Горчлив „меден месец“ на владината коалиција
21 август 2024Неколку инциденти изминатиот период и го загорчија „медениот месец“ на владината коалиција. Бонусот од првите 100 дена од новата Влада, покрај ветувањата на премиерот Христијан Мицкоски за економски инвестииции, неколку големи проекти и реформи во судството, полека се „троши“ со надмудрување со опозицијата и препукнувања со ДУИ, кои преку политичка платформа бараат заштита на легитимитетот. Но, и со гаснење на пожарот во владината коалиција, која што речиси секојдневно ја заплискуваат инциденти, во коишто еден од главните актери и собранискиот спикер, Африм Гаши, од Коалицијата Вреди.
Политички експерти за ДВ посочуваат дека овие инциденти во владината коалиција се дел од политичкиот фолклор. Тие оценуваат дека сето ова е замајување на вниманието, дефокусирање од многу поважни проблеми со коишто се соочува земјата - како што е корупцијата.
Политички фолклор
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ изминатиот период се обидува да ја смири топката во коалициските редови и да се фокусира на решавање на горливите проблеми во државата. Со пораките „дека никој не е над законите“, владиниот врв се обидува да ја увери јавноста дека нема недопирливи функционери, а истовремено одговорноста за инцидентите ја лоцира на пониско ниво. Опозицијата притиска за расветлување на инцидентите и политичка одговорност на собранискиот спикер Африм Гаши, поради непочитување на процедурите и за одговорност на врвот на МВР.
„Ова е голем скандал кој не значи само тешка злоупотреба на граничниот премин, туку и своеволие, прекршување на законите и потенцијлно направени кривични дела кои допрва треба да се истражуваат. Безбедноста на границите ни е нарушена а граничната контрола целосно суспендирана и ставена под партиска команда на ВЛЕН и ДПМНЕ. Ова е недозволиво и опасно за државата членка на НАТО и одговорност мора да има“, велат од СДСМ.
Дефокусирање од вистинските проблеми
Но, според политичкиот аналитичар Марко Трошановски, секоја опозиција, по секоја цена гледа на неделно ниво да има доза на критики и реакција против владата, колку и да е тоа (не)основано и важно.
„И во таа смисла, дали поминале три или четири возила на граница, се разбира дека станува збор за процедурални правила и проблеми и е нешто што треба да се подобри, но далеку од тоа дека станува збор за сериозни инциденти и скандали. Предизвици има многу, многу посериозни и искрено не би го дефокусирал јавното мислење, ниту општо политичката дебата на оваа тема, бидејќи зад грбот поминуваат многу посериозни прашања во земјата“, вели Трошановски.
Аргументите „за“ и против“ новиот собраниски спикер, партиите ќе можат да ги спротивстават во Собранието на 3 септември, кога по одморите е ставена на дневен ред интерпелацијата за Африм Гаши поднесена од страна на партијата Левица.
„Мислам дека ништо нема да се случи. Тие инциденти се маргинални, ние имаме многу посериозни теми во државата и склони сме кон вакви работи да го трошиме вниманието, додека се одлеваат многу пари низ корупција“, вели Трошановски.
Турбуленции и во коалицијата
Не им тече мед и млеко ниту на коалиционите партнери во власта. Веќе веќе извесно време како испливува на површина судирот меѓу лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски и Коалицијата „Вреди“.
Димитриевски во телевизиско гостување неодамна дури и предупреди дека ќе излезат од владата, откако коалицискиот партнер „Вреди“ истакна албански знамиња во владини простории. Топката меѓу двете партии само привремено се смири. ЗНАМ деновиве повторно ја критикуваше „Вреди“ дека се обидува да ја копира ДУИ и продолжува по истиот терк демонстрирајќи моќ од позиција на власт преку прекршување на законите, откако потпретседателот на владата Изет Меџити „удри“ по нив со квалификации дека се националистичка партија, која има антиалбанска доктрина.
„Не ми се допаѓа нивото на кое комуницира Димитриевски и не би сакал да дискутирам околу тоа. Го потсетувам дека пред три години беше избран со огромен број албански гласови, следната година доаѓаат нови локални избори, па најверојатно повторно ќе му требаат тие гласачи“, порача во средата (20.08) министерот за здравство, Арбен Таравари од Коалициајта „Вреди“.
Трошановски за ДВ вели дека овие препукувања во коалицијата се дел од политички фолклор, затоа што пред се интересот на секоја партија е да ја освои власта по секоја цена и да остане на неа.
„Во таа смисла, без оглед на сегашната ситуација нештата нема да ескалираат до мера која што би значела промена на владиното мнозинство или на коалиционите партнери. Мислам дека и двете партии (Коалицијата Вреди и ЗНАМ) се обраќаат на својот електорат преку овие избори и во таа смисла не верувам дека ќе истапат од коалицијата поради овие случувања“, вели нашиот соговорник.
Кој кого копира
Во однос на острата реторика која што е се поприсутна во албанскиот блок, Трошановски вели: „Очигледно е дека ДУИ ја копира стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ кога беше во опозиција - силен фокус на виктимизација, прикажување на себеси како голема жртва, силен фокус на етничка обесправеност и на агресивна реторика. Таа формула се покажа како доста успешна на среден рок. Имајќи предвид дека следат локални избори наредна година, мислам дека одлуката на ДУИ што се однесува до комуникациоскиот сегмент, е да продолжи во оваа насока и да ги радикализира реторичките настапи“.
Во однос на најавите за есенски сценарија и обиди за дестабилизација во земјата од страна на ДУИ, Трошановски вели дека се реални. „Но,до која мера таа дестабилизација ќе оди не можам да кажам. Поддршка за каква било дестабилизација нема ниту внатре во земјата, ниту од меѓународниот фактор. Но, ќе видиме, секогаш може да се изненадиме. Сепак, станува збор за партија која што беше 20 години во власта и е инфилтрирана во сите институции, има многу финансиски средства со кои може да финансира секакви операции. Така што не ја исклучувам можноста да одат работите во несакана насока“, вели нашиот соговорник.