Пораки од Скопје: ОБСЕ се спаси, Малта е новиот претседавач
1 декември 2023„ОБСЕ е спасена! Одлуките на Министерскиот совет на ОБСЕ 2023 се конечно донесени! Малта и официјално е новиот претседавач со ОБСЕ за 2024 година“. Ова е пораката која што ја испрати денеска (01.12) од Скопје шефот на македонската дипломатија и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, со што се заокружи дводневниот состанок на кој присуствуваа 1.000 делегати од 57 земји членки на Организацијата и земји партнери.
Ваквиот исход следи по бројните средби, разговори, полемики коишто се отворија на одлучувачкиот состанок во Скопје, на кој присуствуваше и шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, што пак предизвика незадоволство и бојкот кај дел од делегациите. Лавров и во четвртокот, но и во петокот на подолга прес-конференција го обвини Западот за проблемите на Балканот и изрази незадоволство поради обид да се изолира Русија. Зборувајќи за американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој замина пред почетокот на министерскиот состанок на ОБСЕ, Лавров рече дека го избегнал состанокот со него.
„Блинкен го избегна состанокот, но јас еве сум тука, него не го гледам. Секретарот Блинкен и Борел си заминаа. Зошто го направија тоа? Тие се кукавици, се плашат од отворен разговор поткрепен со факти. Мислам дека сакаа да ја нагласат нивната намера да ја изолираат Русија“, изјави Лавров.
Блинкен присуствуваше на неформалната вечера на лидерите, која се одржа во средата, но не беше на официјалното отворање на Министерскиот состанок затоа што замина во Израел. А на отворањето САД беа претставени од помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања Џејмс О'Брајан. Американскиот државен секретар по Скопје, како што соопшти Стејт департментот, замина за Израел, откако во земјата се сретна со премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи и претседавач на ОБСЕ, Бујар Османи.
„Лавров фрла вина врз другите“
На критиките на Лавров одговори постојаниот претставник на САД во ОБСЕ, амбасадорот Мајкл Карпентер. „Лавров уште еднаш фрли вина на другите“, изјави тој и додаде: „Би било соодветно да направи поголема интроспекција на руското малигно влијание врз повеќето демократски држави, вклучително и на Западен Балкан, каде што е тоа нагласено“, рече Карпентер на прес-конференција во рамки на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје.
Тој додаде дека дека „никој не сака да седи на маса со Лавров и да слуша лаги и дезинформации и пропаганда“. „Седењето на страна од таа маса има повеќе разумна смисла, освен ако некој не сака мазохизам“, рече Карпентер. Според него, Русија останува изолирана во рамки на ОБСЕ поради воената агресија врз Украина. „Не постои ниту една друга членка на Организацијата, која ја поддржува оваа воена агресија или која се обидува да ја брани“, рече Карпентер.
Успешна дипломатија
ОБСЕ одлучи да и го продолжи е мандатот на генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид, на високиот комесар за национални малцинства, Каират Абдракхманов, а продолжен е мандатот и на претставничката за слобода на медиуми на ОБСЕ, Тереза Рибеиро. Матео Мекачи исто така е реизбран на чело на ОДИХР.
Бујар Османи на прес-конференција рече дека со успешна дипломатија е постигнат договор, иако сите најави деновиве укажувале дека тоа тешко ќе се оствари. „Ова е најголемиот политички настан на наше тло и овој состанок се случи во вонредно време, кога сме сведоци на постојани напади, на војна против Украина и човечкото страдања. На многу начини историјата се повторува. Предизвиците се и денес и утре. Овде на Балканот се двоумиме да ги наречеме работите историски, но овој Министерски совет веќе е наречен историски. Руската агресија врз Украина ја доведе во прашање европската безбедносна архитектура, но исто така го доведе во прашање постоењето на самата Организација, затоа овој совет е револуционерен“, рече Османи.
На новинарско прашање дали имало „пазарење“ со Русија во постигнувањето на договорите на Министерскиот состанок, Османи рече дека компромисот е во сржта на Организацијата и изрази задоволство, што во ваква тешка година се донесени одлуки со едногласност, при тоа подвлекувајќи дека нема пазарења со вредностите на Организацијата.
„Ние бевме гласни во осудувањето на руската воена агресија, но исто така го претворивме ОБСЕ во платформа за правна одговорност на Русија. Немаше тргување со принципите на Организацијата“, рече Османи.
Приоритети - крај на војните и конфликтите
Новиот претседавач со ОБСЕ, Јан Борг, министер за надворешни работи на Малта порача дека фокусот треба да биде ставен на ставање крај на војните и конфликтите. „Руската агресија врз Украина мора да запре“, порача тој на завршната прес-конференција. Борг рече дека анонимниот глас од сите 57 земји кои му ја укажаа довербата за нов претседавач, е доказ на заедничката заложба да се зајакне организацијата и да се осигура дека покрај сите предизвици со кои се соочува, организацијата ќе продолжи да работи. Тој очекува да работи рака под рака заедно со сите партнери и кажа дека ќе се обврзе да работи кон поттикнување на зајакнување на мултилатеризмот.