Ветинг - стара песна во нов аранжман
23 ноември 2022Ветинг, сеопшт ветинг, ветинг во судството и обвинителството, ветинг од локалната до централната власт. Првиот вицепремиер Артан Груби, а потоа и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, деновиве во повеќе наврати јавно повикуваат дека без ветинг не може да се има успех во борбата против криминалот и корупцијата.
„Имаме заедничка цел да застанеме заедно во борбата против криминалот и корупцијата и соединети во иста цел - за еден сеопфатен ветинг, како во законодавната, така и во извршната и судската власт“, повтори Ахмети пред медиумите и на вчерашното одбележување на Денот на албанската азбука.
Ваквите заложби кои ја одбележаа и цела 2019 година и почетокот на 2020-тата, а не се реализираа, сега повторно се вратија на политичката сцена, поради препознатливи мотиви.
„Барањето ветинг е обид со ‘нов снег’ да се покрие претходното. Секогаш кога ќе се најдеме ‘избербатени’, посегаме по големи пароли“, изјави за ДВ Драган Малиновски, поранешен член на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
Алузијата е јасна, со оглед дека конкретен повод за повикот за ветинг беше изјавата на амбасадорката на САД, Анџела Агелер, околу изборот на Ислам Абази за шеф на ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, и одредени индиции за негови врски со претставници на ДУИ.
„Ние, во Амбасадата на САД, секако дека резултатите ги сметаме за збунувачки, особено откако во изминатите години потрошивме милиони долари на обука на обвинители и други во правосудниот систем“, одговори Агелер на прашање на „360 степени“.
Но, од изјавата е евидентно дека избор по мерит систем се очекува во сите институции, а не само во правосудството.
„Граѓаните на Северна Македонија заслужуваат независен правосуден сектор во кој позициите се пополнуваат по заслуга и квалитет (по мерит), низ транспарентни процеси, без разлика дали се во обвинителство, судство или која било друга јавна институција“, се вели во одговорот на амбасадорката Агелер.
Во партискиот кампус каде владее ставот „Нашето сонце изгрева на Запад“ (Груби), оваа изјава од амбасадата на САД го вклучи алармот. Ахмети, изјавата на американската амбасадорка ја оцени како „принципиелна“ и рече дека борбата против криминалот на корупцијата мора да биде бескомпромисна.
И сега има механизмими за проверка
Дали ветингот што го предлага ДУИ е единствено решение за проблемите? Според Малиновски, и сегашната регулатива може да обезбеди избор со интегритет.
„Ветингот треба да открие нешто што е непознато. За работи кои се очигледни не е потребен ветинг. Ние треба да се држиме до оној стандард кој веќе го имаме во постоечката регулатива и кој може да обезбеди пристоен интегритет во функционирањето. Во судството има методологии за оцена на судиите. И Законот за спречување на корупцијата има механизми за следење на имотната состојба, со тоа што треба да се зајакне капацитетот на ДКСК со поврзување со бази на податоци. И несовршен закон може да се компензира со избор на кадри со интегритет и капацитет. И обратно, и совршен закон може да не даде никаков ефект ако е искомпромитиран од човечки фактор кој го спроведува законот без интегритет и капацитет“, вели поранешниот член на ДКСК.
Токму изборот на членови на ДКСК стана пример како може да се воспостави транспарентен и ефикасен филтер, кој исклучува можност за политички и други влијанија.
„Не случајно, кога го подготвуваме Законот за спречување на коруцијата и судирот на интереси, половината од времето го посветивме на утврдување на моделот како да се избираат претседател и членови на ДКСК. Тој модел на избор треба да се преслика и во други иституции“, сугерира Малиновски.
И вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, при завчерашната работна посета на ДКСК посочи дека Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси усвоен во 2019 година, нуди најтранспарентен начин на избор на членови на Комисијата и тој начин на избор треба да биде пример за избор на членови на другите институции.
Според правни експерти, сите овие механизми се многу полесно применливи во пракса, за разлика од процес на ветинг, кој е сложена и обемна постапка и може да трае и многу подолго од еден политички мандат, период во кој нема брзо да се дојде до опипливи резултати, како што покажаат комаративни искуства од други земји.
Веќе видено
Претходните заложби на ДУИ за ветинг не беа успешни. СДСМ и ДУИ во 2019 јавно декларираа дека се за ветинг- темелна и опсежна проверка на судиите и обвинителите, но, процесот не се помести подалеку од изјави. Од СДСМ образложија дека за воведување целосен ветинг се прават консултации со европските партнери, а во меѓувреме, се заложија за спроведување на т.н. мек ветинг врз основа на имотна состојба, односно ДКСК да го провери имотот на судиите, а Судскиот совет да разрешува случаи каде што има несовпаѓање. Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваа дека се „за“ ветинг, но не само за судиите, туку и за политичарите. На 31-ви јануари 2020 година пратеничката група на ДУИ до парламентот поднесе предлог-закон за ветинг на лицата кои се носители на јавни функцииво законодавната, извршната и судската власт, кој предвидуваше да се формира Агенција што ќе ги контролира сите актуелни носители на јавни функции, но и сите тие што ќе се кандидираат. Бидејќи предлогот беше поднесен десетина дена пред распуштање на Собранието (заради закажани избори), опозициската ВМРО-ДПМНЕ тој потег го оцени како несериозен. Од Алијанса за Албанците го оценија како смешен затоа што е поднесен од ДУИ, а Беса се изјаснија дека вистинскиот ветинг треба да го направат граѓаните на избори. По неуспехот на иницијативата, единствениот ветинг за кои ДУИ тврдеше дека успешно го спровела, бил внатрепартискиот, реализиран во две фази. Првата фаза била целосна пререгистрација на членството за што бил користен механизмот на ветинг и поради што дел апликации за членство биле одбиени, и втора фаза во која сите кандидати за пратеници биле подложени на ветинг.
Поранешниот министер за финасии, Џевдет Хајредини, во сегашните најави за ветинг ја гледа истата „реприза“ од партијата која е најдолго на власт.
„Не е првпат Али Ахмети се обидува повторно, сопствената одговорност за криминалот и корупцијата да ја избегне со барање сеопфатен ветинг во земјава. Притоа се повикува на некој ветинг кој наводно некогаш е спроведен во ДУИ, без да кажат кога, каде и како е спроведен и кои биле резултатите. Тој ако сака(л) ветинг, бидејќи е на власт, веднаш нека предложи закон и со итна постапка нека се донесе. Чудно е што неговиот повик за ветинг сериозно не го третира ниту премиерот Ковачевски“, изјави Хајредини за ДВ.