1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почина милијардерот Мохамед Ал Фајед

Кристијан Валц
2 септември 2023

Египќанецот Мохамед ал Фајед беше успешен бизнисмен во Велика Британија. Сепак, името Ал Фајед секогаш ќе се поврзува со трагедијата околу смртта на принцезата Дијана.

https://p.dw.com/p/4VsSk
Мохамед Ал Фајед
Мохамед Ал Фајед поголемиот дел од својот живот го помина во Велика БританијаФотографија: Joel Ryan/Invision/AP/picture alliance

Почина поранешниот сопственик на лондонската луксузна стоковна куќа „Херодс“ и фудбалскиот клуб Фулхам ФЦ, Мохамед Ал Фајед. Египетскиот бизнисмен починал мирно на 30 август „од старост“, соопшти неговото семејство. Милијардерот имаше 94 години.

Мохамед Ал Фајед беше познат и по врската на неговиот најстар син Доди Ал Фајед со британската принцеза Дијана. Двајцата загинаа на 31 август 1997 година во сообраќајна несреќа во Париз.

Империјата на Мохамед Ал Фајед го вклучуваше и парискиот хотел Риц, од кој Дијана и Доди тргнаа пред да доживеат несреќа додека бегаа од папараците. Мохамед Ал Фајед никогаш не ја преболе смртта на својот син. Од самиот почеток, претприемачот постојано ја повторуваше теоријата на заговор дека Доди и принцезата биле убиени со учество на британската тајна служба.

Мохамед Ал Фајед е роден во јануари 1929 година во предградие на египетскиот град Александрија. Својата професионална кариера ја започнал како продавач на лимонада. Подоцна се сретнал со трговецот со оружје од Саудиска Арабија, Аднан Кашоги. Мохамед Ал Фајед се оженил со неговата сестра Самира, а од врската се родил синот Доди.

Мохамед Ал Фајед поголемиот дел од својот живот го помина во Обединетото Кралство. Но, и покрај повеќе обиди, никогаш не доби британско државјанство. Зад себе ја остави сопругата Хајни Ватен и нивните четири деца.