1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лејди Ди: Битка за оставината на „кралицата на срцата”

Кристоф Мејер | дпа
31 август 2022

Четврт век по трагичната смрт на принцезата Дијана, нејзините синови Вилијам и Хари се борат за тоа кој ќе го преземе нејзиниот примат како „кралица на срцата“.

https://p.dw.com/p/4GFsM
Принцезата Дајана со Вилијам и Хари
Принцезата Дајана со Вилијам и Хари (архивска фотографија)Фотографија: picture-alliance/dpa/PA Keene

Уште кога принцот Вилијам и неговиот помал брат, принцот Хари, пред околу една година го поставија споменикот во чест на нивната покојна мајка, можеше да се воочи одредена дистанца меѓу синовите. Се чинеше како да избегнуваат да се погледнуваат в очи и како да се трудат да разменат што помалку зборови.

Принцезата Дијана настрада на 31 август 1997 година, кога имаше само 36 години. Загина во сообраќајна несреќа, возилото беше уништено во париски тунел при бегство од папараците. Но, нејзините два сина, кои трагичната судбина со години ги правеше неразделни, со текот на времето се отуѓија. И, сега се борат за нејзината оставина како „кралица на срцата“.

Вилијам и Хари се борат за тоа кој ќе го преземе приматот на нивната мајка како „кралица на срцата“
Вилијам и Хари се борат за тоа кој ќе го преземе приматот на нивната мајка како „кралица на срцата“Фотографија: Getty Images/C. Wigglesworth

„Таа нѐ чува“

Тоа стана сосема јасно во едно интервју на Хари, кој во меѓувреме живее во Калифорнија, дадено за американската телевизија Ен-Би-Си минатата пролет. Хари рече дека во последниве две години поинтензивно од кога било досега по нејзината смрт, го чувствува присуството на неговата мајка. И додаде дека дури има чувство оти таа му била многу повеќе посветена нему отколку на Вилијам.

„Тоа беше некако како да си ја завршила задачата со брат ми, па сега првенствено ми помагаше мене“, објасни Хари, зборувајќи во контекст на своето семејство односно за своите деца, тригодишниот Арчи и едногодишната Лилибет. „Таа нѐ чува“, рече Хари и додаде дека е сигурен оти таа е горда на него.

Кон крајот на оваа година Хари ја продолжува медиумската офанзива со најавената објава на своите мемоари, во кои сака да открие детали за растењето на кралскиот двор. Се очекува дека важна улога во мемоарите ќе има и смртта на мајка му. Самата најава дека ќе објави мемоари за неговите сеќавања не е добар знак за и онака лошиот однос на Хари со останатиот дел од кралското семејство.

И принцот Вилијам видно се труди да тргне по стапките на својата покојна мајка, која додека беше жива го доби прекарот „кралица на срцата“, жена која на сосема друго ниво и на поинаков начин се грижеше за отфрлените и стигматизирани членови на општеството. Во пресрет на својот 40 роденден, кој го прослави годинава, Вилијам еден цел ден го помина на улица во Лондон и го продаваше весникот што го продаваат бездомници.

„Уште откако дојдов овде со мајка ми, бездомништвото е проблем, проблем против кој сакам да се борам. Сторив сѐ што можев за да го привлечам вниманието на јавноста за ова, а сакам да сторам уште многу повеќе,“ рече тој во врска со посетата на еден дом за бездомници во 1993 година, кога беше во придружба на мајка му.

Принцот Вилијам видно се труди да тргне по стапките на својата покојна мајка
Принцот Вилијам видно се труди да тргне по стапките на својата покојна мајкаФотографија: Imago/Starface

Хари го диктира темпото

Но, Хари го диктира темпото. Кога минатата година со неговата сопруга Меган дадоа опширно интервју за познатата американска водителка Опра Винфри, успеа дури и да воспостави поврзаност меѓу судбината на неговата мајка и неговото раскрстување со кралското семејство.

