебливата храброст“ со која Навалнаја и нејзините колеги се борат за слободна Русија: „Јулија Навалнаја од почетокот ја поддржа политичката работа на својот сопруг Алексеј Навални во борбата за слобода на печатот и слободата на изразување во Русија - и покрај сите ризици, постојани закани и лични ограничувања“.
Печатот првпат известуваше за Навалнаја кога таа и други членови на опозицијата во потрага по нејзиниот сопруг, кој беше одведен од полицијата по митинг за фер избори, ги пребаруваа притворите низ Москва.
Јулија Навалнаја не сакаше да се занимава со политика
Јулија Навалнаја, според набљудувачите, најавила сопствена политичка кариера наследувајќи го својот покоен сопруг. Некои ја гледаат како ново лице на руската опозиција. Притоа, таа всушност никогаш не сакала да биде политичарка.
Јулија Абросимова се запозна со Алексеј Навални во 1998 година, за време на одмор во Турција. Тие се венчаа во 2000 година, а една година подоцна ја добија ќерката Дарија. Синот Захар е роден во 2008 година. Навалнаја дипломира на Факултетот за меѓународни економски односи на Универзитетот Плеханов во Москва. Таа всушност не планира да има своја кариера, од самиот почеток ја поддржува кариерата на својот сопруг.
Брачната двојка пред дваесетина години се приклучи на партијата Јаблоко. Бидејќи нејзиниот сопруг со текот на времето станувал сè поважен политичар, Навалнаја му помага со преводи или изготвување бизнис планови. „Бев невидлив помошник“, изјави таа во 2014 година за магазинот „Афиша“ , кој на својата насловна страница, покрај нејзината фотографија, напиша: „Посилниот пол“.
Тестови за „првата дама“ на руската опозиција
„Најдраматичниот ден“, како што еднаш рече Јулија Навалнаја, сепак се случи во 2013 година. Тоа е денот кога нејзиниот сопруг беше осуден на пет години затвор - за наводна проневера. Сликите од судницата од тоа време покажуваат дека Јулија Навалнаја ја гледа постапката со наведната глава. Таа тогаш, како што откри, била подготвена на сите можни исходи. Но, откако јавноста протестираше, судот ја промени затворската казна во условна.
Подоцна, Навалнаја рече дека се помирила со ризиците од политичката работа на нејзиниот сопруг: „Луѓето веруваат во него, им светат очите, излегуваат на улица иако се заплашени, иако им се заканува затвор“. Прекрасно е“, нагласи таа во интервју за магазинот „Афиша“.
Јулија Навалнаја зачекори на политичката сцена дури во 2013 година, за изборната кампања на нејзиниот сопруг, кој во тоа време се кандидираше за градоначалник на Москва. Навални се залагаше за транспарентност во политиката, вклучувајќи ги неговите приходи, неговиот имот и сё што е поврзано со неговото семејство. Така, Навални се позиционираше како спротивност на старомодните политичари. На изборите за градоначалник освои околу 27 отсто од гласовите и со тоа заврши на второто место, зад победникот Сергеј Собјанин. Јулија Навалнаја на тој начин стана „прва дама“ на лидер на опозицијата.
Новиот тест со кој се соочи Навалнаја беше труењето на нејзиниот сопруг во летото 2020 година во Омск. Докторот Александар Полупан за ДВ вели дека Навалнаја се однесувала сталожено во таа стресна ситуација, покажала силна волја, била самоуверена. Полупан смета дека токму нејзината упорност значително придонела за префрлањето на Навални во Германија, односно тоа што случајот добил толкаво медиумско и јавно внимание. Имено, Навалнаја испрати апел до рускиот претседател Владимир Путин да дозволи лекување на нејзиниот сопруг во Германија. Путин подоцна изјави дека лично побарал од обвинителството да му дозволи на Навални да ја напушти земјата. И тоа го направил веднаш откако го замолила сопругата на опозицискиот лидер.
„Симбол на моралниот отпор“
Политикологот Дмитриј Орешкин е уверен дека Јулија Навалнаја може да се покаже како важен симбол на отпорот против „машката“ тиранија во Русија. Додека мнозинството од машката популација цврсто верува во приказната за нападот на НАТО врз Русија, жените во земјата треба да решаваат конкретни проблеми: „Нивните сопрузи се убиени, нивните браќа мора да се приклучат на војската, а нивните синови се испраќаат во смрт во Украина“, пишува Орешкин. „Мислите на жените во Русија не се вртат околу ниту една идеологија, тие само сакаат членовите на нивните семејства да се вратат дома. Имиџот на Навалнаја може да делува како обединувачки фактор за опозицијата и во земјата и надвор од неа“.
Андреј Колесников од организацијата „Карнеги фонд за меѓународен мир“ од Вашингтон, пак, смета дека Јулија Навалнаја би можела да стане „морален симбол на отпорот“. Тој додава: „Ако некогаш сме во ситуација да биде номиниран демократски претседателски кандидат, Јулија ќе биде најдобриот кандидат во секој случај, според мислењето на милиони луѓе“.
„Со убиството на Алексеј, Путин уби половина од моето битие, половина од моето срце, ми уби половина од душата“, вели Навалнаја. А, другата половина, која остана, сега е, вели таа, полна со „бес, гнев и омраза“ - работи што ќе ја турнат напред, за да го оствари сонот на нејзиниот сопруг: изградба на Русија „полна со достоинство, правда и љубов“.
Наградата за слобода на говор ќе ѝ биде врачена лично на Јулија Навалнаја, на 5 јуни 2024 година во Берлин. Говор по тој повод ќе одржи сојузниот министер за финансии и претседател на ФДП, Кристијан Линднер.