ДУИ бара ветинг на политичари, судии и олигарси
9 август 2024Демократската унија не се откажува - во пресрет на најавите дека од септември оваа опозициска партија излегува на терен со бројни активности, расте и притисокот за ветинг на политичари, судии, обвинители и олигарси од независноста на Македонија до денес.
„Ги повикуваме политичките партии да се надминат себеси, да престанат со лов на вештерки и замајување на јавноста за политичко дефокусирање и заедно да го усвоиме законот за меѓународно мониториран ветинг за сите наводи од независноста до денес“, велат од ДУИ. Но, според владејачката ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ се свесни дека ќе има одговорност, а протестите и обидите за дестабилизација им се подлога за да можат да вадат членови на улица кога нивните корумпирани функционери ќе треба да одговараат пред институциите.
Најавите за протести следат откако ДУИ не успеа да стане дел од новата владина коалиција и покрај изборниот резултат на 8 мај. Централното претседателство во Мала Речица деновиве ја разгледа платформата на Пол Вилијамс, кој беше ангажиран од интегративците за да изнајде решение за почитување на легитимитетот, по што најавија низа активности на терен.
„Го разгледавме првиот нацрт на платформата за легитимност подготвена од Пол Вилијамс, како и други идеи од експерти од земјата и членови на Централното претседателство на партијата. Расправата за ова многу важно прашање продолжува поради сериозноста на регулирањето на прашањето на легитимитетот. Решивме централната манифестација да ја одржиме на 13 август. Одлучено е и од септември ДУИ со сите свои капацитети да излезе на терен, од Струга до Сопот“, изјави деновиве за ТВ21 потпретседателот на партијата Арбр Адеми.
Ветинг за сите
Партијата се залага за ветинг којшто ќе ги опфати не само политичарите, туку и судиите и обвинителите, бидејќи „ниската доверба во судството е поради партискиот притисок“.
„Демократската унија за интеграција смета дека, за жал, напорите за воспоставување неселективна правда, се до ден денес, потфрлија. Сето политичко интерферирање не донесе до 2% доверба на судството поради партискиот притисок во сите години од независноста, од страна на македонските политички партии, кој што продолжува и денес со цел воспоставување селективна правда по партиски терк“, велат од ДУИ.
„Со протести се брани криминал“
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, порачаа дека го прочитале сценариото на Демократската унија за интеграција (ДУИ), кои, според нив, со протести сакаат да ги бранат функционерите кои треба да одговараат за криминал.
„ДУИ знае дека треба да дадат одговори за сите матни тендери, за Лотарија, за подизведувачите на патиштата, за ‘Соравија’, за отпишаниот долг на синот на Муса Џафери. ДУИ се свесни дека ќе има одговорност, а протестите и обидите за дестабилизација им се подлога да можат да вадат членови на улица кога нивните корумпирани функционери ќе треба да одговараат пред институциите“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева вели дека.ДУИ е незадоволна од тоа што е во опозиција со месеци прави потези кои имаат за цел да финализираат со дестабилизација, но изјавата на Христијан Мицкоски ги осуетила нивните планови. Премиерот во неколку наврати изминативе денови рече дека има план за дестабилизација на земјата, зад којшто стои ДУИ.
Митева го повика СДСМ да не молчат и да не се кријат и да кажат дали ги поддржуваат ДУИ во идејата за дестабилизација на државата.
„ВМРО-ДПМНЕ од првиот ден е во тајна коалиција со ДУИ кои им обезбедија гласови за новите министерства без кои не можеа да состават Влада. Марија Митева треба да го праша Мицкоски и да каже која е цената и што се крие зад договорите кои ги направиле со ДУИ. Треба да каже дали овие манипулации за плашење на граѓаните се дел од тие договори“, возвратија од СДСМ.
Прашина во очите на јавноста
Реагираа ид од Коалицијата „Вреди“. „Со оглед на фактот дека опозициската ДУИ сака да фрла прашина во очите на јавноста со предлози за меѓународен ветинг на сите политичари во изминатите 30 години, Вреди го реафирмира својот предлог за вистинска борба против политичка корупција.
„Ние сме генерација политичари која не млати празна слама, туку преминува на дела. Доколку ДУИ навистина сакаше да се справи со политичката корупција имаше цели 22 години власт да преземе конкретни чекори. Напротив, ова инкриминирано раководство на ДУИ иницираше срамни измени на Кривичниот Законик за амнестија на бројни случаи на политичка корупција“ изјави портпаролот на Коалицијата Вреди, Фари Хисени.
Според него, целта на Вреди е да се изгради уставен механизам којшто ќе ги адресира сите избрани и именувани функционери во законодавната, извршната и локалната власт, кои со незаконски обавување на службена положба стекнале противправна имотна корист. Политиката не смее повеќе да биде најпрофитабилен бизнис, вели Хисени.