„Не можам ни да замислам како ѝ било кога морала сите тие години сама да поминува низ сето тоа. Бидејќи за нас двајцата тоа беше неверојатно тешко, но барем си се имаме еден со друг“, рече тогаш Хари за себе и сопругата. Двајцата пред речиси две години го напуштија кралскиот двор. Поедноставно кажано - си дадоа „отказ“ на работното место.

Принцот Хари и Меган дадоа опширно интервју за Опра Винфри
Принцот Хари и Меган дадоа опширно интервју за Опра ВинфриФотографија: Harpo Productions/Joe Pugliese/REUTERS

Но, Крег Прескот, професор по британско уставно право во велшкиот град Бангор и човек кој важи за особен познавач на аристократските кругови, смета дека таквата споредба е депласирана. Тој вели дека Дијана сериозно и свесно добро си ја сфаќала својата (работна) задача во кралското семејство.

„Ми се чини дека на Дајана особено ѝ беше важно да биде член на семејството, и тоа член кој ревносно си ги исполнува должностите и тоа непосредно до крајот,“ изјави Прескот за агенцијата ДПА. Тој додава дека дури било планирано и таа да биде крунисана како кралица и покрај разделбата со Чарлс.

Сето тоа се променило по нивниот развод во 1996. Поводот очигледно е интервјуто на Би-Би-Си, една година претходно, во кое Дијана зборуваше отворено за сè. Изјави дека имала чувство дека во контекст на медиумскиот притисок била оставена на цедило од кралското семејство, дека се чувствувала бескрајно саботирана откако се разделиле со Чарлс и дека целно се работело на уништување на нејзината репутација:

„Бевме тројца во тој брак, па затоа беше малку тесно“, изјави таа во контекст на аферата која нејзиниот поранешен сопруг ја имаше со Камила Паркер Боулс. Потоа следеше и разделбата. Се шпекулираше дека тогашната легендарна телевизиска „пресметка“ на неговата мајка го охрабрила и Хари да излезе во јавноста. Но, тука има една голема разлика.

Принцезата Дијана во разговор со Мартин Башир од Би-Би-Си, 20 ноември 1995 година
Принцезата Дијана во разговор со Мартин Башир од Би-Би-Си, 20 ноември 1995 годинаФотографија: empics/picture alliance

Жртва на манипулација

Повеќе од 25 години по интервјуто на Би-Би-Си се покажа дека Дијана била жртва на манипулација. Репортерот Мартин Башир презентираше фалсификувани извештаи од банкарски сметки кои требаше да докажат дека принцезата Дијана ја шпионирале луѓе од нејзино опкружување. Дијана, за која имаше гласини дека е параноидна и дека во сѐ гледа заговор против неа, во ова виде потврда на своите тези – и си ја отвори душата на телевизија.

Вилијам е уверен дека без тие измами неговата мајка никогаш не би го дала тоа интервју. Тоа придонело и за „значително влошување“ на односите меѓу неговите родители, рече принцот Вилјам откако минатата година беа објавени резултатите од истрагата за тој случај. Измамничкиот начин на кој воопшто дошло до тоа интервју значително влијаело и на сето она што тогаш го кажала неговата мајка, вели постариот син на Дајана. Тој во моментов е број 2 во редот на потенцијални престонаследници, по неговиот татко.

Има една работа за која двајцата браќа се согласни – и Вилјам и Хари отсекогаш биле уверени во тоа дека за смртта на нивната мајка не е виновен тогашниот пијан возач, туку медиумите кои, како што велат, постојано ја прогонуваа. Но, има значителна разлика во нивните проценки за тоа колкава улога во несреќата одиграло кралското семејство.

- повеќе: Лејди Ди - бесмртна икона и во Германија

Број 13

Ако се земе предвид популарноста на двата принца кај британското население, тогаш Вилјам има значителна предност пред Хари во трката да го преземе наследството на „кралицата на срцата“, односно да биде наследник на Дијана. Според резултатите на Институтот за истражување на јавното мислење ЈуГов, тој во моментов е најпопуларниот член на кралското семејство – по кралицата Елизабета и неговата сопруга, војвотка Кејт. Хари е дури на 13. место.