Ковачевски најавува кратење на функционерските плати
18 октомври 2023Функционерските плати коишто изминатиот период предизвикаа лавина реакции и беа иницијална каписла за серија протести во Северна Македонија, сепак ќе се кратат. Премиерот Димитар Ковачевски, седум месеци по стапувањето на сила на одлуката на Уставниот суд со што платите на функционерите рипнаа за 78 проценти, најавува дека за недела - две ќе се изнајде друго поприфатливо решение. Засега нема информации за колку би можеле да се намалат платите, ниту од кога би стапила на сила оваа промена.
Работна група
Вицепремиерите и министрите на владина седница во вторникот (17.10) дискутирале за неколку варијанти како да се намалат функционерските плати, но не донеле конечна одлука. Ковачевски не присуствуваше на седница, бидејќи беше на пат во Тирана.
Премиерот денеска при посета на фабриката Вива рече дека Владата формирала работна група од министри која треба да изработи решение за платите на функционерите, а коешто нема да „падне“ на Уставен суд.
„Носење на решение кое го прекршува системот за плати во јавниот сектор ќе значи веднаш реакција. Отворена е дискусија како треба да изгледа моделот. Министрите ќе работат за да дојдат до решение, со цел да се постигне усогласување на платата на поприфатливо ниво, а истовремено да биде издржливо. Во наредните недела или две, ќе излезат со решение кое ќе биде на седница на Влада, па потоа ќе биде испратено во Собрание“, изјави Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање.
Тој претходно во неколку наврати пред новинарите изјавуваше дека платите на 44 членови на Влада, градоначалници, пратеници, судии, обвинители,... претходно биле замрзнати противуставно и противзаконски. На тој начин се дошло до ситуација министер за финансии и претседател на држава да имаат пониска плата од секретарка во АЕК или директор на јавно претпријатие, што е недозволиво.
Заштедените пари за антикризни мерки
Вицепремиерот Фатмир Битиќи деновиве рече дека заштедените пари ќе се користат за антикризни мерки. „Да направиме поправедно решение и секако да ослободиме дел од средствата кои, ако се изгласа тој закон ќе бидат за антикризни мерки за најранливите категории“, рече Битиќи.
Од 21 март со одлука на Уставниот суд пратениците, судиите, обвинителите, избраните и именуваните функционери, градоначалниците, директорите на разни фондови, агенции и државни фирми имаат зголемена плата до 78 проценти.
Освен министрите, поголеми плати имаат и претседателот на државата, судиите, обвинителите, пратениците, градоначалниците, директорите на државните и на јавните претпријатија...