1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политика на перцепции: Глупаци, коњи и Да, Мицкоски!

12 септември 2024

Првите сто дена на Мицкоски се повеќе од успешни. Во смисла на остварување на посакуваното, а тоа е освојување на власта по секоја цена и без никакви инхибиции. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/4kWYa
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски
Македонскиот премиер Христијан МицкоскиФотографија: Government of North Macedonia

Снимени пред триесетина години, но актуелни и денес, британските хумористични серии „Да, Министре/Премиере” и „Само глупаци и коњи (работат)” се можеби најдобрите политички образовни телевизиски дела за политиката и општеството. Не велам јас, туку современиците, како лидерот на Лабуристите Нил Кинок кој ценеше дека „Да Министре" е „многу блиску до вистината”, додека пак самата Меги Тачер ќе изјави „серијата е јасен одраз на тоа што се случува низ коридорите на моќта”. Апропо, самата Тачер беше автор на сценариото и актер во една од епизодите на серијата, на самиот зенит на нејзиното владеење. За „Глупаците и коњите” нема потреба за објаснување. Дел Бој и Родни се дел од нашиот хумор подеднакво како и Итар Пејо и Насредин Оџа, модели на итроманштина, преживување, снаодливост, семејна поткрепа и хуманост впакирано на самото дно на општеството каде нагоните за одмазда се помали отколку низ коридорите на моќта.

„Со сета почит Министре, не сте вие тој кој управува. Јас сум тој кој управува”, е една од легендарните пацки на бравурозниот шеф на администрацијата Сер Хамфри упатена кон министерот Хакер. Проследена со објаснение „вашата улога министре е да водите политика, подготвите закони и обезбедите буџет”. Во сржта на тој типичен англиски хумор лежи дискретниот реал-политички опис на поделбата на улогите помеѓу администрацијата како константа и политиката како варијабила. Поедноставено, администрацијата е моторот на движењето и застојот, политиката е хауба, шасија на елеганција или зарѓаност.

На чекор до стодневието на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ со или врз ВЛЕН и ЗНАМ, впечатокот е дека „никогаш немало полош старт на некоја влада” во смисла на значајни пресврти, политички промени, исполнување на ветеното и давањето нов, свеж импулс врз општеството. За некои, владеењето на Мицкоски наликува на десничарски плагијат и екстензија на владеењето на Заев во периодот 2017-20. За други, првото тримесечие е пост-наркозен период на отрезнување од масивните дози на Прозак и Валиум бесплатно делени од Белата Палата. Но тоа се екстерни интерпретации на впечатоците, кои немаат премногу заедничко со интерните мотиви.

Од таа призма гледано, првите сто дена на Мицкоски се повеќе од успешни. Во смисла на остварување на посакуваното, а тоа е освојување на власта по секоја цена и без никакви инхибиции. Стоте дена се само екстензија на изборната победа која трае и ќе трае се до освојувањето на последното катче и дупче „окупирано од другите”. Во тој потфат, Мицкоски може да излезе пред камери и слободно, со полно право и самоувереност потврди дека го исполнува кажаното, ветеното и посакуваното, не оставајќи премногу простор за оспорување. Целта на секоја политичка партија е да победи на изборите, тоа е барем рефрен кој сме имале прилика да го слушнеме од секој политичар во земјата. Мицкоски не е исклучок од тоа правило и можеме само да му честитаме на успешните сто дена.

Влада скроена од „јавноста“ 

Оценките за неговиот и владин целосно неуспешен или ќопав старт се затоа повеќе прашање на впечатоци отколку на оцени. А за тие впечатоци одговорноста не може и не смее да се бара од премиерот, Владата, ВМРО, ВЛЕН или ЗНАМ туку од оние кои ветувањата на Мицкоски ги толкуваа според сопствени интереи или пасии, според сопствени пресметки и очекувања, за кои премиерот не може да биде повикан на одговорност или обвинет. Бидејќи, признале или не, масивната победа на ВМРО-ДПМНЕ не се должи на убедливоста на понудата од Белата Палата туку на хистеричната емотивна манипулација во која главната улога ја имаа медиумите, новинарите, невладините и инает-мотивираните „да цркне козата” граѓани и гласачи.

Карактеристиката на оваа Влада е што таа е всушност првата Влада скроена од „јавноста”, при што самиот премиер и министри се нус-ефект на кампањата во која тие требаше само да климнат со глава кон секоја најглупава, најдеструктивна, најидиотска, најсамозалажлива и пред се најкорумпирана тема или прашање наметнато од „јавноста”. За разлика од Заев кој гостеше уредници, бардови и џандари по скопски кафеани, Мицкоски навреме разбра дека единственото нешто што треба да го направи е да биде сурфер врз бранот на емоции на инаетот и алчност кој доминира во медиумскиот дух на „јавноста”. Оттаму, секоја оценка на таа иста „јавност” за неуспешноста на оваа Влада е всушност проектирање на сопствениот „медиумско-јавносен” дебакл и вина за состојбата во која тие- а не Мицкоски– ја имаат доведено земјата.

Нема да биде прв пат да укажам дека во оваа земја негативниот имиџ на политичарите е неправедно поцрн од оној на медиумите и „јавноста”. Бидејќи, да повторам, смислата и целта на политичарите е да победуваат на избори. Но која е смислата и целта на медиумите и „јавноста”? Да информираат? Секако не е. Да ја едуцираат јавноста? Ги гледаме резултатите. Да прашуваат? Попрво да ги читаат прашањата. Затоа и не ги споменувам новинарите, бидејќи токму оваа предизборна кампања и пост-изборно стодневие ја исцрта разликата помеѓу бизнисот на медиуми, пазарот на „јавности” и дефицит на новинари. Во бизнисот на медиумите немаше простор за вистинско, сериозно преиспитување на предизборните ветувања и најави на Мицкоски. Во јавноста немаше апетит за соочување со реалноста, настрана богатата трпеза со лаги, љубови и солзи за новопечените Ролекс Голтари.

