1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаПолска

Полска става ограда на границата со Русија

Моника Ширацка
24 ноември 2022

Полска ја оградува границата со руската ексклава Калининград со бодликава жица. Оградата треба да ги запре мигрантите од Блискиот Исток и Северна Африка и да им даде на жителите чувство на сигурност.

https://p.dw.com/p/4K0ye
Калининград
Полските граничари поставуваат жица на границата на НАТО со руската ексклава КалининградФотографија: Monika Sieradzka/DW

Селскиот имот на Кшиштоф Зајачковски е оддалечен околу 400 метри од жолтиот знак на кој пишува „државна граница“ на полски. Тој е претседател на месната заедница во селото Вилкајцие и од неговиот прозорец може да го види тој знак. Шумата со смрека зад таблата веќе припаѓа на руската ексклава Калининград. На крајот на ноември 2022 година, тој сè уште можеше без проблеми да оди преку ливадата до граничната зона. Во иднина тоа повеќе нема да може, бидејќи се поставува ограда од полската страна на границата.

На неколку километри на исток веќе почна да се работи на ограда со бодликава и жилет - жица. „Добро е и потребно кога живееш толку блиску до Русија“, вели Зајачковски. А тој, вели, не се чувствува загрозен ниту без ограда, бидејќи полските граничари внимателно ја чуваат областа. „Но, кога ќе видите што се случува денес во Украина, не знаете што друго може да дојде од руска страна“. 

Кшиштоф Зајачковски
Кшиштоф Зајачковски живее на 400 метри од границатаФотографија: Monika Sieradzka/DW

„Сакаме оваа граница да биде непробојна“. На 2 ноември полскиот министер за одбрана Мариуш Блашчак со тие зборови ја најави изградбата на оградата. Одлуката е поврзана со „воздушниот сообраќај меѓу Блискиот Исток и Калининград“. Според медиумите, аеродромот во руската ексклава има потпишано договори со Сирија, Белорусија и Турција.

Минатата година, илјадници луѓе од Блискиот Исток полетаа во Минск, главниот град на Белорусија, за да стигнат до полската граница и да влезат во Европската Унија. Имаше жестоки судири со полските безбедносни сили. Тогаш Полска постави бодликава жица на границата со Белорусија. Според податоците на полските граничари, бројот на обиди за илегално преминување на границата оттогаш драстично се намалил: од 17.000 во октомври 2021 година на околу 1.500 во истиот месец оваа година.

Камери и детектори за движење

Сега оградата кон Калининградската област се подига за да се спаси Полска од слично сценарио. Првите пет километри беа завршени до средината на ноември. Бариерата треба да биде долга повеќе од 200 километри, широка три метри и висока два и пол. Првично ќе се состои само од бодликава жица, но подоцна ќе се постават и камери, ниска жица што го попречува движењето и подземни сеизмички детектори за движење.

Досега, нелегалните влегувања преку границата со Калининград беа ретки. Според полската гранична полиција, од јануари до крајот на септември годинава се регистрирани само единаесет случаи. Повеќето беа шверцери на тутун, а не мигранти. Сепак, според анкетите, повеќе од две третини од Полјаците го поддржуваат поставувањето на нова гранична ограда. 

Страв од руски напад 

„Мигрантите не се наша најголема грижа“, вели Урсула за ДВ. Таа живее во Голдап, град со околу 14.000 жители, на четири километри од границата. „Никој не видел мигранти овде, барем до сега. Но, колку поголема заштита од Русија, толку подобро. Путин е бандит“, вели Урсула. И еден млад човек додава: „Во одреден момент Русија ќе ја нападне Полска“.

Урсула од Голдуп
Урсула од Голдуп: Колку поголема заштита од Русија, толку подобро. Путин е бандит.Фотографија: Monika Sieradzka/DW

Урсула дури размислува да ја напушти земјата. „По 30 години поминати во САД, се вратив во Полска кога се пензионирав. Но, сега се чувствувам толку несигурно овде што размислувам да се вратам во Америка“.

Критики поради оградата

Има и поинакви размислувања. „Не знам дали жицата ќе ги запре бегалците - или можеби ќе биде подобро ако Полска конечно имаше вистинска политика кон мигрантите“, вели за ДВ Збигњев Содол, лекар од Голдап. „Кога Русија ги истрелува своите проектили, тие летаат 500 километри над нашите глави и ниедна ограда не може да помогне против тоа. Она што Путин го прави во Украина е „злосторство“, вели Содол, но има и „нормални луѓе“ во Русија. 

Русија предизвикува загриженост со стационирањето ракети во Калининград

Критики доаѓаат и од полската опозиција. Активистката за човекови права и пратеничка во Европскиот парламент Јанина Очојска од партијата Граѓанска платформа (ПО), обраќајќи им се на полскиот премиер и владата на Твитер напиша: „Дали го изгубивте умот? Потрошивте 350 милиони евра на „брана“ на полско-белоруската граница само за да имате можност за повеќе прекршување на законите, а сега сакате да изградат уште една? Следете го законот и процедурата. Тоа е поевтино и поефикасно“.

Заштита на надворешната граница на ЕУ

Но, таквите критички гласови се ретки. Во однос на безбедносните прашања, речиси и да нема разлики меѓу ставовите на владините и опозициските политичари. Не е ни чудо, вели Паулина Пјасечка, директорка на Центарот за проучување на тероризмот на Универзитетот Колегиум Цивитас во Варшава . „Може да се очекува мал отпор ако одговориме на заканата на државата што го предизвика конфликтот во Украина, веднаш преку нашата граница“.

д-р Паулина Пјасечка Центар за проучување на тероризмот
д-р Паулина Пјасечка, директор на Центарот за проучување на тероризмотФотографија: Privat

Покрај тоа, Полска е одговорна за заштита на надворешната граница на Европската Унија. „Во безбедноста на границата Калининград се инвестира не само за доброто на граѓаните на Полска, туку и за доброто на граѓаните на сите други земји кои припаѓаат на Шенген зоната“, изјави Пјасецка за ДВ. А граничната ограда, смета таа, го зајакнува и чувството на безбедност кај жителите во пограничната област.

Претседателот на месната заедница на пограничното село, Кшиштоф Зајачковски, вели дека тој и неговото семејство ќе се чувствуваат побезбедни кога конечно ќе ја видат жичената ограда од својот прозорец. Но, вели тој, не треба само да седиме и да ја чекаме државата. Како и многу семејства во Полска, Зајачковски почна да собира залихи и да подготвува засолниште.

Калининград
Залихите на семејството Зајачковски во подрумот под нивната шталаФотографија: Monika Sieradzka/DW

„Имаме голема визба под шталата каде што можеме да се скриеме и да поминеме некое време во случај на опасност“, вели Кристина, 73-годишната мајка на Кшиштоф. Таму складирале компири, мед и јајца, сето тоа од сопствено производство. „Без разлика дали заканата е мигранти или руски напад, јас нема да ја напуштам мојата куќа“, вели таа.