Групна фотографија на членовите на македонската влада предводена од премиерот Христијан Мицкоски
Групна фотографија на членовите на македонската влада предводена од премиерот Христијан МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Отсуството на политиката

Македонија секако не е исклучок на современиот тренд во кој перцепцијата не само што доминира, туку постепено ја истиснува и бледнее традиционалната дефиниција на политиката како активност на носење одлуки и координирање на односите помеѓу групите во едно општество. Впрочем, процутот на автократијата како персонализирана политика е индикатор на подемот на перцепцијата за лидерот на сметка на ерозијата на смислата на партијата сведена на декор или изговор на „парламентаризам”. Спротивно на доминантната перцепција за „насилното наметнување на автократот”, нашите искуства со медиумите (А1), со Собранието (24/12, 27/4), Невладините (Сорос, Зѓоху) потврдува дека сите рушења на парламентарната, либерална демократија се спроведени со доброволие, амин и предводништво на самите бардови, самите парламентарци и самите невладини. Во чии очи единственото битно беше да се сочува фасадата на перцпецијата за нив, но не и љубопитноста и отчетноста за нивната суштина, содржина и смисла.

Оценките за „катастрофалните сто дена на ВМРО” се затоа однапред бесмислени, субјективни и есенцијално контрапродуктивни се додека критички не се осврнеме кон феноменологијата на еуфорично воздигање и хистерично сакатење на партиите од власта од страна на „јавноста”. Дотолку повеќе што истата „јавност” полека се акомодира и шалта во превземањето на „клетата албано-бугарштинска” стратегија од ВМРО и префрлање во вокабуларот на СДСМ, или пак веќе апсурдно прелевање на аргументите на ДУИ во ВЛЕН и копирањето на вокабуларот на ВЛЕН од ДУИ. Вртење во круг со излижани гуми.

Во оваа состојба, несомнено тешка, неподнослива, исцрпувачка и песимистичка, не не донесе политиката, туку токму отсуството на политиката во нејзината вистинска смисла и нејзината субституција и доминација на перцепциите. Оваа состојба на неказнивост не е е диктирана од партиите, туку од колаборационизмот на „медиумската јавност” во шверцерско лепење на еден плакат врз постар плакат на сезонскиот „Педро виновен за се”. Последиците на ова владеење на перцепциите е што општеството е смислено закинато од добивање на вистински одговори на вистински прашање во предизборието, и следствено осудено да на сопствена кожа и празни улици ги чувствува последиците на навреме непредизвиканите и нераскринкани лаги, сега зашеќерени со нова рунда перцепции за „неисполнетите ветувања”. Општеството веќе нема апетит, трпение и доверба да биде водено како слепо куче на јамка од киднапираната „јавност”, од страна на бизнис-медиуми на нафтената индустрија, на црнолистени гангстер-бизнисмени, шверцерски камионџии на партиите и ќејфот на владата кој од нив колку ќе добие за градење црни перцепции за другите и розеви перцепции на себе. Бидејќи, во крајна основа, доколку мисијата на тајните служби е да ја бранат државата, смислата и мисијата на новинарството е да го бранат општеството. А не бизнисите на главниот уредник и директорот на медиумското стопанство.

Архивите на Вашингтон и Брисел 

Стоте дена на Мицкоски се успешни, секоја друга оценка од „јавноста” е пропаганда. За Мицкоски не е проблематична оценката на таквата „јавност”, туку проценката на администрацијата од која зависи и тој, неговата Влада и ние сите. А таа администрација не се наоѓа кат подолу од неговата или канцелариите на неговите министри, туку во администрациите на Сер Хамфри во Брисел и Вашингтон, каде не даваат ама пет пари за неговите оценки или перцепциите на јавноста. Бидејќи, за разлика од кусотрајноста на нашите архиви, Брисел и Вашингтон имаат далеку подлабока, поопсежна, длабинска и детална институционална меморија за нас отколку било која наша „институција и администрација”. Се што можевме да видиме во првите сто дена на владеењето на Мицкоски низ призма на односите со партнерите, е пресликана реприза на немуштите, но јасни пораки "Yes PM Мицкоски, вие не сте тој кој управува, туку ние. Вашата улога, Yes PM Мицкоски, е да глумите политика како претходниците, подготвувате закони како претходниците, а за буџетот ваш ќе решиме ние”. Елем, колку пари, толку повторно горди.

Мудар политичар, сериозен политичар, одговорен раководител и искрен водач, би предводел и инсистирал на брутално и отворено спротиставување и сузбивање на политиката на перцепции ширена и диктирана од корумпирана „јавност” и „бизнисот на медиуми”. Мицкоски, идентично на Груевски, Ахмети, Заев, Црвенковски, претпочита да верува во сопствената пропаганда и со тоа пред проценувачите го разголува сопствениот недостаток на самодоверба и недоверба во сопствените граѓани, следбеници дури. По таа основа барем, не треба да се има никаков сомнеж: Мицкоски е во далеку неповолна и за него критична позиција отколку што Заев беше во 2020, а СДСМ во 2022. Со уште попогубна надеж дека спасот повторно ќе му дојде од итроманските Глупаци и Коњи на општеството.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач